Вие ни јавувате

Втората поетска манифестација „Детски гласови 2021“ се одржа во саботата, во Ресен. Настанот посветен на младите таленти изобилуваше со низа активности, а имаше гости од повеќе градови во земјава.
Во 14 часот, со дел од учесниците, менторите, организаторите ја посетивме фармата „Духот на Преспа“ (Spirit of Prespa) во селото Царев Двор, каде што топло бевме пречекани од Виолета Прцуловска, која приготви вкусни јадења за посетителите. Според реакциите на децата, најслатка беше штрудлата со јаболка.
Сотир Чаушевски, член на организацискиот одбор, на децата им ја прочита приказната „Јаболкото од Царев Двор“, напишана од професор Ферид Мухиќ. Уметникот и хуманитарец Живко Поповски-Цветин на нашето здружение му подари штафета на мирот, постер со цветни слики за сите 50 учесници и јаболко насликано со ружи. На една јаболкница ставивме дел од цветните слики, децата преку прочитана кратка биографија го запознаа Живко Поповски-Цветин, кој, за жал, не можеше да присуствува на настанот, по што ја предаваа штафетата со порака за мир, а потоа пуштија пет шарени балони кон небото, со порака „Од детски гласови за мир во светот”.
Секое дете си зеде по една цветна слика од јаболкницата и си собра јаболчиња. Насмевките на лицата на присутните беше доказ за убавите заеднички моменти. Потоа, во 16 часот почна и големиот настан, за кој здружението се подготвуваше четири месеци. Програмата ја водеше младата поетеса Сара Марковска, а почетокот со поздрав до присутните го означи градоначалникот на Општина Ресен, д-р Живко Гошаревски.

До присутните се обратија и м-р Даринка Веслиевска, претседателка на здружението „Жар Преспа“- Ресен и програмска уредничка на проектот, Гордана Петров Такец, рецензентка на збирката, и Биљана Тодоровска претседателка на жирито, кое ги избра најдобрите песни.
Децата учесници со прекрасна рецитаторска способност ги читаа своите поетски творби. Сите добија примерок од збирката и пофалница, а петнаесетмина беа наградени со убава статуетка, како спомен од одржаниот настан.
Главната награда за најубава и најемотивна песна, со наслов „Мајка“, ѝ припадна на Тамара Стојанова (12) од Струмица, чија менторка е Атина Манчева.
Збирката со поетски творби е уште еден доказ дека има деца што сакаат да творат, умеат да создаваат творби што пленат со убавина и предизвикуваат радост во секое срце. Уредник беше младиот поет, кој сѐ посигурно чекори во светот на литературата, Филип Димкоски, рецензент Гордана Такец, а дизајнот на корица го изработи Даринка Веслиевска.
Радува фактот што оваа година има песни напишани на турски и албански јазик преведени и на македонски јазик. Програмата беше збогатена и со неколку музички точки, изведени од Тони Карапанчевски-Леко, Кристијан Милошевски, Григориј Прцуловски и Сандра Цаловска.
Здружението „Жар Преспа“ од Ресен има цел со овој проект да се поттикнат и поддржат младите таленти, а наедно да им се помогне да ги почитуваат вредностите на нашиот стандарден, литературен македонски јазик. Желба ни е да имаме фестивал што традиционално ќе се одржува секоја година и ќе расте бројот на заинтересирани деца од сите националности што живеат во Македонија.
Наедно, изразуваме голема благодарност до сите што беа дел од идејата до реализацијата на овој проект.

Даринка Веслиевска, претседателка на здружението „Жар Преспа“- Ресен


МАЈКА

Некогаш сум имала мајка тивка и добра ко леб,
некогаш некој ме гушкал
без да бара нешто од мене.
Некогаш ги паметев мирисите нечии како мелем,
некогаш се смеев гласно без да знам зошто.

Одамна немам такво време и надеж,
одамна немам збор тивок и топол,
одамна ги загубив сништата на мека душа.
Ех, одамна, веќе одамна отиде сѐ!

Во шалот топол сплетен од мајчини раце
кријам роса од образи румени,
инаетливо грабам по патот смело,
а ѕиркаат окца темни од моите чевли гумени.

Во везените букви барам спас,
не ми вреди да плачам наглас.
Стегам јас усни и корнам срце врело
и гордо одам со кренато чело.

Наградената песна на Тамара Стојанова од Струмица
Менторка: Атина Манчева