Деветгодишните Ања и Константин Милески, ученици во ОУ „Гоце Делчев“ од Прилеп, уште од мали создаваат стихови и учествуваат на поетски манифестации.
Деновиве беа дел од традиционалната дружба на „Поетско Маркукуле“ во родниот град, како најмлади учесници, претставувајќи се со песничките „За мојот брат“ и „Пролет“. Следува нивното претставување во Слепче, на манифестацијата „Поетско ехо“.
Најзаслужна за нивното пишување стихови уште од мала возраст е наставничката Елизабета Трајкоска, како и помошта од родителите.
Нивната мајка Тања вели дека близнаците сакаат да пишуваат за домот, родителите, семејството. Напишале стихови и за учителката, сакајќи да ѝ се заблагодарат што ги поттикнала да создаваат и своите емоции уште од мали да ги пренесуваат на хартија.
Близнаците Ања и Константин од први септември ќе бидат четврто одделение и велат дека ќе продолжат да редат стихови.


За моjот брат

Братче мое мило
да си ми здраво и живо,
рака за рака одиме
низ животот чекориме.

Детството и играта
весели да ни бидат,
мама и татко
среќни да нѐ водат!

Тебе те имам
на овој век,
најмногу те сакам
на целиот свет.

Напишала: Ања Милеска