проф. д-р Кирил Темков
Состојбите во животот често бараат луѓето да им посветат мисли, внимание и дејност за нивно поправање. Болестите, тешкотиите, сиромаштијата, немањето, страдањата, меѓусебните несогласувања, тешките задачи, големите обврски и должности – сето тоа во човекот поттикнува внатрешна сила да се замисли и да се насочи кон решавање на проблемите.
Исто така и лошата положба и страдањата на ближните кај луѓето предизвикуваат желба да им се најдат во олеснувањето на тешкотиите.
Ваквата желба да се направи нешто добро, како и она што вистински е неопходно, се нарекува грижа. Таа претставува израз на внимание за проблемите и значи насочување кон обврските за тие да бидат извршени како што треба. Таа е човекова мисла за проблемите и негов однос кон нив, со намера да се најде решение и луѓето да бидат ослободени од притисокот.
Загриженоста, однатре, може да ги нагризува и оние што не сакаат ништо да сторат или одбиваат да му помогнат некому во неволја. Оној што не ги прифаќа задачите, не ги гледа страдањата околу него и не сака да му се најде некому, тој може да кажува дека нема грижи. Но таквата безгрижност не е радосна ослободеност на оној што ги решил проблемите или го направил она што треба и што се бара од него.
На таквите што не се доволно загрижени или што ги занемаруваат обврските или го отфрлаат повикот за помош, вистинската грижа ќе им дојде кога над нив ќе се надвиснат нерешливи проблеми. Тогаш грижата го покажува најгрдото лице, зашто таквите луѓе ќе нема кој да ги утеши, поради тоа што неразумната безгрижна личност си ги уништила помошниците во другите луѓе за разбирање на нејзините маки.
Етичка мисла:
Оној што не мисли на другите, еден ден ќе согледа дека ни другите не мислат на него.
Кинеска поговорка