Влатко наскоро ќе биде седмоодделенец во ОУ „Рампо Левката“ во Прилеп и вели дека сака да го достигне нивото на моментално најпопуларни јутјубери во земјава
Дванаесетгодишен прилепчанец го оствари својот сон
Влатко Димески од Прилеп има само 12 години и веќе ја промовира својата прва песна „Гази, мали“, инспирирана од јутјуберската треска што владее меѓу младата популација. Тој е еден од најмладите јутјуберски атракции не само во градот туку и во Македонија. Познат е уште и како Влатко 19. Тој вели дека неговото првенче всушност е и остварување на неговиот сон да го претстави својот јутјуберски канал на македонската сцена.
Наскоро ќе биде седмоодделенец во ОУ „Рампо Левката“ и вели дека сака да го достигне нивото на моментално најпопуларни јутјубери во земјава. Неговото време допрва доаѓа, а овој чекор напред му дава дополнителен мотив да го подобри она што сака да го прави и со него да се гордее неговата публика, која верно го следи.
– Многу го сакам Јутјуб како платформа, односно снимањето видеа за какви било теми. Како еден од најмладите во овие води во нашава земја, мислам дека ова што со стихови се претставувам себеси ќе ми даде мотивација и стимул за понатаму. Знам дека има уште многу да работам за да го популаризирам мојот канал и да го зголемам бројот на следачи односно субскрајбери, но во иднина како ќе растам така ќе го збогатувам и каналот со видеа и ќе правам сѐ за да може сите што ме следат да ми бидат ветер во грб и да бидат моја верна публика, како што сум сега јас на Марко Џипи, Стефонатор, Благадуша, Ставре, Никикс, Ритко, ЛордОфФелс, Глуше, Лаки, Жика, Бамбо, Лазаров, Мартин Гајдов, Иван Ајнштајн и уште многу други јутјубери низ земјава. Многу сум среќен што спотот успеав да го направам со помош на моите родители и сите оние што помогнаа да се создаде овој видео запис. Горд сум на себе, но и на сите што реагираа на мојата рима – вели Влатко.
За неговите години ова е спот со кој може да се гордее, но секако треба уште повеќе видеа и интересни содржини на неговиот канал за да го потврди она што го отпеа. Видеото за нецела недела веќе достигна гледаност од 4.000 прегледи.
Еве дел до текстот:
„…..Пали мали, Јутјубот ме чека
Гази мали, ама малку пополека
да допрам до врвот има многу време
знам дека сум дел од јутјберското семе
и еве ме мене немам ни петнаесет
а знам дека ќе лајкнете
на Влатко Деветнаесет.
Пали мали, Јутјубот ме чека
Гази мали, ама малку пополека
моето време допрва си доаѓа
и нема лесно тоа да проаѓа
ќе гледате видеа стримови разни
ќе слушам коментари на муабети празни
од хејтери мејтери главата ми пука
а може и да пукне и понекоја брука
едитирања, програми сите во елемент
снимање рапување како Фифти Цент.
Бака прасе може вода да ми носи
и да прашува нонстоп кој си и што си
Гази мали, на јутјуберската сцена
Пали мали, и во трета смена
ко на работа седнат на жешката столица
гуглам и копам ко со багер и приколица
да, да, субскрајбери врвулица
Гази мали, Јутјубот ме чека
Пали мали, ама малку пополека
загреј го маусот и напрај два-три склека
субскрајберот е тука и по мене пека….“, пее меѓу другото Влатко-19 во својата прва песна „Гази мали“.
Овој седмоодделенец, кој одлично ги совладува и предметите во редовната настава, веќе се подготвува за втората песна, која ќе биде во сличен стил, но на една друга тема од секојдневието.