Од мој агол: Вера Искова, библиотекарка
Читањето ја развива емпатијата. Сочувствувањето со туѓата радост, болка, страв… облагородува, хуманизира, ја негува детската душа, лек е за егоизмот со кој е заразен светот на децата денес, вели Искова
Како библиотекарка во основно училиште длабоко во спомените ми е врежана сликата на првачињата, кои запознавајќи го училиштето, заедно со нивните наставнички, организирано доаѓаат да се запознаат, меѓу другото, и со училишната библиотека. На таа слика гледам возбудени, растреперени детски души, љубопитни, широко отворени очи и поглед што „шета“ по полиците, но и рачиња подготвени да посегнат по шаренилото, желни да допрат, поместат, видат, прелистаат, дознаат…
И во контекст на ова, би го цитирала единствениот и неповторлив Алберт Ајнштајн, кој кога бил прашан како да се направат децата интелигентни, дал едноставен и мудар одговор: „Ако сакате вашите деца да бидат интелигентни, читајте им бајки. Ако сакате да бидат уште поинтелигентни, читајте им уште повеќе бајки“, затоа што тој ја сфатил вредноста на читањето и замислувањето, улогата на фантазијата за создавање иновативни решенија.
Литературата е нешто што е изградено со букви и интерпункциски знаци, а читателот самиот, користејќи ја својата фантазија, создава свет и луѓе. Ги чувствува работите, посетува места и светови, кои инаку не би ги знаел. И откако ќе ги посети другите светови, откако ќе ги вкуси плодовите на самовилите, никогаш нема да биде целосно задоволен со светот во кој пораснал. А незадоволството е добро: незадоволните луѓе можат да ги подобрат световите, да ги направат поубави и различни!
Значи како приоритет пред нас се поставува задачата да ги описмениме децата, а наједноставниот начин да се осигуриме дека ќе воспитуваме и одгледуваме писмени деца е да ги научиме да читаат и да им покажеме дека читањето е пријатна активност. Тоа значи да пронајдат книги во кои ќе уживаат, да им дадеме пристап до тие книги и да им дозволиме да читаат. А кој е попогоден за тоа, ако не е библиотеката и библиотекарот, кој во секој момент треба да биде подготвен да понуди книга, да ги истражува вкусовите на децата и никако да не се откажува од ширењето љубов кон литературата. Затоа што не постои лоша книга за децата и не постојат лоши автори за деца, бидејќи секое дете е различно и немаат сите ист вкус.
И друга многу важна работа во врска со децата и читањето е тоа што читањето ја развива емпатијата. Сочувствувањето со туѓата радост, болка, страв… облагородува, хуманизира, ја негува детската душа, лек е за егоизмот со кој е заразен светот на децата денес. Да го споделуваме овој лек секогаш и насекаде!