„Нашите животи се толку кратки, како трепкањето на окото, и не треба попусто да ги трошиме“, изјави во една пригода Пеѓа Трајковиќ, познат српски поет, сатиричар, карикатурист, драмски писател и автор и илустратор за деца.
Тој за себе вели и дека е борец за правото на мечтаење, а тоа, се разбира, најмногу го има во книгите.
– Иако има многу други што се постручни да ги воспитуваат децата од писателите, по сѐ изгледа токму оние што пишуваат за најмладите останаа да ги бранат моралните принципи во општеството и како витези-трубадури јуришаат на сите лоши работи насочени кон децата – вели Трајковиќ.
„Ако некогаш се случи светот да го движат чуда и книгите да бидат во мода, библиотеките, наместо членови, ќе запишуваат фанови и литературни манекени“ – ова се стихови на Пеѓа Трајковиќ, со кои ги повикува читателите во својата поетска авантура насловена „Секој петок, вторник и среда“.

Автор е и на книгите за деца: „Децата на светот“, „Нојот татко е витез од црно злато“, „На патот за Оз“, „Дали лае морскиот пес“, „Кога ќе станам голема“, „И носорогот знае да лета“, „Од почеток до почеток“, „Смешната страна на светот“ и други.
Роден е на 16 февруари 1956 година во Котор, Црна Гора, но набрзо семејството се сели во Јагодина, Србија. Завршил економски факултет во Белград. Основач е и сценарист на првото српско детско кабаре „Шарена работилница“, со кое постави десетина кабаретски и театарски претстави. Уредник е и илустратор на литературните списанија за деца „Гороцвет“, „Ризница“ и „Букви на струја“. Покрај тоа, илустрирал повеќе од 200 книги на други автори.
Неговата драма „Омча“, во режија на Милош Јагодиќ, во 2011 година е номинирана за најголемата европска награда во категоријата „При Европа“ во Берлин.
Самостојни изложби на карикатури имал во: Јагодина, Брус, Црвенка, Ниш, Лазаревац, Бања Лука и во Прибој. Добитник е на голем број награди за детска поезија и драмски текстови, како и за своите илустрации и карикатури.


Книга

Има книги, вистинско богатство
На децата најдобро другарство.
Има книги кои многу знаат
И затоа, тие вечно траат.
Добри книги, каде било да сте
Со вас, ете, најдобро се расте.
Книги згодни, со мудрости плодни,
Секогаш сте за нас неопходни!

Пеѓа Трајковиќ
Препев: Наум Попески