Иницијативата „Македонски збор“ во своите поетски читања ги вклучи и децата. Детските гласови што ги интерпретираат делата му даваат посебен призвук на македонскиот пишан збор. Целта со овој нов проект е да им отвори нови патокази на идните генерации кон Македонија и безвременските литературни дела на македонските автори.
Освен возрасните гласови, кои интерпретираат патриотски, родољубиви дела и љубовни поезии и прози, сега и децата се вклучуваат со голем ентузијазам и подготвеност да бидат дел од трагата што ја остава македонскиот збор зад себе.
Всушност, „Македонски збор“ е една од иницијативите што ја обележија 2020 година со својата свежина, посветеност и креативност на културата, патриотизмот и покажаа дека во бурни времиња може да се твори и да му се даде акцент на македонското наследство на интересен начин, достапен за сите.
Креативноста на карикатуристот Седо Перо, кој неуморно црпи инспирација од делата и интерпретаторите, во секое видео дава посебна нота на оригиналност. Интерпретаторите уживаат во секој прочитан збор, а секое видео е уметност само по себе.
Иницијативата продолжи и оваа година. Посетете го јутјуб-каналот на „Македонски збор“ за да ги проследите сите дела. Исто така, можете да го најдете и на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Твитер, за да ги следите нивните активности во оживувањето на големите македонски дела што се запишани низ минатото.