Сестричките ни испратија прекрасен цртеж, преку кој на своите другарчиња во земјава им порачуваат да седат дома како превенција од коронавирусот, за да не се изложуваат на непотребни ризици и опасности
Во овие тешки денови за Италија, која секојдневно со сѐ поголеми напори и жртви се бори против епидемијата на коронавирусот, и голем број македонски семејства, кои во потрага по подобра егзистенција живеат во оваа држава, се во домашна изолација, трпеливо чекајќи подобри денови.
Нашинците Катерина и Златко Московски живеат во Пјаченца, но последниот месец не излегуваат од својот дом и децата не одат на училиште, поради актуелната состојба со коронавирусот. Ни рекоа дека засега се добри и оти строго се придржуваат кон пропишаните мерки. Се грижат за своите три ќерки, Ана, Сара и Клара и се надеваат дека наскоро ќе ѝ дојде крајот на оваа мачна ситуација, која им го смени животот на милиони луѓе во светот.
– Се придржуваме строго кон препораките за седење дома и излегуваме еднаш на неколку дена да ги купиме основните прехранбени и артикли за хигиена. Девојчињата учат од дома и имаат секојдневни обврски. Секоја недела на нашата адреса стигнуваат едукативни материјали. Малку им е здодевно, бидејќи ги немата секојдневните училишни обврски, не одат ниту на гимнастика и курс по англиски, не играат надвор со децата. Ете, токму деновиве Ана требаше да оди на натпревар по гимнастика, но здравје, сѐ да биде добро ќе има и други пригоди – вели мама Катерина Московска.
Таа дополни дека иако има обврски со третата ќерка, бебето Клара, таа со сопругот Златко постојано наоѓа начини изолацијата да не им падне тешко на нивните поголеми деца.
– Постојано наоѓаме нови игри, цртаме, боиме, гледаме заедно телевизија, комуницираме со нашите најблиски во Македонија преку интернет и се надеваме дека сево ова наскоро ќе помине. Девојчињата сега, кога се дома, повеќе ми помагаат во кујната, па заедно правиме кифлички, торти и колачиња – вели Катерина.
Нејзината најстара ќерка Ана оди во четврто одделение во училиштето „Амичис“ во Пјаченца, средната Сара, која има 6 години, е прваче во истото училиште, а бебето Клара има 8 месеци.
– Сите периодов живеат со поинаков ритам, па и Клара, која беше научена секој ден да оди на прошетка, но сега постојано сме дома, па затоа е многу нервоза и едвај ја успивам. Не е лесно, но знаеме дека само ако останеме дома ќе го победиме вирусот. Посакувам да останеме психички силни, па здравје летоска, живи и здрави да дојдеме во нашата прекрасна Македонија – ни рече Катерина.
А Ана и Сара ни испратија прекрасен цртеж, преку кој на своите другарчиња во земјава им порачуваат да седат дома како превенција од коронавирусот, за да не се изложуваат на непотребни ризици и опасности.
Неканет гостин
Деновиве стигна
во целиот свет
тој неканет гостин-
опасен и клет.
Па сега насекаде
ѕвонат сите ѕвона,
дека кај нас дошол
вирусот корона
На децата игрите
веднаш им ги скрати,
градинки, училишта –
затворија врати.
Зимата си отиде
топло сонце светна,
се вратија птиците –
и пролетта цветна.
Со сапун и вода
секој прави нега,
вирусот корона-
мора да си бега.
Наум Попески