На часот кога се обработува лектирата наставникот треба да биде одлично
подготвен, да ја познава целосно содржината, да поставува различни видови прашања, од едноставни, до такви што ги наведуваат децата на размислување, вели Клисарова
Родителите и, пред сѐ, наставниците треба да се трудат детето уште од мали нозе да го заинтересираат за читање, нудејќи му соодветна литература за неговата возраст и афинитети. На најразлични начини тоа треба да се мотивира да им го прераскаже прочитаното прво на своите родители, а откако тоа ќе му стане навика со леснотија ќе прераскажува и на училиште. Затоа заеднички да чекориме кон развивање на љубов кон книгата. На своето дете прво подарете му книга, а потоа некоја скапоцена играчка, вели Јадранка Клисарова, одделенска наставничка и авторка на едукативни и книги за деца, која во текот на своите речиси 40 години, кои ги посвети на образување на младите генерации, има добиено голем број домашни и меѓународни награди за својата работа.
Според вас, дали децата денеска другаруваат со книгата онолку колку што е потребно?
– Живееме во време на интернет, виртуелни игри, телефони, таблети и компјутери и, за жал, децата сѐ помалку читаат. На пример, денес учениците повеќе време поминуваат на интернет барајќи ја содржината од лектирата, а воопшто не ни помислуваат да се потрудат да ја прочитаат книгата. Но, од друга страна, има и ученици што сакаат да читаат. Тоа се забележува по нивната комуникација, активноста на час или кога самостојно творат.
Кога треба детето да почне да чита?
– Најдобар период за започнување со читањето е од најмала возраст, поточно кога детето има пет-шест месеци. Најпрво тоа гледа слики, слуша зборови, но се запознава и со книгата. Со читањето децата интелектуално подобро и побрзо се развиваат, покажуваат поголем интерес за животната средина, подобро комуницираат, брзо учат. Исто така, читањето смирува, го збогатува речникот, ја зголемува мозочната функција, ја поттикнува фантазијата.
Каква е улогата на наставникот во овој процес?
– Вториот столб во развојниот процес на детето е наставникот, тој треба да го насочи детето што и како треба да чита. Доколку, пак, се остави детето само да бара пат, тешко и долго ќе биде барањето. На часот кога се обработува лектирата наставникот треба да биде одлично подготвен, да ја познава целосно содржината, да поставува различни видови прашања, од едноставни, до такви што ги наведуваат децата на размислување, на практична примена, на идентификување со некој лик од лектирата или посебен акцент да стават на некој настан. Тоа не е лесен процес. Во минатото имаше читање и прераскажување на лектирата или препишување. Денес треба да имате добро осмислен час за обработка и анализа на посочената книга. Кога има интересна лектира, учениците знаат толку да се занесат, да дискутираат и да анализираат, па нема да забележите дека и два часа поминале.
Какво е вашето мислење за електронските книги?
– Примената на електронските книги бара исполнување на многу услови, а најпрво да имате компјутер или паметен телефон, таблет и струја. Лично не сум против користење на напредната технологија, но сепак сум приврзаник на навиката книгата да се држи в рака и да се почувствува мирисот на хартијата.
Како им ја всадувате вие љубовта кон книгата на своите ученици?
– Се трудам кај моите ученици да изградам позитивен однос кон книгата, се обидувам од најмали нозе да другаруваат со неа преку читање приказни, анализа, драматизација и на крајот со илустрација на самото дело. Откако ќе бидат описменети, започнуваме со посета на библиотека, таму најмногу ги развиваат љубопитноста и љубовта кон читањето, потоа повремено им кажувам дека сум прочитала некоја интересна книга или барам некој од нив да каже која интересна книга ја прочитал. Исто така, разменуваме книги и најинтересно им е кога се идентификуваат со некој лик од делото, најчесто со некоја позитивна личност, а негативните личности ги критикуваат. Секогаш од прочитаните текстови или книги извлекуваме поука, што научиле, што треба да прават, а што не треба. Ги мотивирам учениците да читаат, а потоа и самите создаваат песни, кои ги испраќам на литературни конкурси и честопати добиваат награди.
