Велигден е на прагот, нели?
Еве за тоа и за своето братче што вели една Ели…
Леле, и над чудото имало чудо! Моето братче Васко, ептен стана „лудо“!
Цела недела, сите дома си немаме мира. Без никаква причина, ужасно нѐ нервира!
Најмногу од сите мама ја јадосува.

Замислете си – уште сега ја тера – јајца да бојосува!
А, до Велигден има уште цела недела, нели?!
Таа му објаснува по сто пати и му вели?!
– Рано е, сине! За тоа посебен час и ден има…
Но, тој не ја „рецка“ ни совет ни објаснува прима. Едно си знае, едно си „бае“! Цимоли како нагазнато кутре!
– Сакам црвено јајце, мамо и тоа најдоцна до утре!
Се обиде и баба, ама ништо!

На крајот, се замеша и дедо:
– Првите јајца се вапсуваат на Величетврток, чедо… Ете, така си е редот уште кога јас бев дете. Така и сега мора да биде. Три дена по тој ден и – Велигден иде… Тогаш мама ќе ти ја измие главата со црвено јајце и со здравец…
– Не сакам! – скокна брат ми. – Ќе ми ја расипе фризурата. На мојата глава секое влакно си има свој правец!
– Претеруваш, море дете! – се налути и тато.
А брат ми како штрк над оџак го истегна вратот:
– А зошто тогаш на пазар уште сега се продаваат јајца? И тоа –
црвени?!
– Затоа што се играчки, – му вели тато – тие се дрвени!
– Аха, хаа, како да се сепна брат ми. – Така значи…
– Да, така! – му врати тато – на глава на сите ни се качи!
– „Значи – готово е!“, сега ќе кажете. Е, не е – многу се лажете…
Утредента, враќајќи се од училиште, брат ми си купил едно такво јајце. Ем црвено – ем дрвено.!

И наместо во дневната – влегол во кујната, во соседната соба!
А таму – цела табла со јајца, па почнал едно по едно да ги „проба“.
И, се знае со: неговиот „црвен и дрвен пеливан“ работата веднаш ја свршил. Уште невапсани – сите јајца ги свршил.
И сега, ене: Мама крши прсти, баба ми се крсти, а тој победнички се смешка:
– Не верував – вели –-дека „пеливанчево“ е дрвено! Извинете – моја грешка.

Киро Донев