Трајче Кацаров со најмладите читатели

Нема театар без детето во него, како што нема дете без да посака неговиот свет да биде театар, вели Кацаров

ОД МОЈ АГОЛ ЗА ТЕАТРИТЕ ЗА ДЕЦА: ТРАЈЧЕ КАЦАРОВ, ПИСАТЕЛ И ДРАМАТУРГ

Во својата стратегија или, ако сакате, тактика за опстојување во животната средина, театарот секогаш поаѓал и ќе поаѓа од публиката.
Почитувајќи ја таквата одредница, театарот секогаш му се обраќа на детето како на исклучително важен елемент во создавањето потенцијални театарски адоранти и апологети. Односно му се обраќа како на исклучително важна странка во создавањето коалиција без која театарската уметност не би имала смисла.
Како што би рекле теоретичарите, не може театарот да ни биде втор дом ако тој не е место каде што ќе се случуваат нашите животи и каде што ќе се чуваат спомените на нив.
Театарот не може да ни биде втор дом ако бидеме спречени во изборот на бојата на ѕидовите, големината и формата на вратите и прозорците, како и на дизајнот и распоредот на мебелот.

Ако еднаш го вдомиме детето во театарот, во вториот дом, сме го вдомиле засекогаш. Ако еднаш на детето му покажеме како се совладува стравот и како се победува желбата за комфорно живеење, што значи подреденост на нечија волја, детето засекогаш ќе остане пленик на таквиот наук.
Еднаш кога ќе го доживее тој свет, детето никогаш повеќе нема да се откаже од можноста да биде жител на домот што ќе е лулка на големата илузија, светот да биде онаков каков што ќе посакаме.

Детето е еквивалент на театарот и обратно. Тоа равенство не е илузија. Не е измислица на некој театарски теоретичар. Тоа е референца извлечена од театарскиот чин, од неговата уметност.
Приближувајќи му се на театарскиот израз, се приближуваме кон детскиот израз полн со радоста, со оптимизмот на совршениот човек. Нема театар без детето во него, како што нема дете без да посака неговиот свет да биде театар. Кога детето ќе го направи првиот обид да се преоблече за да биде некој друг, да поддржува туѓ говор, движења, расположби, тогаш за него започнува театарот.

Има безброј факти што зборуваат дека во нашата литература за деца, детето е вдомено уште од нејзините почетоци. Но ако е вдомено во прозата и поезијата, во драмата како сѐ уште да чука на вратата и чека да му ја отворат. Сепак мораме да кажеме дека мотивот да се биде драмски писател за деца не треба да го бараме само кај авторите, туку и кај театрите, кои сѐ повеќе се свртени кон темите и авторите од увоз.