Од книгата „Лет со умот кон папокот на универзумот“ на Љубомир Грбевски
Екокрик, екоповик
САКАМЕ ВРТИПОП, А НЕ ПОТОП!
Стоп за лудата трка за пари,
околу нас сакаме, бубамари!
Не сакаме живот, меѓу густо збиени згради,
сакаме паркови, зелени ливади…
Секој лист, мов и кора од дрво
важни ни се, како прво и прво!
Како второ, ајдете со нас на оро:
Сакаме вртипоп, а не Потоп!
Секоја тревка ни е света,
и секоја птица на небо што лета,
морска далга, морска алга,
дивокоза (без нервоза) и онаа слатка, винова лоза!
Не сакаме кисел дожд, ами топол, благ,
сакаме детелина пред нашиот праг,
и голем, како китки шарен божилак,
за шарените китки се нашиве битки!
Сакаме озон, чист воздух
а, не в лице, ауспух,
не сакаме бучава од сто децибели,
сакаме зуење од медоносни пчели!
Важен ни е секој цвет,
важен ни е секој пчелин лет,
сиот свет да се стори мед,
сиот свет да вози тротинет!
Кошутите, срните, елените,
сестри ни се, и браќа
а, секоја неправда кон природата,
в лице ни се враќа!
Важен ни е и секој еж,
на развигорецот благиот свиреж,
важни ни се секој штурец и штурка,
важна ни е секоја печурка
и оној делфин, в море што нурка.
На песочниот брег, ќе правиме белег
многу повеќе од еден светилник, кула,
не сакаме екологијата да почне од нула,
не даваме да потоне овој свет како лаѓа
сакаме нова свест да се раѓа!
Ние сме само суштества мали со кревка става
делчиња од планетава некогаш плава,
за нејзината иднина сега што се грижи,
па повикуваме никој пред лудилово да не мижи!
Ја сакаме зелена, ја сакаме плава,
ја сакаме чиста, ја сакаме здрава!