Етика за млади
проф. д-р Кирил Темков
Основните и суштински зборови во етиката се доброто и злото. Околу нив се врти сѐ. Тие се основа на моралот и со нив се мерат постапките на луѓето.
Добро е она што има животна вредност, она што ѝ е потребно на личноста. Доброто е извор на моралните норми и нив ги оправдува. Доброто е израз на позитивните стремежи. Со погледот кон доброто, со неговото избирање и следење се создава исправен живот, човекова среќа или најголема корист за најголем број луѓе.
Злото е негација на доброто, отклонувањето од него, е израз на негативните стремежи. Злото е основен елемент на лошото дејствување, сила за унижување и повредување на луѓето.
Доброто е она што повеќе се сака и што се избира, се препорачува, се брани и се извршува. Доброто се почитува. Личноста се гордее со изборот на доброто и со правење добро. Доброто се оценува позитивно.
Злото е она што не се сака, што не се избира, што се отфрла или заобиколува. Злото не се брани. Тоа не се препорачува за извршување или се наложува негово избегнување. Злото не се брани и се оценува негативно.
Бидејќи доброто и злото се спротивни нешта, тие се исклучуваат. Тие се два пола што не можат да се доближат. Не е можно нивно мешање. Меѓу нив постои суштествен судир – она што е добро не е зло, злото не може да стане добро. Оној што прави добро не е зол, а оној што прави зло не може да биде добар.
Изборот меѓу доброто и злото претставува основен човеков избор, или насока по која човекот ќе се движи во животот.