Љубомир Грбевски-Џери ја издаде својата петта книга наменета за тинејџерите „(Калеидо)скопски шеми“, со поднаслов „Улични легенди и урбани песни удобни како чевли тесни“. Издавач е „Авант прес“.
На промоцијата, организирана со сите мерки на претпазливост, која се случи во петокот, во ресторанот „Пелистер“ во центарот на Скопје, за книгата говореа двајцата рецензенти Ѕвездан Георгиевски и Александар Прокопиев.
– Воопшто не е лесно во себе да се пронајде логиката на детското и тинејџерското размислување, она што повеќето од нас, се чини, трајно го имаат загубено. Но авторот не само што успешно се справува со овој предизвик туку оди и подалеку. Тој не го поставува во преден план сопственото тинејџерско искуство, како што тоа обично го прават авторите во оваа област туку се идентификува со сегашните тинејџери – вели Ѕвездан Георгиевски во својата рецензија.
Тој на промоцијата откри дека иако ова е книга за деца, уживал кога ја читал.
– Не сум голем љубител на поезијата, меѓутоа со големо задоволство ги прочитав песните на Џери, кои се наменети за денешните деца. За разлика од класичната македонска поезија, тука нема многу пасторали, рурални моменти, но има интересни ликови и сѐ што го сочинува светот на денешните деца. Но не би било добро да ги нема принцовите, принцезите, змејовите, и тоа онолку колку што треба да ги има. Мене ме одушевува ритамот на поезијата. Лесната читливост се должи на метриката, темпото, а сето тоа се музички термини, но тоа не треба да нѐ зачуди, поради поврзаноста на Џери со музиката, како долгогодишен новинар во повеќе медиуми. Во оваа книга темите се приспособени на урбаното живеење, на интернет-генерациите – посочи Георгиевски.

Писателот Александар Прокопиев, инспириран од книгата, напишал посебна читателска азбука, со сите епитети што се однесуваат на неа. Па така, А е апла штосно, акустично, акробатично, Б – бајковито, блескасто, брзозборно… и така сѐ до Ш – шашкасто, шарено, шуш-бушаво.
Прокопиев и долгогодишниот соработник и пријател на Џери, Јаков Дренковски, ги слушнавме и со музички нумери, инспирирани од стиховите, а актерката Елизабета Клинчаревска Младеновска прочита две песни.
А во книгата на 192 страници има навистина сѐ: новобајки, училишни згоди и незгоди, хоро(скопски) додворувања, гррр-бави муабети, розово телефонирање, понекој цар и принцеза, змејови и али, ама и лажги со опашки… и блуз за двокатниот автобус.
Акустично, ведро, весело, громко, љупко, разнообразно, различно, разбранувано, симпатично, слатко, хуморно, улаво, варски, како што вели Александар Прокопиев во својата читателска азбука за оваа книга, прозвучеа стиховите на Џери, по мера на урбаните интернет-генерации. Се надеваме дека тие многу лесно ќе го најдат патот до младите читатели, а на авторот му посакуваме инспирација и желба наскоро да нѐ израдува со нова книга.

А Љубомир Грбевски, кој, како што вели, сѐ што има да каже е меѓу кориците на неговите книги, е познат новинар и музички критичар. Покрај новинарската активност, пишува и белетристика, рок-поезија, како и песни и драмски текстови за урбаната тинејџерска популација. Збирката „Стихови празни и рими безобразни: (антипесни за тинејџери)“ е негова дебитантска книга, која доживеа две изданија (1991 и 1992), книгата „(Хоро)скопски шеми“ во печат се појавува во 2009 година. Во 2016 година излегува неговата книга „Бајки тралалајки за урбани клинци и напредни мајки“, а во 2019-та книгата „Лет со умот, кон папокот на универзумот“.
Издавањето на книгата го помогна Министерството за култура. 


Рап за Пипи долгиот чорап

Јо, слушам рап, сакам рап
јас сум Пипи долгиот чорап,
јо, немам сестра, немам брат
јас сум Пипи долгиот чорап!

Јас сум јака, јас сум битна,
лудо храбра и љубопитна,
немам ни паметна мобилка „хуавеи“
ама полн ми е куферот со налудничави идеи!

На мозокот ви правам нова бразда
отсекогаш сум била сам свој газда,
јас сум откачена, јас сум силна
без возрасните живеам и без нивните правила!

Најкул типка, најкул клинка
околу мене сѐ е лажга, шминка!
Се сомневаат возрасните јас дека лажам
сѐ што ќе кажам, сѐ што ќе кажам!

Аника и Томи ми се најдобри другари
не се купуваат такви за ниедни пари!
Само што премногу се воспитани, фини
послушни до бесвест, голтаат витамини!

Јо, јас сум молња, јас сум бура
нуркам право во авантура!
Еве полека бројам до девет
отсега ќе спиете опаку во кревет!

Љубомир Грбевски