Анализа од „Белиот лотос“ до „Црниот зајак“ – наследството на „Сопранови“ сè уште владее над модерната телевизија
- Тони Сопрано – суров криминалец и во исто време загрижен татко – еднакво се бореше со непријателите на улица, како и со сопствениот ум. Таа двојност ја направи серијата не само иновативна туку и полна со непредвидливи пресврти. Телевизијата доби нов херој – антихерој
- „Сопранови“ е и еден од најдобрите портрети на семејството како поле на моќ. Во домот на Тони, љубовта и контролата се заклучени во исто шише. Секоја вечера може да се претвори во стратегија, секое галење во предупредување. И затоа оваа серија боли – затоа што ни покажува дека вистинската опасност ретко доаѓа од непријателите, туку од оние што најмногу ги сакаме
Кога „Сопранови“ во 1999 година се појавија на екранот, телевизијата го смени својот тек засекогаш. Таа престана да биде место за лесна вечерна забава. Одеднаш, пред нас стоеше свет со комплексни ликови, со драматургија што по ништо не заостануваше зад филмскиот врв, со приказна во која психата е исто толку важна колку и мафијашките правила. Тони Сопрано – суров криминалец и во исто време загрижен татко – еднакво се бореше со непријателите на улица, како и со сопствениот ум. Таа двојност ја направи серијата не само иновативна туку и полна со непредвидливи пресврти. Телевизијата доби нов херој – антихерој.
Денешниот модел на непредвидливи, морално двосмислени главни ликови речиси и да не постоеше пред Тони. Тој започна ера во која гледачот истовремено се бори со сопствените чувства: дали овој човек заслужува наш презир или нашата поддршка? Колку од неговите мотиви се чудовишни, а колку болни и човечки? Токму овие прашања го одржуваат ова шоу живо и ден-денес и ја дефинираат телевизијата каква што ја знаеме.
Во денешните хитови како што се на пример токму „Белиот лотос“ и „Црниот зајак“ јасно се гледа продолжението на тоа наследство. И во двете серии, публиката станува соучесник. Во „Белиот лотос“ богатите гости низ својот хедонизам разголуваат човечки недостатоци што не можат да се скријат зад луксузната површина. Во „Црниот зајак“ урбани мистерии и темни тајни произлегуваат од психолошка празнина. И двете серии го користат она што серијата „Сопранови“ прва го демонстрира: дека слабостите на антихеројот можат да бидат најголемата кука што го врзува гледачот.
Еден од најсилните двигатели на „Сопранови“ беше токму терапијата – сцената каде што криминалецот, за момент ослободен од оклопот, мора да се соочи со тоа што го плаши и разорува. Д-р Мелфи не беше само лик туку драматуршки апарат што ја отвораше вратата кон човекот под титулата. Во „Белиот лотос“ таа интроспекција е заменета со безгрижна иронија: ликовите плаќаат за да не размислуваат. Во „Црниот зајак“ психолошките пресметки не се случуваат на софа, туку на улица – со инстинкт, со ризик, со крв.
Но модусот, потребата да се нурне под маската, и таму е заеднички.
„Сопранови“ е и еден од најдобрите портрети на семејството како поле на моќ. Во домот на Тони, љубовта и контролата се заклучени во исто шише. Секоја вечера може да се претвори во стратегија, секое галење во предупредување. И затоа оваа серија боли – затоа што ни покажува дека вистинската опасност ретко доаѓа од непријателите, туку од оние што најмногу ги сакаме.
Токму затоа, не е претерано да се каже дека без „Сопранови“, целата телевизиска мапа ќе изгледаше поинаку. Тешко е да ги замислиме „Брејкинг бед“, „Наследство“, „Белиот лотос“ или „Црниот зајак“ без претходната смелост да се прикаже светот во нијанси, да се доведе публиката во состојба на морална збунетост, да се игра со темнината како нешто интимно. „Сопранови“ ја измисли телевизијата што се гледа со напнато срце и активен ум.
Наследството на серијата се гледа и во начинот на кој се поставуваат тематските оски: дуализмот помеѓу јавното и приватното, пропаѓањето зад фасадата на успехот, неисполнетите амбиции што стануваат насилство. Тоа се истите опсесии што ја водат современата телевизија да ја разоружи елитата во „Белиот лотос“ или да ги затегне братските односи и лојалноста во „Црниот зајак“. Она што „Сопранови“ го демонстрираше – дека човекот може да биде и ѕвер и жртва – тие го усовршуваат со ново светло и нов контекст.
Затоа кога се присетуваме на финалната сцена на „Сопранови“, она ненадејно затемнување што и ден-денес е предмет на дискусии, чувствуваме нешто што ретко серија успева да предизвика: неизвесност што продолжува да постои и надвор од екранот. Како да не ни дозволија да излеземе од главата на Тони. И навистина – сè што гледаме подоцна, секој антихерој, секоја компромисна одлука, секој циничен поглед на општеството, нè враќа токму таму.
Во светот на модерните серии што постојано ја истражуваат темната страна на моралот, „Сопранови“ и натаму стои како основа и еталон. Не затоа што била прва. Туку затоа што уште никој не ја надминал во искреноста со која ја разоткрива човечката природа. А можеби и затоа што главната вистина што ја кажува – дека злото понекогаш изгледа многу познато – не е нешто од што лесно бега човек.
Кога гледаме серии како „Белиот лотос“ или „Црниот зајак“, ние всушност гледаме свет што и понатаму живее во сенката на „Сопранови“. И токму тука се крие одговорот на прашањето зошто ова ремек-дело често се смета за најдобрата серија на сите времиња: затоа што сѐ уште не сме се ослободиле од него.
 
             
		

