Освен што сте успешна наставничка, вие сте и авторка на литература за деца. Задоволна ли сте од приемот на вашите дела од учениците и од реакциите на стручните лица во образованието?
– Меѓу другото, авторка сум на збирката раскази „Децата од моето училиште“, која е изборна лектира во трето одделение. Многу често училиштата ме повикуваат да им бидам гостин како писател. Таа средба со младите читатели е многу важна за мене, а уште повеќе за самите деца. Тие се мотивирани да ја прочитаат книгата, затоа што им следува средба со самиот автор. Толку многу радост се гледа на детските лица на овие средби. Тие со возбуда кажуваат што им се допаднало најмногу, кои личности би сакале да бидат, кажуваат какви поуки извлекле, покажуваат како драматизираат определени раскази, создаваат свои книги. Затоа одделувам време и одам во посета на третите одделенија каде што ќе ме поканат. Книгата е составена од 18 раскази, кои се тематски подредени според годишните времиња. Најчеста тема на обработка е училишниот живот на децата, односно опишано е детството, затоа што тоа претставува најубав дел од животот на секој човек. Во детството сѐ е игра, се пее, учи, се другарува, понекогаш и се греши, но тоа е период кога се учи за животот. Целта на расказите е децата да се соживеат со животот на другите ученици, во различни ситуации: на училиште, во училиштен двор, на час, на улица, во град, на село, покрај река или езеро…
Која порака сакате да им ја упатите на децата со вашите книги?
– Преку содржината на книгата сакам децата да ги развиваат другарството и хуманоста преку помагање на своите соученици. Тие треба да станат храбри, искрени, чесни граѓани, а јас посакувам хармонизиран и подобар свет за сите деца. Тие се млади фиданки, кои треба да станат плодоносни гранки. Тие се надеж за нашата иднина.
Авторка сте и на повеќе едукативни книги, прирачници, учебници, со намера процесот на учење да го направите полесен и поинтересен за учениците.
– Големиот број награди и признанија придонесуваат да ме вбројуваат во групата успешни наставници. Во мојата професија несебично се залагам за подем на образованието и на педагошката наука. Богатото работно искуство беше предизвик да му се предадам на творечкото перо и да создадам повеќе едукативни книги за деца во коавторство, дидактички материјали, прирачници, збирки задачи, учебници и самостојни дела.
Со што сте преокупирани во моментов на професионален план?
– Тој што еднаш почнал да пишува, тешко се откажува од перото. Така и јас продолжувам да создавам. Следно нето што треба да излезе од печат е поезија за возрасни, а во меѓувреме создавам и творам раскази за деца.
Многубројни награди и признанија
Јадранка Клисарова има богато работно искуство во воспитно-образовниот процес, а тоа, како што вели, придонесува да биде успешна наставничка. Дипломирала на Педагошкиот факултет „Св Климент“ во Скопје, а повеќе од 20 години работи како професорка по одделенска настава во ООУ „Блаже Конески“ во скопската општина Аеродром.
Авторка е на книгите: „Јато“, награден роман за возрасни, „Ѕвездено јато“, збирка раскази за деца, „Амајлија“, роман за возрасни, „Новогодишен подарок“ и „Ѕвезда во ноќта“, сликовници за деца, „Децата од моето училиште“, збирка раскази за деца, „Безбеден детски свет“, збирка раскази за деца, „Традицијата низ перото на баба“, детски илустриран роман, „Песни за секое дете“ (2019), стихозбирка за деца, и други.
Добитничка е на признанието просветен работник на годината на градот Скопје за 2011 г., а е прогласена и за просветен работник за основно образование во Македонија, има добиено „златна плакета“ од Националниот совет на Македонците во Р Србија, за посебно залагање и унапредување на македонскиот јазик во оваа држава, и награда „13 Ноември“ за образование и воспитание од градот Скопје, а лани заедно со десетина наставници од земјава и од регионот е врборена меѓу најдобрите наставници на бившите југословенски простори.