Бабо, нели сум умен!

Баба Елка го советува тригодишниот внук Дамјан:
– Знаеш мило, баба работи во училиште. Таму има многу ученици и многу учителки. Кога и ти ќе почнеш да учиш, треба да си добар, умен, културен…- реди баба Елка, а Дамјан внимателно ја слуша.
– Ама бабо, јас не одам на училиште, уште сум мал.
– Да, душо, мал си, но и малите треба да се добри, умни… Да не ги срамат родителите и бабите – продолжи баба Елка со совети.
Во меѓувреме баба Елка му вели на Дамјан:
– Оди, сине, на масата има една книга, донеси ја.
Дамјан трчешкум ја зема книгата и на баба си ѝ вели:
– Повели, бабо. – Ѝ ја даде книгата и малку постоја пред неа, молчешкум, па рече:
– Бабо, нели сум добар и умен! Значи, нема да те засрамам пред учениците во „Владо…“.
(Малиот Дамјан толку запаметил од називот на училиштето на баба му „Владо Тасевски“).
– Да, мило, умен си – насмеано го пофали баба Елка, го гушна и го бакна.
Коментар. Убав разговор меѓу баба и внук. Браво Дамјан, колку внимателно си ја слушал баба Елка. Навистина си умно дете. Баба ти ќе се гордее со тебе кога ќе учиш во „Владо“.


На лагата се куси нозете

– Колку убава покривка на масата имаш! – ја пофали тетка Менка својата сосетка.
– Кога успеа да ја сплетеш? – ја праша.
– Ух, речиси цела година, зашто немам време – ѝ одговори мајка ми.
– Тетка Менка, вчера баба ми беше на гости кај нас и таа ја донесе оваа покривка. Баба ми плете многу убаво! – се „истрча“ малиот Огнен да ја каже вистината и да си ја пофали баба си.
Коментар: Една поговорка вели „на лагата и се куси нозете“. А децата не знаат да лажат, тие секогаш ја кажуваат вистината.


Кусурка

– Мамо, ај да си играме продавница! – ја замоли малиот Дамјан мајка си.
– Каква е таа игра, сине? – зачудено праша мама Елена.
– Така мамо, ти ќе купуваш, а јас ќе бидам „кусурка“ – објасни Дамјан.
Коментар: Деца, не ви е познат зборот „кусурка“, нели? Ама остроумниот Дамјан ми ја објасни оваа кованица: тетката што работи во продавница на каса за плаќање и враќа кусур се вика „кусурка“ (се мисли на касиерка).
Вистинско бисерче за смеење!