Свети Климент учеше:

Најзначајната етичка личност во нашата историја е Свети Климент Охридски, кој живеел пред единаесет столетија. Тој бил голем проповедник и наставник, писател и лекар, истовремено е и наш најголем учител на моралот. Покрај многуте други етички пораки, тој ја искажал и моралната мисла: „Тргај се од злото и прави добро!“ Таа етичка порака вреди и денес и треба да стане основно начело на нашата етика, која ќе нè води по вистинскиот етички пат и ќе биде извор на сиот наш морал.
Нормалните луѓе бегаат од злото не само за да избегнат да не им се направи нешто лошо ним. Тие бегаат од злото за да не прават нешто нечовечно. Зрелата личност, вистинскиот човек се препознава според тоа што не го сака злото и што не прави зло. Тој се почитува себеси и ги уважува другите. Нему луѓето му се блиски и тој не ги повредува нив, како што и за себе си посакува само добро и го прави она што му донесува етичко задоволство од своето однесување.
Затоа избегнувањето од злото, како што укажува нашиот најпознат учител Свети Климент Охридски, е првата стапка на израснувањето на секоја личност. Тоа е првото нешто што секој мора да го научи, најважното што секој треба да го знае во животот и што мора да го следи на својот човечки пат.
Зборовите и делата на Свети Климент се насочени кон облагородување на човековото однесување. Тој барал со смирение и нелицемерство, со вистинска љубо да се почитуваме еден со друг. Тој ни поставил значајна задача „да се надминуваме еден со друг со добрина“ и „уште од денес да се помачиме за добри дела“.


Етичка мисла

Ајде браќа, од денеска да се натпреваруваме кој ќе биде подобар!

Свети Климент Охридски