Основната карактеристика на поезијата на Мукаетов е непосредноста што ја воспоставува низ метафорите со своите читатели – децата, благиот хумор и шармантноста на поетскиот јазик, толку многу потребен за сегашните деца, вели рецензентот Мишо Китаноски
НОВИ КНИГИ: „Ние по тротоари, по булевари…“ на Васил Мукаетов
Од перото на неуморниот автор за деца Васил Мукаетов неодамна излезе од печат неговото 21. издание за најмладите, насловено „Ние по тротоари, по булевари…“, со поднаслов „Големиот свет на детскиот поглед“. Авторот изразува задоволство и радост за најновата средба со своите читатели – децата, а се надева дека книгата, која ја издаде „Просветно дело“, ќе предизвика интерес кај нив.
Таа е напишана за стиховите да бидат одмор меѓу две лекции и две писмени работи, а учењето и образованието од обврска да се претворат во забава.
Оттука и приодот и инспирацијата на авторот е од неговиот вообичаен агол, од ведрата страна на случувањата и снаоѓањата на децата во современите предизвици и стекнувањето нови сознанија.
Авторот вели дека меѓу кориците на новата книга се случува детството, тука дома, во училиштето, во соседството.
– Целта на книгата е да се привлече вниманието на сите возрасти, со духовитоста, со едноставноста на мислата, топлината на зборот и со хуморот во пораките – вели писателот Васил Мукаетов.
Тој инспирацијата катаден ја бара во детското секојдневие, во кое со своите стихови се обидува да внесе ведрина.
– Желба ми е преку оваа книга децата да се разонодат, а суптилноста на нештата да биде посочена со блага добронамерна иронија. Ако откога ја прочитаат или ја слушнат песната, се јави насмевка на детските лица, значи дека сум успеал во мојата намера – посочува Мукаетов.
Тој пред сѐ пишува за децата и нашето време, современиот амбиент и вообичаените дилеми, радости и обврски.
– Имаме амбиент што постојано се менува – мобилна телефонија, џојстици, хаверборди, компјутерска технологија и комуникација. Модерната технологија го апсорбира најголемиот дел од времето. Меѓутоа книгата е вечна, опстојува повеќе од 2.500 години, незаменлива и ќе остане, како трајна основа за постојаното образование и културниот дигнитет. Литературата е тука да помогне да се прошират видиците – објаснува Мукаетов.
Книгата е поделена во неколку циклуси: „Не се може без другарување, без насмевки, без изненадување!“, „Со сите, па и дома, сѐ е можно, само сложно“, „Чуда на сите страни, светот го откриваме сами“, „Се спортува, спортовите летни и зимски, ние спортуваме тимски“.
Мукаетов и во оваа книга особено го акцентира интерактивниот однос со своите читатели.
Тоа е прилогот под наслов „Да се одмориме, еве што ќе сториме…“. „Песни и гатанки што децата ги завршуваат со своите одговори“. Авторот потсетува дека низ песните и стиховите има другарување, разјаснување и прашување: „Ова време ли е, дете од селфи не може да се скрие“, „Точно ли е: почитувај ќе те почитуваат?“, „Што да правите да се справите со џојсевите, нинтендото, хавербордите, незакрпената мода.…“. Тука се и одговорите на прашањата: од каде Итар Пејо и Сиљан Штркот во театар за деца, кој е кул а кој ин, како и маскенбал изведуваш и треба да преведуваш Халовин…
И сето ова видено со возење по тротоарите и булеварите.
– Македонски поет за деца се осмели и со содржината на книгата ја прошири границата на поетските теми, суверено и доминантно внесувајќи го семејството како дел од севкупната психологија на постоењето на сите нас и на децата, притоа откривајќи нови поетски простори и елементи. Основната карактеристика на неговата поезија е непосредноста што ја воспоставува низ метафорите со своите читатели – децата, благиот хумор и шармантноста на лексичкиот (поетски) јазик, толку многу потребен за сегашните деца. Кога кон ова ќе се додаде поетското откривање, воспевање на скриените нешта на семејството во градот, тогаш имаме право да заклучиме дека пред нас е еден оригинален поетски ракопис, кој ќе ја збогати македонската издавачка продукција – напиша рецензентот Мишо Китаноски, писател, публицист и издавач.
Книгата за деца „Ние по тротоари, по булевари…“ од Васил Мукаетов е модерно технички уредена и одлично илустрирана од Натали Николовска.
За сѐ битно – слика под итно
Постоел прочуен
научник Бел,
Странец – Американец.
Тој си поставил
фантастична цел.
Соседите
меѓу себе да разговараат
без прозорците да ги
отвораат.
Значи:
да се сослушуваат,
а да не се надвикуваат.
И така, зборот
преку жица го
пренесувале.
Успеале,
по домови, по градови ги пречекувале.
Денеска дошле до чудо,
крајот не му се гледа!
Ти се јавуваат другарите,
и ти ги гледаш
како на тросед си седат!
Модерен бонтон.
Ти треба само современ
мобилен телефон.
И нема мрдање,
и вадење – тука сум.
Или не сум…
За сѐ што денес било битно
стигнува слика
под итно!