Еден од најинтересните и најнеобични жители на зоопаркот е белата мечка.
Крај нејзиниот кафез речиси секогаш има најмногу посетители. Всушност, тоа не е обичен кафез како оние во кои се сместени другите животни, ами поголем базен полн со вода, среде која стрчи една голема подводна карпа. Врз тоа парченце копно, одвреме-навреме се искачува мечката и, тука, по подолго нуркање и пливање, си ја суши својата прекрасна снежнобела бунда.
Во еден таков миг, додека си го чистеше крзното, ја начекав и веднаш го почнав разговорот со неа.
– Другарке, бела мечко, каква е таа мода: толку си бела и чиста, и пак постојано си во вода?

– Од сѐ во светот најмногу ги сакам мразот и водата. А, зашто е тоа така прашајте ја природата?
– Значи, додека твоите роднини – сивата, црната и другите мечки, тонат во зимски сон, ти сакаш да уживаш во студот?
– Нема ништо поубаво од тоа да се скита по мразот во некоја страшна виулица, или да се легне под ведро небо и утредента да се разбудиш затрупан со снег. Но такви задоволства можев да доживеам само на Северниот Пол.
– Сигурно и долго живееш?
– До дваесет и пет години.
– Велат дека си необично силна и дека со еден удар на шепата можеш да кренеш или да усмртиш теле?
– Море, можам да повлечам и да кренам и цел вол! Зарем не гледаш – долга сум три, а висока еден метар, а тежам колку дваесетина луѓе заедно!
– Но те сметаат и за многу добра и грижлива мајка?
– Да, сѐ би сторила за моите деца. Особено кога се малечки. Тогаш се немоќни, личат на морски ежиња, тешки се едвај три-четири килограми и сосема се слепи и голи. Морам често да ги дојам, да ги чистам и мијам, да ги изведувам на прошетка качени на грб и да ги учам како да ловат и да се чуваат до непријателот.
– А тие, те слушаат ли?
– Како и дечињата, така и мечињата. Честопати се непослушни, палави, се препираат меѓу себе, се караат, а тоа и мене, како и секоја друга мајка ме лути.
– Ги тепаш?
– Па, првин ќе ги скарам, ако не се смират, тогаш ќе ја сетат и тежината на мојата шепа. Но тоа ретко се случува. Најчесто им простувам, зашто не можам да слушам како плачат.
– До кога трае таа твоја љубов и грижа кон нив?
– Додека да пораснат. Додека да бидат способни сами да се грижат за себе. А тие многу ме сакаат и најчесто остануваат со мене до третата година, а потоа – секој на своја страна.
– На крајот: кажи ни една своја желба?
– Хм, желба…Ако веќе морам да останам до крајот на животот во ова бетонско корито, барем зимата да биде како што треба. Студена, со големи мразеви, со снег. Јас навистина не знам зошто ви се другите годишни времиња, кога зимата е најдобра! Ех, кога би можела да трае барем девет месеци и да биде студена како во мојот роден крај!
Ете, тоа го рече белата северна убавица, воздивна и се нурна во водата. А јас останав да ја гледам како лесно и брзо се движи по дното на водата. Едвај успеав дури и да ја снимам…

(Од книгата „Дарко во зоопаркот на Киро Донев, издание на „Македоника литера“)


Наместо белешка за авторот

Киро Донев е познат и широко прифатен од младите читатели по инвентивниот хумор и ведрината во неговото творештво.
Овој плоден автор е роден во 1942 г., во Моноспитово, Струмичко, и е автор на четириесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиеси, стихозбирки и сликовници. Добитник е на неколку високи книжевни награди во земјава, а неговите дела се преведени на десетина јазици.