Креативен повик на „Колибри“: Учениците од ООУ „Круме Кепески“ со свои творби ги поздравуваат врсниците од ООУ „Кирил Пејчиновиќ“

Драги деца, и оваа недела нѐ израдувавте со убави детски творби, ваш одговор на креативниот повик на „Колибри“. Овој пат учениците на ООУ „Круме Кепески“ испратија свои песни и раскази за другарството до врсниците во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, и двете од Скопје.
Еве го и писмото со кое ги поздравуваат:
„Почитувани другарчиња од ООУ ’Кирил Пејчиновиќ‘,
Поттикнати од предлогот на весникот ’Нова Македонија‘, односно повикот на прилогот ’Колибри‘, крајот на оваа пандемиска учебна година да ја претвориме во другарување, соработка и креативност, ние, Вашите другарчиња од ООУ ’Круме Кепески‘, Ви испраќаме детски литературни и ликовни творби преку кои ја изразуваме нашата желба за другарување и заемна соработка.
Се надеваме дека идната учебна година нашата соработка и другарување ќе бидат со физичко присуство, бидејќи нам децата најмногу ни недостигаат детските игри и другарувања. Ви посакуваме добро здравје и успешна учебна година.
Вашите другарчиња од ООУ ’Круме Кепески‘“.
Проектот го водеше Татјана Пеливанова, професорка по македонски јазик, во соработка со колешките по македонски јазик, Валентина Т. Стаматовска и Билјана С. Дивјаковска, како и со колешката по ликовно, Касиопеја Наумоска.
Творбите се испратени по пошта и пристигнале во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, каде што се ставени во холот на училишни паноа.
И учениците од ова училиште возвратија со свои творби до другарчињата од ООУ „Круме Кепески“, кои ќе ги објавиме следниот вторник.
– Остваривме една убава соработка меѓу двете училишта, која се надеваме дека во иднина ќе резултира и со уште активности. „Колибри“, ви благодарам за идејата, одлична е – порачаа учениците од двете училишта.
Прочитајте ги овие убави творби за другарството и погледнете ги убаво ликовните дела, тоа нека ви биде поттик и самите да создадете нешто убаво и оригинално и, секако, да го испратите на нашата адреса.


Другарство

Другарот е другар,
другарот е како брат,
другарот е глас мудар,
другарот е како дар.

Другарството е вредно,
другарството за дружење е жедно,
другарството е светло предно,
другарството е смеење едно.

Другарството е најважно,
другарството е најскапо,
другарството е незаборавно,
другарството е најскапоцено,
другарството е неповторливо.

Ученик: Алек Игњатовски, 6-3 одделение
Ментор: Валентина Стаматовска-Трифуноска


Чувај го другарот

Во животот луѓето се важни,
а не материјалните работи и богатствата лажни.
Сето тоа може со пари да се купи,
но дружбата и љубовта имаат непроценливи валути.

Другарството е како голема вага
што постојано мери многу среќа и тага.
Многу сопатници се сретнуваат низ вековите,
но не сите ви помагаат кон целта да чекорите.

Секој добар другар треба како окото да се чува
бидејќи ветрот еден ден може
многу силно да дува.
Ќе го оддалечи од нас и светлината
нема да се гледа јасно,
па затоа да го спречиме тоа пред да биде касно.

Ученик: Андреј Јанковски, 8-1 одделение
Ментор: Валентина Стаматовска-Трифуноска


Другарството е алка која поврзува народи, места
и континенти

Другарство е царство
во кое децата се дружат и доверба си даруваат,
меѓу себе цврсто си веруваат,
само позитивни мисли царуваат.

Вистински другар си
ако го тешиш другарот во мака,
ако во неговиот најтежок период
ти си единствениот кој ќе му пружи рака.

Да си другар,
имаш одговорност тешка,
треба да направиш другарот
да биде среќен, срцето да му се смешка.

Александар Цветковски, 7-4 одделение
Ментор: Татјана Пеливанова


Другарството е подадена рака

На овој свет има една таинствена моќ,
која везден блика,
таа другарство се вика.

Секогаш е покрај сите,
а особено со
помладите
ги поминува дните.

Другарството е подадена рака,
која е покрај тебе
и во среќа и во мака.

Анастасија Аракси Саркисиан, 7-2 одделение
Ментор: Татјана Пеливанова


Другарот со срце се сака

Често се прашувам,
како настанал зборот – другарство?
Можеби вака:
Од буквите од азбуката,
зборот другарство се роди.
Д-ДЕЦА
Р-РАДОСТ
У-УБАВИНА
Г-ГОРДОСТ
А-АЛКИ
Р- РАЗГОВОР
С-СРЕЌА
Т-ТАГА
В-ВОСХИТ
О-ОГЛЕДАЛО.
Сите зборови се важни,
за да не постојат, другари лажни.

Да се биде добар другар
е нешто свето.
Нешто за кое,
верувајте знае светот!

Снежана Кушоска, 7-2 одделение
Ментор: Татјана Пеливанова


Игра без почеток и крај

Другарството е како песна
певлива, весела и лесна.
Другарството е сила што се раѓа,
дожд небесен, проѕирен од небото што паѓа.

