ТАЛЕНТИ: Олег Најдовски, млад музичар од Кавадарци

Единаесетгодишниот Олег Најдовски од Кавадарци веќе четири години ги открива тајните на кларинетот и го прави тоа навистина успешно. Бројот на добиените награди и признанија е потврда дека е на вистинскиот пат. Доказ за тоа е последното признание, добиено на Меѓународниот натпревар на млади таленти што неодамна се одржа во училиштето „Илија Николовски-Луј“ во Скопје.
На овој натпревар Олег Најдовски се закити со специјалната награда, а жири-комисијата во состав од еминентни професори по кларинет и музички уметници од Македонската филхармонија му додели 100 поени за исклучителната интерпретација проследена со многу емоции. За овој натпревар Олег со помош на неговиот наставник Пешо Бошков од ОО У „Лазо Мицев-Рале“ од Кавадарци одбра да свири две композиции: „Романса“ од Моцарт и „Вил шансон“ од Роберт Клерис, кои му ја донесоа 21-та специјална награда од вкупно 40 што досега ги има освоено во Македонија и надвор од неа. Она што овој натпревар го издвојува од другите е што првпат Олег се натпреварува во негова категорија, односно со учесници родени во 2008 година, бидејќи секогаш досега беше помал од другите натпреварувачи или најмал учесник.
– Олег Најдовски е исклучително талентирано дете и многу трудољубиво што, се разбира, уште на самиот почеток резултира со голем успех.

Во мојата долгогодишна кариера како музички педагог ова е втор исклучителен талент, што се навести уште пред четири години кога по само шест месеци изучување на кларинетот тој беше забележан од жирито на еден натпревар и награден иако во неговата категорија, односно возраст не се натпреваруваа други ученици. Олег е заљубен во кларинетот, а многубројните награди само го покажуваат неговиот талент. За среќа, во ова време на пандемија ние ја имаме привилегијата да држиме настава со физичко присуство – еден наставник и еден ученик во кабинетот, додека теоријата и други предмети се одвиваат онлајн. Олег е дете што постојано бара повеќе и непрекинато комуницираме на темата музика, што навистина ме радува многу – вели неговиот наставник и ментор Пешо Бошков.

 

Наставникот Пешо Бошков
и Олег Најдовски

Олег Најдовски потекнува од музичко семејство и е многу скромно дете. Тој срамежливо зборува за неговите успеси, но секојдневно се дружи со својот инструмент и упорно вежба. Таков беше и пред неколку години кога пишувавме за неговиот прв успех и кога кларинетот во неговите раце изгледаше како голем инструмент. По четири години неговата љубов кон кларинетот расте, како и бројот на наградите. Сјајот во неговите очи кога зборува за кларинетот покажува дека музиката и во иднина ќе биде негова преокупација. Ми.М.

 

 


Дали сте знаеле

Меѓу дувачките инструменти кларинетот е најразновиден

Кларинетот (англиски: Clarinet) е дрвен дувачки инструмент со единечно (просто) јазиче од трска. Почетниот дел му е усник, во облик на клун, на чија рамна страна, преку влезниот отвор на цевката, притиска јазичето, на долниот крај зацврстено со метален обрач со завртка.
Цевката има четири дела што се вовлекуваат еден во друг, а завршниот дел е во вид на инка (т.н. корпус) и по работ е опточен со метален прстен. На цевката се наоѓаат голем број отвори, од кои еден дел се покрива со врвовите на прстите, а другиот со затворачи (т.н. клапни) што се придвижуваат со сложен систем на лостови. Механизмот на современиот кларинет е многу усовршен, исто како и изведувачката техника, така што тој спаѓа меѓу највиртуозните инструменти според леснотијата со која можат да се изведуваат крајно брзи и сложени тонски движења, пишува „Википедија“.
Опсегот на изводливи тонови му е многу голем, а самиот тон е богат, погоден за многу различни музички карактери. Посебна одлика на кларинетот е широкиот опсег на гласност – од речиси одвај чуен звук до многу продорен, особено во високите тонови. Најдлабокиот регистер, т.н. шалмајски, е многу специфичен по темната и драматична звучност.
Меѓу дувачките инструменти кларинетот е најразновиден, па и во оркестрите често му се доделуваат истакнати улоги, а солистичката литература е многу богата. Тој наоѓа места во камерните ансамбли, претставува водечки мелодиски инструмент во дувачките оркестри, а особено значајна улога има во џезот.
Кларинетот бил познат уште во Стара Грција (аулос) и во Стар Египет. Современиот кларинет се развил кон крајот на 17 век, а веќе во 18 век (пример, кај Моцарт) е богато користен и влегол и во класичниот оркестарски состав. Технички е усовршен во текот на 19 век, кога многу го користеле композиторите романтичари.
Во Македонија музички дела за кларинет пишувале повеќе композитори, меѓу кои најпознати се делата за оркестарски и соло-кларинет на: Тома Прошев, Димитрие Бужаровски, Томислав Зографски, Панде Шахов и други.