Основното училиште „Св. Климент Охридски“ од Драчево, во близината на Скопје, има долга традиција на негување зелен и расцветан училиштен двор, со што и децата се едуцираат да ја чуваат природата. Токму затоа вработените во училиштето, на чело со в.д. директорката Валентина Трајкоска, одлучија оваа година првачињата, кои веќе се запишуваат во училиштето и оние кои допрва ќе се запишат, да бидат пречекани со прекрасно хортикултурно уреден двор.
– За хортикултурното уредување на нашата градина несебично се ангажира Драган Пејчев, професионален пејзажен архитект и дизајнер, кој со својата експертиза и совети ја разубави нашата зелена површина, секако со помош на вредниот тим вработени во нашето училиште – ни рече директорката Трајкоска.
Во убаво уредениот двор сите ученици и вработени ќе го примат важниот витамин Н, а тоа значи НАДВОР. Спортувајќи, истражувајќи и играјќи надвор, децата имаат илјадници бенефиции од физичката активност, од чистиот воздух и од кислородот што го создаваат дрвјата. Дружејќи се со природата, ќе научат како да се грижат за секоја пчела, за секоја мравка, за секој лист, гранка и цвет… И штом се спознава природата, се доаѓа до трајните и вистинитите знаења. А тоа е среќа и успех.
Ако влезот во зградата е слика за внатрешноста на зградата, тогаш дворот е слика за домот, а училишниот двор е слика за внатрешноста на училиштето. Токму така е во ова училиште во Драчево, кое, како што велат одговорните и вработените, и натаму ќе се труди да ги подобрува и усовршува условите за престој, за работа, за учење и воспитување, но и за игри и дружби.