Во нашето училиште се изучуваат македонскиот, англискиот, францускиот и рускиот јазик, а по наставата учениците имаат можност да ги изучуваат и хрватскиот и бугарскиот јазик. Имаме особена чест да ви го претставиме македонскиот јазик со сета раскош, топлина, восхит, значење, коренитост, истрајност и заљубеност, велат учениците од ООУ „Димитар Миладинов“ од Скопје
Учениците од основното училиште „Дрежница“ од Мостар, Босна и Херцеговина, заедно со врсниците од Србија, Хрватска, Македонија и Босна и Херцеговина, во рамките на е-твининг проектот „Палеографски амбасадори“ , го одбележаа Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Основач и автор на овој проект е Едита Кевро, магистерка по историја на јазикот од ОУ „Дрежница“ од Мостар, Босна и Херцеговина, во партнерство со Валентина Мујичиќ, професорка по компаративна книжевност од ОУ „Иса Бајиќ“ од Србија, со нејзините проектни соработници Иванка Томиќ од ОУ „Павао Белас“ од Хрватска; Аида Петровска од ООУ „Димитар Миладинов“ од Македонија и Весна Костиќ од ОУ „Јован Дучиќ“ од Србија. Овој проект е продолжение на одлична и плодна соработка уште од 2019 година.
– Овој е-твининг проект е испланиран така што во целост ги искористува сите бенефиции што ни ги овозможува е-твинингот, а тоа се: поврзување со европските училишта, соработка со ученици од различни возрасти и од различни региони од Европа, иновативна примена на ИК-технологија и веб-алатки со кои се поддржува креативноста на учениците и се зголемува нивната заинтересираност за работа и совладување на материјалот од мајчиниот јазик – изјави Лејла Хујдур, е-твининг амбасадорка од БиХ.
Ученицитe од осмо и деветто одделение од ООУ „Димитар Миладинов“ секоја година го одбележуваат Денот на мајчиниот јазик со соодветни активности.
– Оваа година како дел од тимот „Палеографски амбасадори – Меѓународен ден на мајчиниот јазик 2020“ ги славиме убавините на јазикот. Во нашето училиште се изучуваат македонскиот, англискиот, францускиот и рускиот јазик, а по наставата учениците имаат можност да ги изучуваат и хрватскиот и бугарскиот јазик. Имаме особена чест да ви го претставиме македонскиот јазик со сета раскош, топлина, восхит, значење, коренитост, истрајност и заљубеност. Со радост ќе ги споделиме сличностите, различностите и карактеристиките на секој од јазиците на кои зборуваат палеографските амбасадори од Босна и Херцеговина, Хрватска и од Србија.
Праќаме голем палеографски поздрав до сите учесници во проектот.
Јазикот е нашата татковина, да го чуваме и негуваме. Среќен Ден на мајчиниот јазик – порачува наставничката Аида Петровска со учениците од ООУ „Димитар Миладинов“ од Македонија.
Како авторка на проектот, Едита Кевро сподели дека темата на проектот е тесно поврзана со темата „Јазици без граници“на УНЕСКО по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик 2020. Година што ги промовира јазичните разлики и повеќејазичноста, затоа што тоа е моќ на одржлив развој и траен мир. Признавањето и почитувањето на јазичните и културните разлики е придонес кон јакнење на единството и кохезијата на општеството. Идејата на проектот е ученици што се припадници на различни култури заедно го одбележат Меѓународниот ден на мајчиниот јазик 2020. На забавен и иновативен начин, палеографските амбасадори можат да имаат различни ставови за истата тема со дипломатски став дека различностите ги збогатуваат училиштата и локалните заедници доколку припадниците на мнозинската и малцинските култури се разбираат и почитуваат меѓусебно и активно придонесуваат во развојот на заедницата.
Сите наставници и раководители на училишните тимови, во 2019 година добија државни ознаки за квалитет од државата што ја претставуваат, како и учениците за своите активности во истиот проект во 2019 година.
Палеографски поздрави ви испраќаат палеографските амбасадори од сите земји-учеснички во проектот „Палеографски амбасадори – Меѓународен ден на мајчиниот јазик 2020“ до сите образовни институции во нивните земји, а по завршувањето на проектот ќе ги доставиме и материјалите што се изработени тимски, од сите учесници.
Дека децата се најдобри амбасадори покажуваат нивните дипломатски комуникации, како и голем број проектни активности во кои ги искажаа стекнатото палеографско знаење и креативност.
И навистина, децата се најдобри амбасадори и истражувачи на мајчиниот јазик!