Кога се верува во едно дете, значи премногу, вели Матеа

„Мојата шарена стихувалка“ е моето првенче, во кое внимателно ги распослав стиховите од моето детство. Се радувам на секој од нив, бидејќи тие се плод на фантазија родена во миг на занес, искрена, едноставна, онаква каква што само детскиот ум може да создаде, вели младата авторка

,,Мојата шарена стихувалка“ е насловена првата стихозбирка на талентираната деветтоодделенка од Охрид, Матеа Стоев. Промоцијата на нејзиното поетско првенче се одржа неодамна во ОУ „Григор Прличев“, каде што таа годинава го завршува основното образование, токму во деновите кога училиштето ги слави делото и ликот на својот патрон.
Ивана Маховска Шикалеска, в.д. директорка на училиштето, во своето обраќање пред присутните ја искажа својата гордост што Матеа е ученичка во таа образовна установа и што токму таму се случува и промоцијата на книгата.
– Ние врaботените се гордееме што Матеа Стоев е дел од нашиот тим, бидејќи со вакви ученици секогаш одиме кон победи – изјави директорката Маховска Шикалеска на промоцијата.

Промоторка на книгата беше професорката Мимоза Сталевска, која даде свој осврт кон првенчето на оваа млада и надежна поетеса.
– Бисерните ѓердани, кои Матеа ги нарекува стихувалки, се прекрасни во својата непосредност, разиграни во својот хумор, проникливи во својата остроумност, топли, весели и полни со фантазија. Таа пред присутните се обрати и во името на писателот Киро Донев, кој е рецензент на книгата и наедно човекот што ѝ ги даде најголемата поддршка и поттик на Матеа да го реализира своето дело – рече Сталевска.

Во својата рецензија ,,За ѕвездата на Матеа и нејзината ’Шарена стихувалка‘“ писателот Киро Донев напиша дека ,,Шарената стихувалка“, или суптилен ѓердан, е нанижана од млад, но извонредно надарен мајстор.
– Пишувањето таа го чувствува како внатрешна потреба, тоа ја сочинува смислата на нејзиниот живот. И добро е што е така, бидејќи уметноста не може да се научи, ниту намерно, ниту ненамерно, таа се раѓа во човекот и за човекот. Не е лесно да се напише песна за нешто за кое многумина веќе пишувале, а да биде поинакво во сѐ, да не се повтори она што другите веќе го кажале. Матеа пишувајќи, создавајќи не следи никого, ничиј стил! Матеа Стоев пишува само како – Матеа Стоев! Пишува со перото на детството! – нагласува Киро Донев.

Возбудена што, како што и самата ќе каже, ,,по толку прочитани книги, денес со свои 14 години во рацете држам книга на која како автор е испишано моето име“, Матеа за своето дело вели:
,,’Мојата шарена стихувалка‘ е моето првенче во кое внимателно ги распослав стиховите од моето детство. Се радувам на секој од нив, бидејќи тие се плод на фантазија родена во миг на занес, искрена, едноставна, онаква каква што само детскиот ум може да создаде“.

За крај, младата поетеса им се заблагодари на сите што беа дел од ова, како што таа го нарекува, прекрасно патување што немало да го реализира без поддршката, која континуирано ја добивала од сите околу неа, а најмногу од нејзиното семејство.
,,Лесно е да се пишуваат стихови кога вашата љубов животот ми го претвора во песна“, а промоцијата ја затвори со зборовите:
,,Да се верува во некого значи многу, но кога се верува во едно дете, значи премногу“!

Издавач на делото ,,Мојата шарена стихувалка“ е НУБ ,,Григор Прличев “ -Охрид, лектор е м-р Милчо Јованоски, а автор на илустрациите е реномираниот канадски уметник Мајкл Клос, кој, како што истакна. е неизмерно горд што е дел од успешно реализираната приказна на еден млад и талентиран човек.


Чуден свет

Баш е чуден овој свет,
овде, онде само смет!
Насекаде расфрлани отпадоци разни:
а корпи за отпадоци ил нема, ил се празни.

Од смог и чад планетата се гуши,
никаде не се почитува знакот „Не пуши“!
На секој кој се движи внимава и пази,
тревичката зелена да не ја гази!

Корпи донесете, отпадоци однесете!
Соберете смет, засадете цвет!

Лесно може на Земјата убавина да царува,
само ако секој цветче ил дрвце дарува!
Со љубов искрена, тоа треба да се сади,
грижно да се негува, со водичка да се вади!

Птичките на гранките гнезда ќе си свијат,
во коршните зелени спокојно ќе си спијат!

Нека биде убаво како некогаш што било!
Пак да се гледа над нас небесното чисто синило.