Под мотото „Еден цртеж, 1.000 збора“, минатиот вторник им беа доделени сертификати на голем број млади ликовни творци, кои со своите цртежи, поттикнати од своите ментори, придонесоа во реализирањето на боенката „Обој ме зелено“.
Претходно, голем број индивидуалци и ученици од основни и од средни училишта низ нашата земја учествуваа на претходно објавениот конкурс, изработувајќи прекрасни цртежи од кои беа одбрани најдобрите 17, кои се дел од боенката.
Одбраните илустрации во боенката „Обој ме зелено“ илустрираат теми поврзани со заштитата на животната средина и одржливите еколошки навики кај децата, за да се издигне свеста за грижа за животната средина од најрана возраст. Иницијативата „Обој ме зелено“ освои второ место на конкурсот објавен од проектот „Богатство“, воден од Институтот за истражување во животната средина, градежништвото и енергетиката (ИЕГЕ).
Боенките ќе бидат поделени помеѓу учениците од основните и од средните училишта, за да се издигне свесноста кај преостанатите ученици за важноста на оваа тема. Учесниците на овој ликовен конкурс изразија многу силна порака преку своите цртежи, за нивната загриженост за животната средина во која живеат и го изразија нивното право да живеат во чист и здрав свет.
– Се надеваме дека ќе направиме барем мала промена во нашето општество со овие боенки и ќе ги едуцираме најмладите – искрено порачуваат членовите на тимот „Обој ме зелено“.
Покрај оваа иницијатива, како дел од проектот „Богатство“ имаше две други наградени иницијативи со креативни идеи за издигнување на свеста за заштита на животната средина и за одржливост.
Целта на проектот „Богатство“ е да влијае врз создавањето здрава иднина за нашата земја преку иницирање одржлив начин на живот, зелени вештини и стратегии што се одразуваат на економијата, општеството и животната средина. Проектот „Богатство“ е финансиран од Интернационалната фондација Вишеград.
Носител на проектот „Богатство“ е Институтот за истражување во животната средина, градежништвото и енергетиката (ИЕГЕ), кој со својата мисија и визија се ориентира кон одржлив развој и економија базирана на знаење, за да ги охрабри идните генерации да продолжат со откривање, креирање, моделирање, извршување, мониторинг и подобрување на активностите за истражување и развој и применетото знаење, вештини и компетенции потребни за обезбедување благосостојба за идните генерации.