И покрај тоа што деветтоодделенците го завршија образованието следејќи онлајн настава и на училиште дојдоа само да си ги земат свидетелствата, во училиштата низ Македонија, сепак, овој свечен чин беше одбележан на оригинален начин. Класните раководители, пак, со многу емоции им посакаа на своите ученици гордо да чекорат по животната патека

Деветтоодделенците од цела Македонија на оригинален начин се простија од училиштето и од наставниците


Учениците од ООМУ „Васо Карајанов“ се збогуваа со „Прекрасна песна“

Музичкото училиште од Гевгелија на необичен начин, со прекрасната песна од операта „Волшебната флејта“, во што беа вклучени учениците од музичкиот оддел го заокружи и го прослави крајот на наставната година. Имено, секој ученик од музичкото училиште си направи во домашни услови свое видео, кое потоа без дополнителни технички обработки, наставниците Зоран Гогов, Александар Лазаров, Влатко Сапламаев и Соња Панова успешно го преточија во прекрасно заедничко видео музицирање.
За тоа од каде потекнала идејата да се направи вакво видео, директорката на ООМУ „Васо Карајанов“, Сузана Стефанова, ни кажа дека иако е направено во несекојдневни услови, ова музичко парче допре до многумина.
– Во овие несекојдневни услови со кои сѐ уште се соочуваме не само во нашата земја туку и пошироко, секој од нас музичките педагози се обидува да најде нови и креативни начини за да може трудот на учениците да го постигне својот краен резултат односно, да допре до својот аудиториум. Како што наближуваше крајот на учебната година, во недостиг од традиционалните форми на музичко изразување преку јавен настап, на еден од нашите наставнички совети се роди идејата да направиме заеднички аудио и видеоматеријал на одредена композиција.

Целта беше да го заокружиме и одбележиме крајот на оваа учебна 2019/2020 година во отсуство на физичко присуство, како што впрочем и се налагаше со препораките од МОН – наставата во училиштата да заврши преку далечинско учење. Во ова наше првенче учествуваа околу 50 ученици од музичкиот оддел при ООМУ „Васо Карајанов“ – Гевгелија, ученици што во текот на редовната настава посетуваа и часови по хор и оркестар во училиштето. Во нивната поддршка покрај наставниците, учествуваа и родителите – вели директорката Сузана Стефанова.
Таа дополни дека композицијата „Прекрасна песна“, извадок од операта „Волшебната флејта“ од В.А. Моцарт, како музичка точка била предвидена да се работи во текот на второто полугодие.

– „Прекрасна песна“ требаше да биде изведена на традиционалниот годишен концерт на нашето училиште, кој секоја година се одржува во мај, но со оглед на околностите оваа година како и со многуте откажани културни настани така и ние не бевме во можност да го организираме. Овој прв проект од ваков тип е резултат на тимската работа на наставниот кадар во нашето училиште и верувам дека во иднина можеме и ќе направиме уште поквалитетни и поголеми настани – вели Стефанова. Љ.А.


Деветтоодделенците од ОУ „Димо Хаџи-Димов“ засадија дрво

Учениците од 9Д одделение од училиштето „Димо Хаџи-Димов“, заедно со класната раководителка Соња Поповска-Трајковска и родителите, наместо со подароци за разделба, последниот училиштен ден го одбележаа со акција! Заедно засадија дрво во училишниот двор како симбол на нивната генерација, која расте и го продолжува животот во образованието. Со акцијата овие полуматуранти во 2020 година, пренесоа порака за идните генерации. Заштитата на нашата околина ќе создава здрава иднина! 

