Во иднина имам намера да подготвам уште веб-апликации со македонската азбука, пакет за математика и блог на сајтот moedete.mk, наменет за деца и за возрасни, ни рече Александар Тримчевски, дизајнер, креативец и пријател на најмладите
Соработуваме и другаруваме со Александар Тримчевски на страниците на „Колибри+“. Затоа сакаме да ви го претставиме овој креативец, голем пријател на децата и пред сѐ професионалец, кој веќе создаде многу игри, апликации и уникатен буквар, со кој најмалите полесно ќе ја научат македонската азбука. Тој ни откри дека сѐ уште го чува детето во себе, што многу му помага да го најде вистинскиот пат до детските срца и до нивните умни главчиња.
Здраво Александар, кажи ни како влезе (и остана) во детскиот свет?
– Благодарам за можноста за соработка и сакам да ви го честитам 60-годишниот јубилеј. Инаку, откога сум роден сум во детскиот свет и сѐ уште останувам во него, благодарение на мојата ќерка.
Со твојата креативност, реализирана во практиката, ти сакаш на сегашните деца да им ги вратиш игрите, но и да им помогнеш да ја научат азбуката. За што конкретно станува збор?
– Станува збор за друштвена игра што им овозможува на децата социоемоционален развој и напредок на повеќе полиња. Сите го паметиме времето поминато со „Не лути се, човече“, „Монопол“, „Ризико“… Се определив првата игра да биде за азбуката од причина што нашата заедница е многу мала и имаме голем недостиг од квалитетни материјали на мајчин јазик. Играта сакам да биде алтернатива на дигиталните содржини што се финансираат од реклами и се создадени да ги одземаат времето и вниманието на децата во годините кога тие би требало најлесно да се едуцираат.
Ќе ни кажеш ли нешто интересно и за твоите апликации, кои исто така се многу корисни за полесно учење на буквите низ игра?
– Ако се користат правилно, дигиталните уреди може да понудат многу бенефиции, како користење слика, звук, интеракција, анимација, и да се искористат како едукативни алатки за најмладите. Всушност, nabukva.mk е веб-апликација замислена како дигитален буквар и игри што ги користат предностите на овие уреди и Интернет. Замислена е да работи и на компјутери и на мобилни уреди. Користен е минималистички дизајн со векторска графика, наменет за децата, која брзо се вчитува. Апликацијата содржи звучни прикази на букви и на зборови што кореспондираат со слики, и анимации како се пишуваат. Преку играта, децата правилно ги пишуваат буквите на екранот, со следење траекторија.
Дознавме и дека секој твој буквар може да се персонализира. Што значи тоа?
– Букварот се дизајнира и печати посебно за секое дете, со неговото име и фотографија аплицирана во слики од астронаут, жонглер, еским итн. Последните страници се листови за вежбање, така што останува спомен од првите напишани букви.
Дали на твојата ќеркичка Ања (6), која е прваче, ѝ се интересни твоите игри, апликации, шарениот буквар и ќе добие ли и таа свој, уникатен примерок?
– Да, секако. Таа беше и тест-субјект за време на дизајнирањето и првиот примерок беше направен за неа.
Во неколку реченици, како би гласела твојата биографија (CV)?
– Во средно училиште работев или, поточно, волонтирав во компјутерски фирми каде што имав среќа да користам компјутерски делови и стручна литература што беа тешко достапни во тоа време. Се вработив во „АМЦ компјутери“, каде што на почетокот вршев графички и веб-дизајн, а подоцна бев поставен за маркетинг-менаџер. За да можам комплетно да им се посветам на веб-дизајнот и програмирањето, повеќе години работам хонорарно, претежно за странски фирми.
И на крајот, какви се твоите планови, што ново подготвуваш за децата?
– Имам намера да подготвам уште веб-апликации со македонската азбука, пакет за математика и блог на сајтот moedete.mk наменет за деца и возрасни.
Марија Таушанска