Од творештвото на писателот Пени Трпковски
Како што наближуваше Коледе, така ние децата од нашата улица сечевме и носевме гранки за коледарски оган. Смрека, зеленика, прнар и други грмушести дрвја влечевме секој ден и се подготвувавме за огинот. Веќе имавме собрано цели купишта со гранки. Сакавме и оваа година огинот од нашето маало да биде најголем.
Вечерта во селото пред Коледе во сите маала засветкаа огновите. Како и секогаш, нашиот оган беше најголем. Пламените јазици се извишуваа многу високо. Цела вечер стоевме околу огинот, печевме костени и игравме околу него. А кога почна да се разденува, тргнавме од куќа на куќа заврзани со шалови, капи и викавме тропајќи на вратите.
– Коледе, бабо, коледе!
Вратите се отвораа и торбите ни ги полнеа со костени, јаболка и суви смокви. Потоа изморени и смрзнати се враќавме дома, но сон не нѐ фаќаше. Се радувавме на големиот верски празник Коледе.
(Од книгата „Приказни од Саракиново“ на Пени Трпковски)
За авторот
Пени Трпковски (1939-2013 г.) е роден во селото Саракиново, егејскиот дел на Македонија. За време на Граѓанската војна во Грција, во 1946 година бил принуден со група бегалци од селата што припаѓаат во Мегленската Област да ја помине границата и засекогаш останал да живее во Македонија.
Основно образование завршил во Демир Капија, а гимназија во Прилеп. Уште како ученик почнал да пишува детски песни, раскази, легенди и романи. По завршувањето на школувањето се вработува во книгоиздателството „Детска радост“ како уредник. Соработувал и со „Титов пионер“, „Другарче“ и со „Наш свет“. Долго време Пени Трпковски беше главен и одговорен уредник на списанието „Народна просвета“ и на детското списание „Радост“.
Објавил повеќе книги со раскази и романи, меѓу кои и првиот македонски роман во писма со наслов „Писмата на една жена“ (1971 г.), првиот македонски научнофантастичен роман „Далечно патување“ (1972 г.) и книгите за деца „Шепотот на звездите“ и „Последната солза на мајка ми“. Писателот Трпковски е автор и на романот „Среќа“ и на книгата раскази „Ринка“, посветени на Граѓанската војна во Грција. Негова последна книга за најмладите читатели е „Приказни од Саракиново“, која наиде на одличен прием, бидејќи опфаќа теми од секојдневните игри и доживувања на децата во неговото родно село. Неговите дела се преведувани на неколку странски јазици.