Креативен повик на „Колибри“: Учениците од ООУ „Кирил Пејчиновиќ“
– Скопје им го возвратија поздравот на врсниците од скопското ООУ „Круме Кепески“

Драги деца, и во овој и во наредните броеви ќе ви ги претставиме литературните и ликовните творби што ученици од едно училиште им ги праќаат на врсниците на друго училиште, со цел да воспостават соработка и пријателство, поттикнати од креативниот повик на „Колибри“.
Прочитајте што им порачаа учениците на ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ на другарчињата од ООУ „Круме Кепески“.
„Почитувани другарчиња од ООУ ’Круме Кепески‘,
Со задоволство го прифаќаме вашиот предлог поттикнат од повикот на рубриката ’Колибри‘, крајот на оваа пандемиска година да го претвориме во другарување, соработка и креативност. Ги добивме вашите прекрасни литературни и ликовни творби и Ви возвраќаме со наши творби создадени од срце и со желба да имаме другарување и соработка и следната учебна година.
Творбите ги сработивме со нашите наставнички по македонски јазик Александра Ѓуровска и Антониета Ѓорѓиевска.
Вашите другарчиња од ООУ ’Кирил Пејчиновиќ‘ во Скопје“.
Во продолжение ви ги претставуваме литературните творби на младите таленти на темата „Другарство“.


Другарство

Кога ти е најтешко пријателот
ти подава рака,
се обидува да те утеши, да ти помогне,
ти вели да ја споделиш твојата мака,
затоа што и тој другарство сака.

Дали сакаш да споделиш тага
или пак среќа,
пријателот е секогаш тука до тебе
за да те слуша.
Ти помага, те поттикнува, те бодри,
те прави никогаш во душата да не почувствуваш суша.

За добра забава, смеа или сказна
секогаш прифаќа покана,
но што и да се случи, не те остава сам
тој е со тебе, па дури и кога си под казна.

И денес, како возрасен, кога сакаш да ја споделиш радоста,
тој е тука до тебе како и во младоста.

Ана Пиштолова, 8-б одделение
ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ – Скопје
ментор: Александра Ѓуровска


Другарот секогаш треба да се сака

Другарот вистински се сака,
другарството треба да биде интересно и без мака.
Со другарот треба да сакаш работи исти
и секогаш да бидеш со мисли чисти.

Другарството не познава
ниту раси ниту бои,
другарот секогаш до својот другар стои.

И во добро и во мака
другарот секогаш треба да се сака.

Со другарите ние сѐ делиме
и секој ден заедно се веселиме.
Постојано среќно се смееме
и во парк песни пееме.

Другарството треба вечно да трае,
да се чува и негува за долго да сјае.
Јосип, Алберт, Матеа, Марко, М
артин и Тео,
се другарите мои,
но сите ние можеме да бидеме
и другари твои.

Филип Демјански, 8-г одделение
ментор: Александра Ѓуровска


Тајна цел живот што се чува

Другарството е
апстрактна слика спомени што буди,
маалска игра е тоа со трикови луди.

Другарството е
одеднаш исчитана книга или песна,
тоа е мирна птица или бубачка бесна.

Другарството е
тајна цел живот што се чува,
и јужен ветер од север што дува.
Другарството е
јазик што целиот свет го збори,
тоа е пламен над морето што гори.

Другарството е
разнобоен редок цвет,
и желба исполнета во лет.

Другарството е
црвено јаболко зрело

и секогаш тоа се докажува со дело.

Другарството е
бесплатен дар и секој може да го има,
тоа постои секаде и во лето и во зима.

Дафина Гилевска, 8-а одделение.
ментор: Александра Ѓуровска


Подадена рака

Другарство е кога другар со другар се сака
и во неволја подава рака…
Другарството е секогаш искрено пријателство
во тага и во мака…
Добрите другари никој не може да ги скара
тајни меѓусебно си кажуваат,
кога е потребно и помош си даруваат.

Иван Мирчевски, 8-г одделение
ментор: Александра Ѓуровска


Во името на другарството

Во името на другарството
другарувам и подарувам,
a тоа со добро ми се враќа,
зашто другарството
и нас нѐ сака.
Во името на другарството
песни за него пишувам јас,
нели треба да ми се возврати
за час!

Дањел Кристо, 8-б одделение
ментор: Александра Ѓуровска


 

Вредностите на вистинското другарство

Другарството е дарба на животот и една од најзначајните животни врски. Вистинското другарство зависи од верноста и поддршката што си ја даваме меѓусебно. Добар другар е личност што ќе остане со нас кога предизвиците ќе бидат навистина неочекувани. Во денешно време другарството наликува на вистинска реткост. Сè зависи од тоа како ги одбираме нашите другари. Изборот на вистински другар во нашиот живот може да биде предизвик. Вистинските другари секогаш ќе нѐ водат на вистинскиот пат.
Искреноста на другарството е неопходна за нашето дружење. Вредностите на вистинското другарство остануваат долго време. Кога имаш сигурен другарски круг се чувствуваш среќно, самоуверено, бестрашно…
Општо земено, ние се приврзуваме со луѓе што се на слична возраст како нашата. Истата возраст може да ни овозможи да споделиме работи од заеднички интерес. Другарството е врска што може да се склучи или раскине во секој период од животот. Сепак, тоа е скапоцена вредност. Не е едноставно да се грижиме за другарствата. Тоа ги бара нашето време, искреност и лојалност. Без другари е тажно, другарството е важно, ајде, ајде да се дружиме.

Мила Ѓорѓиевска, 8-б одделение
ментор: Александра Ѓуровска