Избрани најдобрите 30 творби на Меѓународниот литературен конкурс распишан во чест на Видое Подгорец
Годинава, наместо да се дружат во Струмица и во Колешино, родното место на Подгорец, децата и писателите се дружеа виртуелно испраќајќи пораки и песни низ видеа
Викендов се одржа 19-та меѓународна литературна манифестација „Средби под јаворите – Видое Подгорец“, организирана од истоименото здружение, коешто ја негува литературата за деца, но и споменот на еден од најплодните македонски автори.
Поради пандемијата, годинешната манифестација се одвиваше онлајн и во повеќе делови. Реномирани поети и писатели од Македонија и регионот беа гости по пат на снимен видеоматеријал, покрај кој беше поставена нивната богата биографија. Секој посетител на ФБ-страницата на манифестацијата има можност да се „запознае“ со писателите за деца и млади, со нивното творештвото, но и да ги слушне нивните лични искуства со писателот Видое Подгорец, како негови современици или читатели. Гостуваат писателите: Киро Донев, Ванчо Полазаревски, Тоде Николиќ, Вера Андон, Наум Попески, Нада Кљаиќ, Власта Цениќ, Мирсада Бибиќ Саботиќ, Славка Кликовац, Ана Бунтеска, Филип Димкоски, Калина Малеска, Трајче Кацаров, Сузана Мицева, Ксенија Маказлиева-Трајчева, Ана Витанова-Рингачева, Маја Богоевска и Весела Богдановиќ.
Вчера, 8 јуни, во чест на роденденот на големиот пријател на децата, патронот на оваа манифестација – Видое Подгорец, беше промовирана и химната на манифестацијата, по стиховите на неговата најпозната песна „Убави зборови“, со цел да се испрати силна порака до целиот свет, до целиот универзум, во еден глас од сите деца на светот – сè што е насилно, свирепо и грубо – нека го носи името љубов!
На меѓународниот литературен конкурс, кој годинава беше на две теми „Горското кладенче раскажува“, на кој учениците од земјата и Балканот пишуваа по сопствена инспирација во проза или стихови, и литературно-хумористичниот конкурс „Жаба спикер“, инспириран од богатото творештво на писателот за деца Киро Донев. Организаторите велат дека се презадоволни од одѕивот во овие вонредни услови. За само еден месец, колку што траеше, пристигнале над 200 творби од ученици од основните училишта од земјата, но и од странство.
Годинава, наместо да се дружат во Струмица и во Колешино, родното место на Подгорец, децата и писателите се дружеа виртуелно, испраќајќи пораки и песни низ видеа.
Научниот симпозиум, пак, е одложен за есеноска, но доколку не дозволат условите, и тој ќе биде реализиран на некоја интернет-платформа.
– Драги учесници, изминативе неколку недели ни подаривте многу љубов, поддршка и неверојатна енергија, творевте и создававте во името на писателот, чија единствена љубов беа децата. Сакаме уште еднаш од срце да им честитаме на сите наградени и пофалени ученици, наградените наставници и библиотекари, како и на сите што со свои дела учествуваа на манифестацијата. Сѐ што создадовте останува во нашата архива, за да сведочи за времето во кое сте ја оставиле вашата трага. Ни останува да си посакаме, наредната година, на 20-тите јубилејни средби, да се сретнеме под јаворите во Колешино – велат организаторите на манифестацијата.
Во продолжение ги објавуваме имињата на наградените ученици во сите четири категории:
Наградени ученици:
Прва категорија „Горското кладенче раскажува“, ученици од второ и трето одделение:
1. Миа Поповска 3-то одд., „Пролет ли е или не“, прва награда ОУ,,Елпида Караманди“ – Битола
2. Изабела Стојковска 2. одд., втора награда ООУ,,Маршал Тито“ -Муртино
3. Давид Темелковски 3-то одд., „Пролет“, трета награда ПООУ,,Петре Поп Арсов“ – Извор
4. Тале Мицелинов 3-то одд., „Горско кладенче“, трета награда ООУ ,,Васил Главинов“- Објект 2 Велес.
Втора категорија „Горското кладенче раскажува“: ученици од четврто и петто одделение:
1. Марија Медарска 4-то одд., прва награда, ООУ,,Видое Подгорец“ – Струмица
2. Јован Свирац 4-то одд., „Заспаната мала мравка“, прва награда, ОУ „Доситеј Обрадовиќ“
ИО ,,Олга Петров“ – Баранда (Србија)
3. Никола Ристовски 4-то одд., втора награда, ООУ,,Крсте П.Мисирков“ -Куманово
4. Ана Манчева 5-то одд., втора награда, ООУ,,Јохан Хајнрих Песталоци“-Скопје
5. Ивана Јуришиќ 5-то одд., трета награда, ООУ,,Гоце Делчев“ – Неготино
6. Андреј Димковски 4-то одд., трета награда, ООУ ,,Толи Зордумис“ – Куманово
Трета категорија „Горското кладенче раскажува“, ученици од шесто до деветто одделение:
1. Благица Илиева, „Моите и твоите песни“ (На Видое Подгорец), прва награда ООУ,,Никола Карев“ – Радовиш
2. Македонка Георгиева, 7 одд.. „Мојот поет“, прва награда, ООУ ,,Видое Подгорец“ – Колешино
3. Тамара Стојанова, 6-то одд., втора награда, ООУ,,Видое Подгорец“ – Колешино
4. Јована Масинова, 9-то одд., втора награда, ООУ ,,Св.Кирил и Методиј“ – Велес
5. Анастасија Димовска, 6 одд., „Спомен кон писателот“, трета награда
ООУ ,,А.С. Ќиќиш“ – Тетово
6. Миња Димитријевиќ, 7 одд., трета награда, ООУ,,Крсте П.Мисирков“ -Куманово
Наградени на Меѓународниот литературно-хумористичен конкурс на тема „Жаба спикер“:
Гоце Тумановски, 5-то одд., прва награда, ООУ,,Браќа Миладиновци“ – Скопје
Теодора Андонова, 7. одд., „Храбриот зајко“, втора награда, ОУ,,Крсте П..Мисирков“ – Оризари (Кочани)
Цветанка Коруноска, 7. одд., трета награда, ООУ ,,Невена Георгиева – Дуња“ -Скопје
Гранпри-награда (шампион меѓу двете манифестации):
Матеа Стоев, 9-то одд., ООУ,,Григор Прличев“ – Охрид
ментор: Славица Димитровска
Голем интерес имаше и за конкурсот за наставници од основното образование за изработка на мултимедијален ИКТ-проект, под наслов „Нашиот книжевен албум со Видое Подгорец“, и конкурс за доделување на националното признание библиотекар на годината, на кој победи Павлина Цунева Маказлиева.