Пораки за другарчињата од ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ – Кисела Вода од учениците од ООУ „Тихомир Милошевски“, Ново Село, Ѓорче Петров – Скопје
На наше големо задоволство, веќе има позитивни реакции на нашиот повик до сите основни училишта во земјава да им испратат по пошта литературни и ликовни дела на соученици од други училишта. Со овој чекор ќе се родат нови пријателства и соработки.
Минатата недела добивме писмо во нашата училишна пошта дека веќе полни пликови со творби меѓусебно си испратиле учениците од скопските основни училишта: ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ во скопската општина Кисела Вода и „Тихомир Милошевски“ од Ново Село, Ѓ. Петров, чиј дел ќе ви претставиме во овој број, бидејќи некои од нив беа инспирирани од празникот Велигден.
Инаку, овие две училишта соработуваат преку училишните библиотеки, па за реализацијата на проектот беа задолжени: стручната соработничка м-р Маја Трајковиќ од „ООУ „Н.Г. Дуња“ и стручната соработничка библиотекарка Душанка Трпевска од ООУ „Т. Милошевски“ од Ѓорче Петров.
Се надеваме дека до крајот на учебната година ќе има уште многу вакви убави примери.
Ти посакувам среќа
Ти посакувам среќа да те грее,
па така лицето твое секогаш да се смее.
Ти посакувам радост во срцето да имаш
и секогаш само пофалби да примаш.
Ти посакувам корпа полна со среќа
и успех и здравје една полна вреќа.
Ти посакувам многу предизвици
и знаење со мене да делиш.
Изработил: Карло Костоски 6-б одделение
Велигден
Ај кокошко стани
јајце едно снеси,
за да може мама
колачи да меси.
Секој ден ќе минам,
јајца јас да барам,
за да соберам повеќе
и почнам да ги шарам.
Да подарам по едно,
на секој што ме сака
и тоа нацртано
со мојата рака.
Изработила: Меланија Трпевска 6-б одделение
Желба
Помина година една
која за спомен не е воопшто вредна.
Пандемијата нѐ навјаса сите
и тажно ни поминуваат дните.
Клупите останаа празни,
а лицата на децата тажни.
Ја нема дружбата трајна,
а смеата премина во тага бескрајна.
Посакувам другарчиња мои
виножито во сите бои.
Да се вратиме во училиште мило,
како ништо од ова да не било!
Да запееме сите наглас,
сплотени во нашиот клас.
Посакај и ти другарче мое,
со целото срце твое!
Изработил: Андреј Серафимов 8-б одделение
Пријателство
Единствениот начин да имаш пријател е да бидеш пријател. Пријателството подразбира праведност и чесност, среќа и радост, надеж и верување… За пријателството велат дека е најголемото богатство, скапоцен дар и, да, навистина е така. Секогаш нѐ предупредуваат за скршено срце од партнер, но никогаш за она од пријателите.
Велат дека пријателството е бајка, речиси секогаш со среќен крај. Затоа пријателството треба да го негуваме како цвеќе, но и да внимаваме, бидејќи неговите ливчиња паѓаат секогаш кога пријателот ќе нѐ разочара.
Светот е полн со луѓе што се злобни и итно му се потребни пријатели. Ако си вистински пријател, треба да застанеш цврсто и да се бориш тогаш кога е најтешко, да бидеш светлина во темнината. Но пријателството треба и да се храни, но не со болка, омраза, тага и повредување, туку со љубов и простување.
Изработила: Ведрана Комненова, 8-в одделение