Во Велес минатата недела по 53-ти пат се одржа манифестацијата „Детски Рацинови средби“, во организација на клубот на писатели „Коста Солев-Рацин“ и на Општина Велес.
Поради вонредната ситуација предизвикана од пандемијата на ковид-19, годинава обемот на програмата е намален и се реализира на поинаков начин. Сепак, на радост на организаторите, голем беше интересот за конкурсот за литературни и ликовни творби од основците и средношколците од државава, кои твореа на тема „Другарството – алка што поврзува народи, места и континенти“.
Претседателката на „Детските Рацинови средби“, писателката Лила Арсова, соопшти дека одделно се формирани две комисии, и тоа за литературните и за ликовните творби, составени од стручни и компетентни познавачи на литературата и на ликовната уметност, кои одржаа состанок со физичко присуство и ги избраа најдобрите творби.
Наградите по пошта
Наградите на избраните учесници ќе им бидат испратени по пошта, затоа што годинава не е предвиден централен настан за врачување на признанијата и нема да се одржи традиционалниот карван на писатели, кој до лани ги посетуваше велешките училишта во рамките на оваа манифестација.
Гран при на литературниот конкурс освои Екатерина Бочвароска, трета година во ОСУ „Св. Климент Охридски“- Охрид, а гран при на ликовниот конкурс освои Костанца Билбиловска, четврта година во гимназијата „Гостивар“ во Гостивар.
Наградените литературни и ликовни творби се објавени во зборникот „Другарството – алка што поврзува народи, места и континенти“, чиј уредник е Лила Арсова.
Промовирана книгата „Детства“
Во рамките на одбележувањето на педесет и третото издание на „Детските Рацинови средби“, на 11 ноември во дворот на Ликовниот салон во Велес се одржа промоција на збирката раскази „Детства“ од писателката и наставничка по македонски јазик Наташа Брезовска-Богоевска. Ова е нејзина прва книга, создадена како плод од долгогодишната успешна педагошка дејност, но и плод на нејзиното посветено читање и проследување на литературата.
Станува збор за книга што ја сочинуваат шеснаесет раскази, а некои од нив се: „Мојата другарка Лејла“, кој можете да го прочитате во продолжение, „Патики“, „Другари“, „Соседи“, „Мојата мразулка“…
Рецензиите за книгата ги напишаа проф. д-р Марија Ѓорѓиева Димова и наставничката Костадинка Атанасова, лектурата е на проф. Стефани Андреевска, илустрациите ги направи Елена Здравкоска, а компјутерското уредување е на Весна Христовска.
Првата книга на Брезовска ја промовира поетот Филип Димкоски, а водителка на настанот беше Јасмина Ѓорѓиева. Извадоци од расказите читаа: Стефанија Јакимовска и Бојана Спасовска од СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ во Велес, поранешни ученички на авторката Брезовска. Музичката програма на настанот ја реализираа професорите по музичка уметност Светлана Ташева и Илија Настовски од музичкото училиште „Стефан Гајдов“.
Другарството – алка што поврзува континенти
Што е човекот ако е самец осамен во светот?
Ситно копче од пижами загубено во летот или континентот,
апанзас празна шуплина подивена во суво дрво оголено,
само копнеење фрлено на изгладнет пес, пусто, несподелено,
чунки в самотија ѕвездената среќа не ликува,
та душата верна друшка си повикува, радоста со пријателите свои да ја зголеми,
за црни денови рака некому да подаде – збор, мака да си довери,
мисли што ја мачат големи или тајни длабоки ко корени да повери, тука, некаде,
отаде блажена насмевка да ти донесат и тагата морна ко ветар вешто
да ја избришат, однесат, та во пепел да ја претворат, цела да ја растресат
и со секоја нова дума при празни џебови да ти полнат душа, срцата смело
да се поврзат ко јазол со вечноста гушнат,
та за навек ко килим на ѕид од кералче да се врежат, знаеш, другарството
е императив за љубов во време без улов и мрежа.
Оваа песна освои гран при на литературниот конкурс на 53. „Детски рацинови средби“. Автор е Екатерина Бочвароска, трета година во ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид
Мојата другарка Лејла
Живеам во маало каде што претежно живеат Македонци, но има и Албанци и Турци. Учам во мешано училиште, па не гледам и не правам разлика меѓу луѓето. Моите родители имаат пријатели од сите националности, па така и ме воспитувале, да бидам пријател со сите. Мајка ми често вели дека не е важно кој си, од каде си и колку имаш, важно е човек да има големо срце.
