Креативната осмоодделенка Ангела Јанкулова од Радовиш има голема желба дечињата и нејзините врсници од цела Македонија да се запознаат со нејзините творби, слики, песни и креации.

Еве како се опиша таа себеси во своето писмо до редакцијата на „Колибри“:
„Јас живеам во Радовиш и сум ученичка во 8-1 во ООУ ’Крсте Петков Мисирков’ во мојот град. Одлична ученичка сум, а во слободно време сакам да читам книги, да цртам различни цртежи, да пишувам песни… Цртањето е нешто што најмногу ме исполнува, тоа е моето омилено хоби. Со поддршка на родителите, досега учествував на две изложби за државни институции, каде што за моите ликовни творби добив многу пофалби и благодарници. Во последните две години голем дел од времето посветувам на пишувањето. Инаку, досега имам создадено повеќе песнички, а некои од нив се најдоа и во мојата прва книга со 100 песни, насловена ’Мојот волшебен свет’. Повремено се занимавам со изработка на мали модели со облека“, напиша Ангела.

Таа исто така е креативна во повеќе секции на своето училиште.
За мотивот што ја натерал да пишува и за темите на кои создава таа, во предговорот на својата книга вели: „Сите мои песни се напишани со искрена и голема љубов кон децата, родителите, семејството и мојата татковина Македонија. Мојата љубов кон пишаниот збор почна уште од мала возраст. Родителите ми читаа приказни и басни. Сето тоа се собираше во мене, па продолжив со читање и еден ден се осмелив и ја напишав мојата прва песна.

Потоа се нижеа една по друга моите творби и секој ден желбата за пишување беше поголема и поголема. Мојата татковина Македонија е мојата најголема инспирација за песните, расказите и приказните. И моја најголема желба е да останам тука, во мојата родна грутка и да творам за нас. Зашто само тука сум јас, тука сум си дома, а тоа е мојата најголема среќа“, порачува Ангела.


Објавуваме неколку нејзини песни од книгата „Волшебен свет“, но и цртежите и креациите на талентираната и амбициозна Ангела, на која ѝ посакуваме уште многу успеси. 


Железничар

Шините тој ги брои
И од нив не се двои.
Во секое време
Пролет, лето, есен, зима
Тој сила има.
И кога дождец врне
Снекче вее,
И сонце кога силно грее.
По ридој ита
И насекаде скита.

Зима

Зимата е деца кралица снежна.
Покривка бела, ја покрил снег,
И кога газиш по него е многу мек.
Во облека топла се облекуваш ти
А надвор снешко очиња скрил.
Убаво е со деца да се дружиш,
И со санката по снегот да кружиш.
Во есента лисјата паѓаат
А дури во пролет нови се раѓаат,
Зимата е строга, ама и во неа
Убавина има…
Е, тоа е зима!