Вие ни јавувате
Од 8 до 12 ноември, во рамките на проектот „Уживајќи во кодирањето со скреч“ на „Еразмус+“, во ООУ „Панајот Гиновски“ – Бутел, во Скопје, се одржа мобилноста наречена „Код гејмс“. Партнер-училишта во оваа мобилност се училишта од Анамур – Турција, Даугаи – Литванија, Русе – Бугарија и Мистербјанки – Италија. Учениците заеднички изработија игри во програмскиот јазик скреч, кои подоцна децата од помалите одделенија имаа можност да ги „тестираат“, односно да ги изиграат.
Како специјален гостин и изненадување беше познатиот сликар и хуманитарец Живко Поповски-Цветин, кој на присутните наставници и ученици им ја раскажа својата работа, а наедно имаа можност и одблиску да го видат како твори. Нашиот познат уметник им подари на сите учесници дела од неговите „цвеќиња на мирот“.