Пред една година во моето маало почна да доаѓа едно дете. Ќе дојдеше со еден постар човек, за кој подоцна дознав дека е таткото, и ќе останеше на улица да игра до стемнување. Таткото влегуваше во кафеаната, или како што дедо ми ја вика играчница за табла, карти и оксан, која се наоѓа под нашата ќуќа и дури кога ќе се стемнеше си одеше со детето. Детето играше секогаш само и искрено ми беше жал. Во маалото има многу деца, некои живеат во куќите, а некои во згради, но никое од нив не му обрнуваше внимание. Често го набљудував од прозорецот и не можев да заклучам колку години има и дали е машко или женско. Беше малку повисоко од мене и имаше кратка коса, па заклучив дека е машко. Утредента се приближив и го прашав:
– Сакаш ли да играш со мене?
Тоа срамежливо ме погледна и ми рече:
– Може!
Така почна нашата дружба. Зборуваше чисто македонски, па по тоа заклучив дека е Македонец. Но ништо од тоа што го заклучив не беше точно, вистината ја дознав подоцна. Другите деца малку по малку почнаа да го дружат, па, така, времето го минувавме заедно. Сепак, во играта беше дел од нас, но никој не го канеше дома и на родендени. За мојот роденден правевме список со мајка ми и јас го додадов и новото дете.
Мајка ми ме праша:
– Под новото дете мислиш на Лејла?
Јас ја погледнав чудно. Таа ме забележа и продолжи:
– Лејла, девојчето што играш надвор, така?
Се изненадив: девојче?!!
– Мамо, не слушнав за името, ама не е девојче!
– Девојче е, и се вика Лејла.
Татко ѝ оди долу кај дедо ти во кафеаната.
– Девојче? Бев сигурен дека е машко – реков изненадено.
– Не е важно, ако сакаш ќе ја запишеме, само мораме да го прашаме татко ѝ за дозвола – рече мајка ми.
– Мамо, праша ја мајка ѝ – реков набрзина.
– Седни! Изгледа многу работи ти не знаеш. Лејла нема мајка, таа починала кога била многу мала, па живее со татко си. Би требало да знаеш дека е дете од мешан брак, мајка ѝ била Македонка, а татко ѝ е Албанец. Таа е постара од тебе и учи во албанските паралелки.
– Ете, ова треба да го знаеш. А сега да ги напишеме поканите.
Лејла беше пресреќна за поканата и на роденденот многу се забавуваше. Како минеше годината, игрите надвор се проретчуваа, најчесто поради ладното време. Но Лејла продолжуваше да доаѓа, особено по часовите, бидејќи татко ѝ беше во кафеаната. Мене ми беше жал да ја гледам сама надвор и побарав дозвола да дојде кај нас дома. Мајка ми се договори со татко ѝ и често беше наша гостинка, дури и на ручек. Мајка ми често водеше разговори со неа. Дозна дека живеат многу бедно, дека нема никој освен татко ѝ и дека никогаш не славела роденден. Кога се ближеше денот за нејзиниот роденден, мајка ми тајно се договори со децата од маалото и уште една мајка, купи торта, обезбеди простор за да ѝ приредат прослава. Се разбира, со дозвола на татко ѝ. Кога дојде денот, татко ѝ ја донесе и ја внесе во просторијата. Никогаш нема да го заборавам збунетиот израз на лицето кога сите викнавме:
– Среќен роденден!
Таа збунето ја повлече мајка ми за рака и ја праша:
– Чиј роденден е ова, тета?
Мајка ми ја погали по главата и ѝ рече:
– Твој мила,твој. Лејла, возбудено и сѐ уште во неверување, како за себе да си рече: Мој?!! Потоа се доближи до нас и се насмевна. Роденденот започна. Сѐ течеше како што започна, со изненадувања. Лејла имаше роденден со две торти, како да сакаше времето што го пропуштила во славење на родендени, самото да се дополни. Еден пријател на татко ѝ кога слушнал за изненадувањето што сме го подготвиле сакал и тој да даде придонес, па донесе уште една торта.
Лејла беше пресреќна. Кога заврши сѐ, срамежливо се доближи до мајка ми, ја бакна и тивко ѝ рече:
– Ти благодарам, тета.
Така Лејла стана дел од нашиот живот. Кога се стопли, нашата игра од дома, повторно се префрли во дворот, пред кошот и зградите. Еден ден занесен во играта не бев слушнал дека децата се договарале да порачаат пица. Кога дојде порачката, сите си го зедоа својот дел и почнаа да јадат, без да погледнат во мене. Јас се тргнав настрана, но Лејла веднаш ме викна заедно да јадеме. Јас ѝ реков дека не сум гладен, но таа инсистираше или и таа немало да јаде. Знаев дека е гладна и знаев дека тоа ќе ѝ биде единствено јадење дента, па затоа прифатив мал дел. Седна веднаш до мене, насмеана, ми подаде половина и јадевме заедно. Ја гледав и јадев, а душата ми се полнеше што ја имав за другарка. Тогаш ги разбрав зборовите на мајка ми: „Не е важно кој си, од каде си и колку имаш, важно е човек да има големо срце“. Човекот со големо срце седеше до мене – тоа е мојата другарка Лејла.
Oд книгата „Детства“ на Наташа Брезовска Богоевска