На една од страниците на книгата ќе наидете на цвет од хартија. Во него има семиња од петунија и пркос и треба само да ги засадите во саксија или во двор и редовно да полевате. За неколку дена од него ќе изникнат вистински цвеќиња
ЗЕЛЕНА СТРАНИЦА
Сите знаеме дека децата растат со многу љубов, добро воспитување и здрава храна. Дали сте помислиле дека може да постои и книга што расте? Книгата со наслов „Еко-дете-чувари на природата“ е малечка по формат и обем, но со голема еколошка порака и плус таа расте на еден посебен начин.
Станува збор за илустрирана книга за деца направена од рачно изработена рециклирана хартија. Читајќи ја оваа мала и симпатична книга, на една од страниците ќе наидете на цвет од хартија. Во тој хартиен цвет има семиња од петунија и пркос. Треба само да го засадите во саксија или во двор, да го прекриете со тенок слој земја и редовно да полевате со вода. За неколку дена од него ќе никнат вистински цвеќиња. Интересно, нели?
Песничката во сликовницата пее за еден еко-херој Мете, кој е еко-дете, и како тој му помага на својот другар и тој да стане чувар на природата. За да се биде чувар на природата, треба да се штедат вода и струја, да се рециклира, да се садат дрвја и цвеќиња…
Со многу љубов сликовницата ја сработија авторката на проектот, дизајнерка и илустраторка Јасмина Главинче, поетот Филип Димкоски, Ненад Ѓорѓиевски Тонкин, педагог, и дизајнерката Магдалена Филипова.
Сликовницата е поддржан проект од страна на фестивалот на креативни индустрии „Скопје креатива – 2018“.
Приказната за еко-дете продолжува по својот пат во други проекти, за сѐ повеќе да се рашири до секое дете, па и до секој возрасен човек да допрат пораките и да се разбуди и поттикне еколошката свест.