Другарството е како сонце
кое грее во душата наша,
запознајте и вие другарчиња нови
да ја грее и душата ваша.

Другарството е како игра
која нема почеток и крај,
запомни го тоа и секогаш знај.

Ане Велковска, 7-1 одделение
Ментор: Билјана С. Дивјаковска


Другарство

Другарството постои засекогаш,
тоа е како ѕвезда,
мало пиленце кое расне во своето гнездо.

Другарите мои се добри, умни и храбри,
другарството со нив е како цвет
и слатко како мед.

Посакувам другари да имате
вистински и сјајни,
игрите заеднички да останат трајни.

Емануел Трпчев, 6-1 одделение
Ментор: Билјана С. Дивјаковска


Љубов, разбирање и почит

Другарот со другарот
треба да се сака,
во тешки денови
да си подадат рака.

Среќата меѓусебно
подеднакво да ја делат,
и во нивниот живот
никогаш да не се разделат.

Темели братски цврсти
во другарството да постават,
другарувањето никогаш
да не го остават.

Во добро и зло
секогаш заедно да бидат,
за да Господ Бог
благодат да видат.

Љубов, разбирање и почит
треба да има знај,
така другарството
ќе остане до крај.

Лео Миновски, 7-2 одделение
Ментор: Татјана Пеливанова


Еден со друг треба да се сакаме

Треба секој со секого да се сака
така во животот нема да имаме мака.
Без другар е тажно
другарството е многу важно.

Еден со друг треба да се сакаме
затоа што во мака треба да си помагаме.
Лаги во другарството нема
затоа ја имаме оваа тема.

Сакај го другарчето свое,
сакај го како растрепереното срце мое.
„Те почитувам“ извикни во еден глас,
другарството наше нека израсне во Вас.

Лихнида Грнчиштанова, 6-1 одделение
Ментор: Билјана С. Дивјаковска


Другарството е бесценето

Би сакала да сум птица вредна
да летам од една до друга земја
да патувам до места разни
да запеам песна со новите другарчиња.
Да стигнам во Русија сакам
со снежни топки со новите другарки да играм,
сѐ што можеме да поделиме,
да играме, пееме и да се веселиме.
Да можам да прелетам до Африка
на топло сонце и со нови другарки на плажа,
би сакала во океан со нив да пливам
верувајте ми, не ве лажам.
Облакодери високи да видам
со другари нови во Дубаи да бидам
заеднички на животот да се радуваме
и секогаш да се сложуваме.

Матеа Смилковска, 7-4 одделение
Ментор: Татјана Пеливанова


Алка на љубовта

Другарството наше
е приказна стара
кој и да праша
во срцето се бара.

Поврзува различни светови
зближува добри души
граници надлетува
бариери руши.

Затоа дечиња
запомнете да се знае
другарството е алка на љубовта
која вечно ќе трае!

Изработила: Сандра Вељановска, 9-3 одделение
Ментор: Билјана С. Дивјаковска


Другарство

Да се биде нечиј другар
можеби не е лесно.
Кој носи другарска искра и љубов
за другарување секогаш прави место.

До сите другарки и другари
секогаш поздрав праќај,
тие се твоето избрано семејство
како сестри и браќа.

Со вистински другари
се споделуваат моменти важни,
радосни, весели моменти,
но понекогаш и тажни.

Ако другите искрено те сакаат
и ти искрено ги сакаш другарите твои,
деновите за сите ќе бидат песна
песна шарена во највесели бои.

Трајче Костов, 7-1 одделение
Ментор: Билјана С. Дивјаковска


Наслов:Другарот ти дава сила

Вистински другар тешко е да се најде,
Но потоа сонцето никогаш
нема да зајде.
Другарот во срцето е како свеќа,
и кога е темно ти носи среќа.

Со другарот животот е како бајка,
така ми вели тато и мојата мајка.
Бато вели: другарот е тука
кога ќе паднеш,
ти подава рака за да станеш.

Другарството се негува како свила,
те охрабрува, бодри давајќи ти сила.
Другарството ти ја дава и последната сламка,
Кога мислиш дека си ја изгубил својата гранка.

Ученик: Ива Живковска, 6-3 одделение
Ментор: Валентина Стаматовска-Трифуноска


Другарството се учи

Другарството е многу важно
во животот на секој човек
кога си дете мало, но и
кога ќе пораснеш голем.

Да другаруваш, учиш
од најраната возраст
да станеш добар другар,
тоа е голема доблест.

Вистинските другари
се драгоценост права,
ако имаш другари
ти си личност здрава.

Ученик: Јована Славко, 8-1 одделение
Ментор: Валентина Стаматовска-Трифуноска


Другарски лет

Сјајната планета во далечниот шир
ми подава дланки во искрениот мир.
Во тивкиот говор на ѕвезденото небо,
слушам гласови од царството цело.

Во царството златно се рачињата во круг
шепотат тајни, за нив не знае друг.
Се креваат, си помагаат во мака
нивното другарство е искрено подадена рака.

Да бидеш другар е гордост сјајна
како река непресушна, трајна.
Подајте рачиња црни, бели и жолти
да изградиме свет,
да се вивнеме со нашиот другарски лет.