Писателот за деца Васил Мукаетов неодамна бројот на своите авторски дела го зголеми со три нови книги. Станува збор за насловите: „Од згода до згода, заграб бистра вода“, што во продолженија излегуваше и на страниците на „Колибри“, и „Што е, што не е“ и „Ај погоди“, претходно објавени како независни проекти, а сега ги објави издавачката куќа „Арс ламина“ во едицијата „Либи“. Убавите илустрации и овој пат се дело на Наташа Костова.
Но да тргнеме по ред, „Од згода до згода, заграб бистра вода“ содржи умнозборки, пословици и поговорки, а е инспирирана од творештвото на нашиот најплоден собирач и запишувач на народното книжевно наследство Марко Цепенков. Тој, верувале или не, собрал над 5.000 народни пословици и поговорки. Дел од оние што се однесуваат на карактерот и интересите на децата се пренесени во оваа книга како авторски песни на Мукаетов. И повторно со желба за поука.

„Зрнце по зрнце – погача.
Капка по капка – море.
Умниот Марко собирал
сѐ што народот зборел.
Бисер по бисер течно,
за да ни остане вечно“
Со овие стихови почнува оваа едукативна книга за најмладите читатели,за која во својата рецензија, Ермис Лафазановски вели: „Сиот наш македонски усно пренесуван фолклор имал и има единствена цел – да се бори со заборавот, затоа, колку е тој поумен, побогат, полесно достапен, толку тој повеќе ќе трае и ќе векува. Токму затоа Мукаетов во книгата, покрај прекрасно и вешто напишаните песнички, вметнал и неколку поучни народни приказни, што во својата суштина не се ништо друго, туку раскажани поговорки“.

Книгата „Што е, што не е“ повторно на еден интересен и достапен начин на децата им го открива богатото творештво на Цепенков, овој пат фокусирано на гатанките, кои во книгата се дадени во изворниот облик, а патот до одговорот е стихуван. Исто така читателите имаат задача да ги запишат сами одговорите на гатанките, кои ги има точно 99 на број.
Третата книга „Ај погоди“ содржи 95 песни дополнувалки. И тука младите читатели се во улога на соработници на Мукаетов, бидејќи тие сами треба да ги допишат одговорите на гатанките скриени во стиховите. Потребни се само желба, моливче и досетливост.
И, драги деца, на крајот ве советуваме брзо да ги прочитате новите книги, зашто плодниот автор Васил Мукаетов сигурно веќе размислува со што да ве изненади во наредниот период. 


Здравјето пред сеѐ

Колку векови
да се сменат,
една вистина трајна:
– Здравјето цена нема.

Нашите рекле:
„Тој не признава зима,
здравје кога си има“.

Само здрав
сѐ можеш да сториш,
да сработиш, да се бориш.

Затоа,
сѐ што ќе се земе,
навреме.

Проверено. И одмерено.
Ниту врз компјутер
по цел ден свиткување.
Во јадење претерување.
Не заборавај ни спортување!

Здравјето
затоа се негува.
Еве и во поговоркава
што следува,
позната тема:

Како здравје поарно ништо нема.