Доделени годишните награди на ДПМ
Книгата „Приказни за добра ноќ на мама Ана“ од авторката Билјана С. Црвенковска, која е дел од сликовниците издадени од „Светот на Биби“, ја доби престижната награда за детска литература „Ванчо Николески“, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија. Оваа книга победи во конкуренција од 13 дела на истакнати македонски автори.
Комисијата за доделување на наградата за најдобра книга за деца „Ванчо Николески“ на ДПМ беше во состав: Весна Мојсова-Чепишевска (претседателка), Мишел Павловски и Игор Крајчев. Номинирани беа 13 дела на истакнати автори, меѓу кои: Венко Андоновски, Славе Ѓорѓо Димоски, Ели Маказлиева, Владимир Мартиновски, Васил Мукаетов и Томислав Османли.
– Книгите за деца не треба само да забавуваат туку и да подучуваат, да му помагаат на детето полесно да расте и порасне и посоодветно, поотворено, похрабро да се соочува со сите прашања и дилеми што ги носи самиот живот (семејството, заедницата, другарчињата). „Приказни за добра ноќ на мама Ана“ од авторката Билјана С. Црвенковска (од серијалот книги и видеа „Светот на Биби“) се состои од пет најсовремени сказни за добра ноќ. Оваа книга на убав начин се обидува да ја врати традицијата на читање приказна/сказни пред да замине детето во светот на сонот. И наместо испраќањето в кревет да биде само со банално кажување „добра ноќ“ и бакнување во умното мало главче, приказните на Црвенковска посакуваат да се врати стариот ритуал на читање приказна/сказна за добра ноќ.
И како таква, таа е наменета за сите деца, кои еден ден ќе бидат родители на свои деца, но и за сите возрасни, зашто забораваат дека некогаш и тие биле деца. Поигрувајќи си и со матрицата на сказната и со матрицата на митот, Црвенковска дава убаво четиво за сите. Една приказна мора да забавува и да ја поттикнува љубопитност на детето. За да му го збогати животот, таа мора да ја поттикне неговата фантазија, мора да му помогне да го развива својот интелект и да ги објаснува своите чувства, мора да биде во согласност со неговите ставови и стремежи, но мора и целосно да ги признае неговите тешкотии, истовремено укажувајќи на решенијата на проблемите што го вознемируваат (како што во овој случај е самото заспивање). Накратко, приказната треба истовремено да биде поврзана со сите аспекти на личноста на детето, а тоа го постигнува авторката Билјана С. Црвенковска преку петте приказни: за малиот еднорог Алфеј, кој летајќи на шарените облаци успева да стигне безгрижно во земјата на соништата, за тврдоглавиот диносаурус Даро, кој поради играта не сака дури ни во најголемиот замор да му се предаде на сонот и спокојно да заспие, за малата сонлива самовила Луна, која е далеку од својот самовилски град и затоа не може спокојно да заспие, за сонот на бебето-змеј и на крајот за самата Биби, која не може да заспие и едноставно само преку разговорот со Сончок, кој доаѓа од земјата на соништата, успева некако да влета во сонот.
Така, слушајќи ги овие приказни, децата може, како што пишува и самата авторка, да отпатуваат во Земјата на Сончок и притоа да не стануваат од своите кревети. Едноставно тие треба да потонат во своето меко перниче, да ги затворат очите и да се опуштат… и патувањето може да започне! Литературата за деца има таква моќ и креативност да го разбуди и детето во возрасниот читател. Возрасните читатели и децата читателите се поврзуваат преку литературата затоа што секој возрасен човек во себе го носи детето, а секое дете е „татко на човекот“, а книгата „Приказни за добра ноќ на мама Ана“ од авторката Билјана С. Црвенковска е книга со приказни што (треба да) дејствуваат приспивно и за едниот и за другиот, ги успокојуваат и едниот и другиот – се вели во образложението од Друштвото на писатели за изборот на „Приказните на Ана за добра ноќ“ за детска книга за 2020 година.