Драги деца, во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Бонтон за деца“
на познатиот македонски писател Наум Попески, кој исто така неколку години бил
и уредник на нашето гласило за најмладите читатели. Бидејќи убавото воспитување се учи од мали нозе, се надеваме дека со овие едукативни текстови ќе ви помогнеме да израснете во умни и внимателни момчиња и девојчиња

И самите сте забележале дека некои ваши другарчиња водат „борба со чорба“?! Што значи тоа?
Тоа значи дека кога седат некаде и ручаат во друштво, тропаат со лажицата по чинијата, сркаат гласно, мавтаат со рацете како рибар во кајче низ Охридско Езеро?!
Мора да се согласите, дека ваквото однесување е и непристојно.
По правилото на убавото однесување, за време на ручекот ништо не се,,кине“ со заби. Сѐ најпрво се сече со нож. Не се сече се разбира лебот, оти тој е веќе пресечен на парчиња и стои пред тебе. Но и тој се крши со раце. И ова е битно да се знае. Кога сте на гости и колку да ви е вкусно јадењето, не треба да се разлапате како гладни волци дојдени од планина!? Домаќинот каде што сте на гости, добро е подготвен и мило му е ако сѐ што ќе ви понуди ви се допаднало. Но сепак треба да се јаде пристојно.


За авторот

Наум Попески е роден во Вевчани 1947 година. Основно образование завршил во родното место, а гимназија во Струга. Студирал на Филолошкиот факултет во Скопје (тогаш Филозофски факултет) на групата книжевност и македонски јазик. Од 1971 година работи како новинар во редакцијата на весникот, „Нова Македонија“, каде што го помина целиот работен век. Неколку години го уредуваше и додатокот за деца „Колибри“.
Автор е на петнаесетина книги за деца, меѓу кои: „Ајде да растеме“, објавена како дебитантска книга во „Детска радост“ – Скопје, во 1982 година, а потоа од перото на Попески следуваа и книгите „Детелинка со четири листа“, „Изворчиња – поточиња“, „Една грешка – мака тешка“, „Еколошки бонтон“, „Спомени во слики“, „Летни, светни, светулке“…
Неговиот „Бонтон за деца“, книга за убаво однесување, е прво објавено дело од ваков вид на македонски јазик, и досега доживеала повеќе изданија.
Наум Попески е застапен во читанките по македонски јазик, а негови стихови има во многу антологии и зборници на литературата за деца. Преведуван е и на повеќе европски јазици, во книги и списанија за деца. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.