Во текот на минатата година училиштето ги реализира и веќе традиционалните настани „Тука сме, заедно сме, а можеме повеќе“ и „Храна, поезија и музика“, а учествуваше и на „Матурската парада“, подготвувано од познатиот инструктор Тодор Миладинов од танцовиот спортски клуб „Ритам плус“

Минатата година за училиштето „Св. Наум Охридски“ во Скопје беше исполнета со голем број успешни активности реализирани од учениците, вработените и соработниците на училиштето.
Токму затоа ја посетивме оваа образовна установа и разговаравме со директорката Дивна Видиниќ, за сработеното во 2019-та, но и за желбите, идеите и плановите за новава, 2020 година.
Очигледно е дека вработените во училиштето се трудат секој ден за овие дечиња да биде исполнет со насмевки, нежност, едукација, совети и пренесување на знаење и вистински вредности, а за поздравување е тоа што училиштето во годинава што измина имаше голем број соработки со образовните институции во државава и надвор од неа, но и со невладиниот сектор, како и со поединци.

НОВОГОДИШНИ РАДОСТИ, ЉУБОВ И ДОБРИНА

Така, волонтерите на Црвениот крст од општината Центар, за учениците во ова училиште изградија пристапна рампа што ќе им овозможи подобро и побезбедно движење. Инаку, волонтерите од Црвениот крст се чести гости во училиштето, кои заедно со учениците и вработените осмислуваат и спроведуваат различни работилници и средби.
Кон крајот на 2019-та, пак, во училиштето се одржа финалето на квизот од проектот насловен „Здравје“ и сите заклучија дека за добро здравје треба да работиме, здраво да се храниме, да имаме физички активности и добра волја.
Предновогодишната магија во училиштето ја донесе магионичарот Кристијан Шопов, дојде и Дедо Мраз, а дружбата заврши со коктел, песна и игра. На новогодишната забава се придружи и верниот соработник на „Св. Наум Охридски“, лајонс-клубот „Дуња“.

„Добрина“ беше мотото под кое ова училиште ја одржа програмата по повод патрониот празник. Богатата и квалитетна програма ја отвори директорката Дивна Видиниќ, која зборуваше за добрината, а потоа се претставија учениците од литературно-рецитаторската секција, литературната, драмската, ритмичката и фолклорната. На гости дојдоа и учениците од СУГС „Цветан Димов“, кои се претставија со рецитаторска точка. Во рамките на одбележувањето на патрониот празник имаше и базар на изработки од учениците од арт-секцијата при графичката и текстилната насока.

СПОРТОТ И ЕКОЛОГИЈАТА – ВАЖНИ НЕШТА ВО СЕЧИЈ ЖИВОТ

Ќе спомнеме дека овие вредни и искрени ученици многу внимание ѝ посветуваат на екологијата, па, така, ги одбележаа сите значајни денови од еколошкиот календар, како што се Денот на екологијата, Денот на водата, Денот на заштита на животната средина, имаат свое екокатче, кое постојано го ажурираат со мисли и насоки за хигиена и еколошки однос кон средината и реализираат голем број еколошки акции.
Спортот е исто така важен дел од секојдневието на учениците од ова училиште и, благодарение на посветените ментори и се разбира на талентот и желбата на децата, постигнати се високи резултати на различни натпревари во разни спортови. Па, така, учениците Марко, Ратко, Јована, Ангела, Фарис и Берат се закитија со медали на меѓународен натпревар по пливање, а ученикот Стефан Трпковски постигна извонреден успех добивајќи златен медал на Специјалната олимпијада во Абу Даби.

Некои од учениците исто така постигнаа успех на Регионалните спортски игри за ученици со посебни потреби што се одржаа во ноември во Штип, а училиштето беше домаќин на спортските игри организирани од Сојузот на училиштен спорт под покровителство на Федерацијата на училиштен спорт.

УМЕТНОСТ ЗА СИТЕ

По повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, во „Чифте-амам“ беше отворена изложбата „Јас и ти, едно сме“, како дел од ликовно-едукативниот проект „Уметност за сите“, а со свои дела учествуваа и учениците од арт-секцијата од училиштето чии дела беа дел од оваа изложба.
Бидејќи овие дечиња се големи љубители на уметноста и знаат да доживуваат и чувствуваат, тие со љубопитство ја проследија и изложбата „Бесконечно“ од авторот Петре Николоски во Националната галерија на Македонија, а импресиите ги изразија преку ликовна работилница.

Традиционално, актерските таленти учествуваа на фестивалот „Игри без маска-театар без дискриминација“, каде што се претставија со извадок од драмата „Чорбаџи Теодос“ и освоија награда за најдобар сценски настап и за колективна инклузивна игра.
А дека не недостигаат и музички таленти во ова училиште доказ е талентираниот Бранко Стојчевски, кој со својата песна „Порака“ настапи на фестивалот „Гроздоберче“ во Кавадарци, каде што ја освои публиката и доби силен аплауз.
Во текот на годината училиштето ги реализира и веќе традиционалните настани „Тука сме, заедно сме, а можеме повеќе“ и „Храна, поезија и музика“, а учествуваше и на „Матурската парада“, подготвувано од познатиот инструктор Тодор Миладинов од танцовиот спортски клуб „Ритам плус“. Меѓу другото, со реализација почна и циклусот работилници „Емоционално описменување“, воден од психологот Магдалена Котеска и дефектологот Катерина Доневска.

ГОСТУВАЊА И СОРАБОТКИ ВО МАКЕДОНИЈА И ВО РЕГИОНОТ

Во присуство на заменик-министерката за образование и наука на Република Северна Македонија, Елизабета Наумовска, се одржа средба меѓу наставниците, учениците и родителите од дисперзираната паралелка на училиштето „Св. Наум Охридски“ што се наоѓа во училиштето „Таки Даскало“ во Битола.
Посетите, дружењата и договорите за соработки продолжија и надвор од границите на Македонија, па, така, дел вработени беа во посета на училиштето „Царица Милица“ во Ниш, каде што, покрај дружбата, се одржа и работен состанок, на кој се разгледуваа можностите за натамошна соработка.

По добиениот грант од Министерството за образование и наука, училиштата партнери ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ и СУГС „Цветан Димов“ – Скопје, во текот на 2019-та реализираа активности што придонесуваат за унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата.
– Со сите реализирани активности, со колегите се потрудивме учениците да се среќни, а нивните родители задоволни и се надевам дека во голема мера успеавме во тоа. Во насока на поквалитетна настава и поразнообразен начин на живот, едукација и рехабилитација на овие прекрасни дечиња, продолжуваме и во новава година, во која се предвидени голем број соработки на национално и меѓународно ниво. Од срце им се заблагодарувам на сите соработници и поддржувачи на работата на нашето училиште – изјави за крај директорката Дивна Видиниќ.