Новиот феминистички телесен хорор насловен „Супстанција“ на Корали Фаргит, посветен на една од најактуелните теми, проклетството на стареењето, и како холивудските суперѕвезди успеваат да се справат со тоа е маестрална аудиовизуелна галерија на преубави соништа и кошмари, сместени во уметничка рамка што би можела да се инсталира во која било галерија како своевидно ремек-дело

„Супстанција“ – инстант класик или уште една копија на старите мајстори?

Еден од филмовите што се очекуваа со големо нетрпение во 2024 година, конечно се појави на филмските платна во светот и, очекувано, за кратко време предизвика бура од реакции кај филмската публика. „Супстанција“ е филм на француската режисерка Корали Фаргит, која во светот на филмот го доби своето признание со нејзиниот претходен акциски трилер од 2017 година, насловен „Одмазда“. Фаргит овој пат ја подели филмската публика, кај која предизвика палета од чувства, од восхит до чувство на гадење, од бестрашно отстранување на апсурдните стандарди за убавина и најболното забавно театарско искуство на годината, па до најгнасното, бесмислено и некохерентно филмско дело што се појавило кога било на филмските платна. Шокантноста, бруталноста, но и мајсторската изведба, со која се служи режисерката за да ја придобие публиката во ова нејзино дело, во целост ги оправдуваат таквите коментари.
Новиот феминистички телесен хорор насловен „Супстанција“ на Корали Фаргит, посветен на една од најактуелните теми, проклетството на стареењето, и како холивудските суперѕвезди успеваат да се справат со тоа е маестрална аудиовизуелна галерија на преубави соништа и кошмари, сместени во уметничка рамка, која би можела да се инсталира во која било уметничка галерија како своевидно ремек-дело. Секој сегмент од овој филм поединечно, од визуелноста, преку звукот, до изведбата и глумата, е во функција да извлече максимална дразба кај публиката. Па така, дури и најобичните звуци и шумови доаѓаат во вид на АСМР до нашите ушни школки. Камерата е секогаш од агол што го доловува аспектот на гледачот во ситуацијата во која би требало да се наоѓа и никогаш не е во статична позиција. Бравурозните актерски изведби на двете главни актерки во филмот, Деми Мур како Елизабет Спаркл и Маргарет Квали во улогата на Сју, се две половини од една целина, која се обврзува на искрена, несексуална голотија и многу различни физички и емоционални комплексни перформанси, кои ги изведуваат на врвно ниво. „Супстанција“ е спектакуларен приказ за борбата со самиот себе, во обидот да се преживее што подолго и да се покаже што повеќе од себе во светот на шоу-бизнисот.

Во „Супстанција“ Фаргит несомнено се служи со максимализам и шок како филмски елементи за да ги истакне своите поенти. Но цената да се биде воодушевен од овој филм е всушност да се прифати дека една жена би била подготвена да се стави себеси на седумдневна пауза, дозволувајќи ѝ на својата помлада и подобра верзија да парадира низ светот на шоу-бизнисот наместо неа. Но двете „јас“, покрај истото тело, за жал не го делат и истиот ум, па така ѕвездата во залез Елизабет Спаркл мора да седи дома пред ТВ-екранот, да јаде неконтролирано и да се досадува, додека нејзината двојничка со својата младост, убавина и шарм прекуноќ го освојува светот и стекнува огромен број обожаватели, учествувајќи на ревии, фотосесии и емисии за аеробик, кои го истакнуваат нејзиното младо згодно тело. Замислете ја жртвата во која Деми Мур (која на свои 62 години сѐ уште изгледа совршено), една од најубавите жени на светот, би морала да се пензионира, а во погон да ја пушти својата млада двојничка. Колкав е степенот на суровост на холивудската машинерија, која немилосрдно ги преџвакува и плука безживотните тела на своите искористени ѕвезди?
Кога за првпат ја запознаваме Елизабет, тоа е преку симболика. Гледаме монтажа на нејзината ѕвезда од Булеварот на славните, која е поставена скрупулозно, на почетокот сјајна, потоа, со текот на годините, бледнее и пука, игнорирана од туристите што поминуваат по неа, забележувајќи ја сѐ помалку и помалку. Потоа ја запознаваме вистинската Елизабет Спаркл, долгогодишна ѕвезда на шоу за аеробик, која и покрај нејзините години блеска во тесно трико за вежбање. Но тоа сепак не е доволно за нејзиниот шеф Харви, кого го глуми Денис Квејд. Тој е менаџер на студиото и е симбол на сѐ што е шовинистичко и грабливо во светот на успехот. Во својот светкав костум, чизми што ѕвечкаат, доловен преку кадри што се директно во неговото старо мрсно лице, гласно џвака додека јаде ракчиња, на начин што ќе ве натера никогаш повеќе да не јадете ракчиња. Неговиот призор уште повеќе згрозува со разговорот што на бескрупулозен начин го води со Елизабет. Тој ја отпушта од нејзината долгогодишна работа со образложение дека е премногу стара и дека на публиката ѝ треба „свежо месо“. Во панично бегство од оваа грозна сцена, Елизабет го удира својот светкав црвен автомобил затоа што вниманието ѝ го одвлекува големиот билборд на кој е нејзиниот лик. Но лицето ѝ е излупено. Во болницата таа се среќава со младиот блескав медицински асистент, кој ѝ става картичка со телефонски број и зборот „супстанција“, завиткани во белешка на која пишува „Тоа ми го промени животот“.

