НОВИ ИЗДАНИЈА: „Плетенка од праменчиња“ од Милка Минкова

Ниту еден збор во оваа книга не е осамен и тажен, секој од нив си има свој придружник, кој го украсува и разубавува, вели професорот Влатко Тасев

Дали има поубава промоција на книга од онаа на која од усните на децата ќе ги слушнете стиховите напишани за нив, непосредно и спонтано. Токму така беше на промоцијата на „Плетенка од праменчиња“, прва книга за деца на Милка Минкова, која се одржа неодамна во библиотеката „Феткин“ во Кавадарци, во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен“. На стиховите прекрасно се надоврзаа и стиховите од поетската драматизација „Борба за опстанок“, која децата ја изведоа под менторство на Микица Илова, која наедно ја имаше и улогата на наратор.

– Првата песна од оваа поетска книга, која наедно е и наслов, е навраќање и потсетување на една преубава бајка што ни го краси детството. Авторката му се обраќа на читателот како кон огледалото од бајката за „Снежана и седумте џуџиња“ и бара од него да каже која песна во книгата е најубава. Читателот, пак, уште на почетокот од читачкиот занес се соочува со дилема и одговорност. На која од сите убави песни да ѝ се додели златното јаболко и дали со тоа ќе стори грев кон другите? Според бајковидната хронологија, во однос на редоследот на песните, книгата започнува со една преубава песничка – „Штрк“. Според древните верувања, со оваа митска птица започнува животот, и не само тоа, штркот ја носи новонастанатата душа во топол дом и во родителска сигурност – рече промоторот Влатко Тасев, професор по македонски јазик и литература.

Тој дополни дека творечкиот процес продолжува со моќни поими поврзани со животот и радоста: сонце, птици, пчели, пеперутки и убави цветови, а тука е и месечината, која носталгично нѐ потсетува на сладок сон, мека постела и приспивна песна.
– Ниту еден збор во оваа книга не е осамен и тажен, секој од нив си има свој придружник, кој го украсува и разубавува, па може да се каже дека во книгата живеат среќни зборови. Деминутивните пермутации ги прават зборовите нежни, пријатни, милозвучни и блиски. Мрдањето на прстињата, плескањето на рачињата и плетенките од праменчињата… на среќните дечиња – посочи професорот Тасев.

Фигурата на мајката е извонредно пластично обликувана и плени со својот сјај и ликовите на баба и дедо, како холограмски проекции од среќното и безгрижно детство. Тука се и годишните времиња опеани од нивната најубава страна, а со тоа и природата и грижата за неа. За Влатко Тасев, авторката преку своите стихови упатува силна порака до читателот да ја чува природата за себе и за да ја зачува за идните генерации.

Песните за деца на Милка Минкова досега сте ги сретнале на страниците на „Наш свет“ и „Развигор“, таа е авторка на драматизацијата „Чистотата е половина здравје“ и трите драматизации во стихови: „Борба за опстанок“, „Дванаесет месеци“ и „За сите мајки на светот“. Поезијата е секојдневно присутна во нејзиниот живот, а најчесто пишува за љубовта. Овие песни се во збирките „Љубовта низ призмата на животот“ и „Љубовта двигател на животниот пат“. Моментално работи на својот прв роман „Животниот пат на Анастасија“. Со печатењето на книгата „Плетенка од праменчиња“, таа на своите најмали читатели им подарува 58 песни, неколку мудри мисли за деца и гатанки.


Чистотата е здравје

За да бидеме чисти
и здрави како дрен
секој од нас треба
да се мие секој ден.
раце, лице, уши, врат
добро да истрие,
па во постела чиста
да легне и спие.
Бисерчињата бели
што во уста се кријат
по секое јадење
треба да се мијат.
Тогаш секој од нас
прекрасно сјае
чистотата е здравје
засекогаш ќе знае.


Ден

Зората се руди
нов ден се буди
месечко си легна
сончко се растегна
со своите зраци
ги скри сите облаци.
Блесна секаде сончев сјај
Ден е веќе, дете, знај….!


 

Плетенка од праменчиња

Праменче по праменче   
едно преку друго
плетенка сплетив
вистинско е чудо.
Секое праменче од неа
има приказна своја
прочитај и кажи
најубава е која…..