Полека, но сигурно ова деветгодишно девојче ја реализира својата идеја да наслика што повеќе популарни ликови од цртаните филмови, кои можеби еден ден ќе завршат и на некоја изложба
ТАЛЕНТИ
Марија има девет години и е ученичка во трето одделение во основното училиште „Дане Крапчев“ во Скопје. Уште од најрана возраст ја интересирале креативни работи поврзани со уметноста, како ликовната така и музичката.
Ужива да црта, слика, и тоа во најразлични техники. Најомилени ѝ се водените бои како начин за ликовно изразување, но многу често таа знае да комбинира и повеќе техники на еден цртеж. Ужива да сенчи со моливи и да им дава на ликовите длабочина и живост. Се воодушевува на уметници/илустратори што работат во реалистичен стил. Полека, но сигурно си ја реализира својата идеја да наслика што повеќе популарни ликови од цртаните филмови, кои можеби еден ден ќе завршат и на некоја изложба, зошто да не?
Но Марија има и други преокупации. Сака да гледа цртани филмови, а исто така и играни. Си има свои омилени глумци што многу искрено ги сака и почитува. Тука би ги споменале Чарли Чаплин, Џим Кери, Роан Аткинсон (Мистер Бин), Арнолд Шварценегер… Неговите филмови „Близнаци“ и „Командос“ ги гледала повеќе од 20 пати и ги знае напамет.
И музиката е дел од нејзиното секојдневие. Марија сака да слуша хипхоп и тековна поп-музика. Ги сака Ариана Гранде, Тејлор Свифт, Дуа Липа, Карди Б, Ники Минаж… На омилени песни смислува нејзини оригинални кореографии.
Татко ѝ Игор е професионален илустратор, стрип-цртач и музичар, па најверојатно неговиот талент го наследила Марија. Таа исто така е упатена и во основите на рокенролот и кантри-музиката, па знае доста за Елвис Присли, Џони Кеш, Вили Нелсон,…
Многу ги сака животните, претежно кучињата и мачките. Засега другарува само со оние во соседството, иако посакува да има и свои.