Веќе нема никакви дилеми, 24-от детски фестивал „Гроздоберче 2020“ ќе се одржи, но наместо во вообичаениот термин во ноември, детската песна ќе се слушне в петок, на 2 октомври, пред почетокот на учебната година.
Пандемијата на ковид-19 ги принуди организаторите на фестивалот првпат да го поместат терминот на одржување за да се испочитуваат протоколите на организирање културни настани на отворено.
Годинашново мото на фестивалот „Гроздоберче“ е „Ново време“, што подразбира дека фестивалот ќе се организира и во нови услови, на градскиот плоштад во Кавадарци. Ограничениот простор за родителите на учесниците и нивните братчиња и сестричиња ќе биде ограден и во него ќе може да има до 50 присутни, додека за преостанатите посетители на градскиот плоштад ќе важи вообичаената лична заштита, маска на лице и одржување растојание.
– Дваесет и четвртото издание на фестивалот „Гроздоберче“ ќе има само 14 учесници, меѓу кои се наоѓаат и гостите од градовите Рожај и Тиват од Црна Гора. Присуството на гостите директно ќе зависи од бројот на новозаразени во двете републики и доколку бидат спречени да дојдат во Македонија, како алтернатива е предвидено на големиот видеобим на градскиот плоштад тие да ја поздрават публиката во живо, а песните да бидат изведени како видеоспотови – вели уметничкиот директор на фестивалот Зоран Станоев.
Новиот фестивал ќе донесе 14 нови песнички со детски тематики, меѓу кои и онаа насловена „Ново време“, како што е
и мотото на фестивалот, а ќе ја интерпретира Моника Ѓорѓиева.
Организаторите на фестивалот изразуваат голема благодарност до родителите и пријателите на детскиот фестивал „Гроздоберче“, кои и оваа година несебично и искрено се вклучија во организацијата на фестивалот. Тие порачуваат дека децата се нашата иднина и среќа и секогаш и во секое време заслужуваат да бидат среќни, насмеани и распеани. Ми.М.