Сервис за перење коли. Во Скопје ги има на секој чекор. Ме прашувате дали ја носам мојата кола на перење?!.. Да, ја носам.
Но, овде намерно направив две грешки. Колата е автомобил, значи ние возиме автомобили, а не коли. Потоа, сервисот за перење коли е сервис за миење автомобили.
Алиштата се перат, а автомобилите се мијат.
Чувајте го јазикот!
„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!