 


Учениците од ООУ „К.П.Мисирков“ успесите ги забележале на хамер

„Сите луѓе не можат да бидат богати и славни, но сите можат да бидат добри“, со оваа мисла пред четири години ги пречекав моите шестоодделенци, со оваа мисла ги испратив во средно. Убедена сум дека во иднина покрај тоа што ќе станат лекари, професори, инженери тие ќе бидат и добри луѓе. Затоа што добрите луѓе се производ на добрите деца, а моите ученици се добри деца сите до еден, вели Гордана Здравкоска, одделенска раководителка на 9-3 одделение во ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш.
Според неа, оваа генерација ученици ќе ја памети по многу нешта, а најмногу по тоа што своето основно образование го заврши на далечина.
– Три месеци учениците учеа од дома, на далечина, во оваа новонастаната состојба сите изгубивме нешто, но истовремено и добивме. Покрај лекциите од училиштето научивме и неколку важни лекции од животот, една од нив е дека здравјето е најважно од сѐ.

И свидетелствата, во согласност со препораките, ги добија на дистанца, но може ли да се држи среќата од повторната средба на дистанца, може ли да се држат емоциите на дистанца, радоста што повторно низ училишните ходници се разнесе детски џагор, кој нѐ потсети дека деновите поминати во училишните клупи се најубави денови од животот на секоја индивидуа. Поразговаравме, си честитавме за успехот, си посакавме успешни идни години… Ги испратив во мислите, им посакав во септември каде и да го продолжат средното образование да ги пречека класна, која ќе може да ги разбере како што ги разбирав јас моите деца – ученици – вели Гордана Здравкоска.
Таа последна го напуштила кабинетот, спокојна поради сознанието дека нејзините деца ќе бидат добри луѓе, а зад затворените врати останал да стои хамерот на кој секоја година ги забележувале успесите на 9-3. Ф.Д.


Во ООУ „К.Г.-Јане“ децата снимиле креативни видеопораки

Иако во вонредни услови, во ООУ,, Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп, добро се организираа околу завршните активности за оваа учебна година.
– Бидејќи нашиот патронен празник е во мај, посебно морам да ги пофалам нашите полуматуранти, кои направија голем број видеа, слики, презентации со музички и рецитаторски изведби и на тој начин им се заблагодарија на своите наставници за деветгодишното образование и воспитание. Организиравме фотографирање, но секој имаше можност по своја желба да биде облечен, па така иако во различна облека учениците направија букети од слики на кои се насмевнуваа среќни детски лица – вели Кети Стевананџија, директорка на ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ – Прилеп.

Поради почитување на мерките за безбедност, децата доаѓале во закажан термин да ги враќаат учебниците, а наедно и да се поздрават со своите наставници
– Организиравме и избор на првенец на генерацијата, а тоа е Барбара Мицеска. Таа уште од малечка се издвојувала со својата добрина, култура, позитивност, солидарност. Подготвена е во секое време да даде придонес за успешно претставување на училиштето – преку своите песни, како водител на дебати, како хуманист, член на Детската амбасада.. – ја претстави директорката најдобрата ученичка меѓу деветтоодделенците во нејзиното училиште.
Таа дополни дека како секоја генерација така и оваа оставила белег по што ќе биде запаметена.

– На сите ученици им посакувам добро здравје, среќа и успех во натамошното школување. По кој пат и да тргнат во идниот средношколски период, да го сакаат тоа што ќе учат, тоа што ќе го работат, да одат гордо и исправено по патот на животот – посакува директорката Кети Стевананџија. Ф.Д.


Полетаа желбите на полуматурантите од ООУ „К.Ј.-Питу“

Вера Ангеловска, класна на деветто одделение во ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ од Скопје со овие зборови ги испрати своите ученици: „Први меѓу првите, ѕвезди меѓу ѕвездите… И нека вашите желби што патуваат до ѕвездите станат реалност. Среќно наши полуматуранти…“.
Оваа година поради пандемијата на коронавирусот учениците не беа ниту на екскурзија, а немаа и прослава. Но првите луѓе на училиштето за секој ученик обезбедиле по еден балон, со намера тие да си замислат желба и симболично, со истовремено пуштање на балоните, со звуците на песната на германската пејачка Нена – „99 luftballons“, симболично да ги испратат своите желби за успешна иднина и реализирање на сите мечти и планови.