На 16-от републички детски литературен фестивал „Ракатки“ оваа година се пишуваше на темата „Нашите празници – убава традиција“. Според членовите на жирито, темата на конкурсот не била лесна, но ги разбудила детските чувства и тие, секој на свој начин, преку своите творби доловиле како ги доживуваат овие убави радосни денови за сите луѓе, а особено за најмладите. Пристигнале 84 поетски и прозни творби од целата земја, а комисијата, составена од еминентни детски писaтели, направила избор на 37 најдобри творби.
– Фестивалот традиционално се одржува секоја година во месец април, но поради светската пандемија на ковид-19 чекавме погоден период за одржување. Фестивалскиот одбор на последниот состанок, во септември, ги разгледа сите можности за одржување на „Ракатки“ – 2020 и донесе одлука фестивалот годинава да не се реализира со физичко присуство на учесниците, имајќи ја предвид состојба во нашата земја предизвикана од ковид-19. Членовите на фестивалскиот одбор не сакаат здравјето на нашите најмили и на нивните ментори да го изложат на опасност. Затоа донесовме одлука фестивалот да го заокружиме со испраќање на нивните награди по пошта – ни рече Јадранка Клисарова, претседателка на фестивалскиот одбор на „Ракатки“.

Таа изрази задоволство поради тоа што веќе се јавуваат среќните наградени ученици, по примањето на добиените дипломи и награди.
– Го наградивме трудот на децата и во вакви тешки времиња за да не ја загубиме нивната доверба. Се надеваме дека следната година ќе можеме да го реализираме фестивалот достоен за младите творци, како што го правевме тоа и во претходните 15 години – дополни Клисарова.
Средбите со младите литерати и нивната љубов кон мајчиниот јазик се поттик и голема радост, како за членовите на Одборот така и за наставниците ментори.
Тие заедно ги следат и насочуваат детските мисли, детската љубов, детските желби и мечти, кои во нивните литературни творби се преточени на сите јазици: македонски, турски, албански, ромски, српски, влашки… – со една заедничка цел – да ја покажат љубовта кон пишаниот збор, презентирајќи ја притоа пред пошироката јавност и својата природна дарба за литературно творење.
Следниот конкурс за литературниот фестивал „Ракатки 2021“ ќе биде објавен во почетокот на следната година. 


Нашите празници – убава традиција

Како кревок лист на цврста гранка,
како топол здив на смрзната дланка,
светол празник детската душа ја грее,
во ритамот на традицијата срцето пее!

Со корени цврсти во родната грутка,
како смело кокиче кое снегот го бутка,
растам горда со аманетот од дедо,
традицијата ќе ја подарам и на моето чедо!

Со румени образи и песна во рани зори,
на Бадник децата пеат.
Раѓањето на чудото божјо возбудени го слават,
а мајките погача со париче за бериќет прават.

Божиќ е на прагот секому радости носи,
топлина во домот кај богати и боси!
Мајчинска прегратка како икона света,
во детското срце љубов буи и цвета!

Зар простувањето не е најскапоцен дар?
Зар не чул светот за Прочка со милослив жар?
Подадена рака, како бисер во темна школка,
за поубав живот без тага, навреди и болка!

Пролетно утро, кое радоста од сон го буди,
сончев бакнеж на јајцето, кога зората руди.
Симболот на животот на Велигден нè води,
во црква со вапцано јајце старо и младо оди.

Кога срцето неуморно од возбуда ита,
кога погледот од бои незаситно скита,
кога времето за миг неповратно лета,
кога мирот во душата наоѓа гнездо да слета.

Да почитуваш вредности, да подаваш рака,
да ја цениш добрината традицијата наша сака!
Да утешиш и помогнеш во несреќа и мака,
големите празници низ векови нè учат така!

Биди жива искра во пламенот што тлее,
биди дете кое добрина и љубов жнее!
Биди смела капка од морето со желби,
следи ја традицијата на свет без делби!

Сара Цветкова, 6-б одделение, ООУ,,Мирче Ацев“ – Скопје
Менторка: Павлина Огненовска

(Од Алманахот на 16. републички детски литературен фестивал „Ракатки“)