Сама во својот скап, блескав стан, полн со скапоцености од нејзиниот успешен живот како холивудска ѕвезда, со големи прозорци со поглед на градот, Елизабет ги крши светилиштата што ѝ ги подигнала на својата убавина, а потоа го повикува бројот што и го даде младиот доктор. Наскоро, таа добива нумерирана картичка по пошта. Таа добива насоки само до мистериозната валкана уличка, каде што на крајот од коридорот расфрлан со остатоци, во празна бела соба со многу шкафчиња е сместена и нејзината нарачка, убаво спакувана во скапоцена бела кутија, во која се наоѓа „супстанцијата“ што треба да ѝ го промени животот (таа се надева на подобро). Таа воопшто не се двоуми пред да го користи комплетот, кој доаѓа спакуван со голем број застрашувачки предупредувања. Секако, сексизмот и опседнатоста со убавината на нашата култура ги прават жените очајни за решенија. Но ова е и повеќе од застрашувачко решение.
Вшприцувајќи ја зелената течност од шприцот во своето одржано тело, таа се онесвестува. По кратка телесна агонија, од нејзиниот ‘рбет излегува Сју, оставајќи ја својата „матрица“ во локва од жолти и розови течности да чека до следната недела, кога повторно ќе се активира.
Сју веднаш ги добива симпатиите, како од гледачите така и од нејзиниот шеф, и веднаш ја добива работата на Елизабет, како нејзина замена. Работите се одвиваат како подмачкани. Сју е блескава, фантастична, извонредна. ТВ-публиката ја обожава! Се смешка и кокетира со камерите додека заводливо ги изведува аеробичните вежби, во розово латексно трико со големи засеци. Но кога неделата на Елизабет е на ред, работите и не се толку сјајни. Нејзината самодоверба е сѐ пониска, а кулминација добива во сцената во која таа се подготвува за излегување со својот бивш познаник од средно училиште, кој е очаен да излезе со суперѕвезда каква што е таа. Таа е сѐ понезадоволна од својот изглед во огледалото, а тоа ја доведува до хистерија.
Кога Сју неизбежно ги поместува границите на еднонеделното правило, земајќи неколку часа повеќе отколку што ѝ се доделени, последиците што се појавуваат на телото на Елизабет се шокантни. Сју сѐ повеќе и повеќе ги краде суштината, свежината и делото на својата матрица, доведувајќи ја до кошмарна трансформација што предизвикува бранови на гнев кај неа.
Конечната пресметка меѓу нив ја носи блескавата награда, главно ТВ-лице во новогодишната програма.


Процесот на природното стареење во „Супстанција“ е претставен одвратно. Туркањето на тој културен диктат до неговите најчудни крајности изгледа, во крајна линија, непотребно кога вистината е веќе доволно ужасна.
Од сценско-технички аспект, очигледно е дека Фаргит учела и многу научила од старите докажани филмски мајстори. Можеби „Супстанција“ не е револуционерно епско филмско дело како што е „Влез во празно“ на Гаспар Ное, или „Одисеја 2001“ на Стенли Кјубрик, но режисерката многу успешно се служи со елементите на овие големи мајстори, давајќи му на филмот шмек на ремек-дело. Психокамерата, дури и кога е статична, никогаш не е во здодевна позиција и секогаш нуди интересна перспектива, како онаа на Гаспар Ное. Фокусот секогаш е во средината на сцената, давајќи ѝ така совршен пресек и перспектива, елемент со кој често се служи Кјубрик. Дури и колоритниот спектар што е употребен личи на некое кјубриковско дело од типот на „Сјаење“. Звукот, визуелните ефекти и монтажата, пак, потсетуваат на спектакуларното филмско дело на Дарен Аронофски („Реквием за еден сон“). И покрај воздржаноста, која е видлива, сепак филмот изобилува со сајберпанк-моменти како во легендарниот „Изменети состојби“ на Кен Расел. Телесните хорор-моменти неодоливо заличуваат на оние од кошмарите на Дејвид Кроненберг („Видеодром“). Сепак, се чини, најблиски конекции може да се забележат со еден од најбруталните филмови на сите времиња кога станува збор за телесниот хорор. Станува збор за кошмарната хорор-сатира на индонезискиот режисер Брајан Јузна позната под името „Општество“, која, за жал или за среќа, е длабоко скриена од очите на просечниот филмски гледач во правливите колекции на најтврдокорните обожаватели на хорор. Сѐ на сѐ, за „Супстанција“ може да се каже дека е филм што со проверена формула експресно се наметна како инстант класик.
Сепак, и покрај многубројните суперлативи и пофалби што ги доби од реномирани филмски критичари, несомнено „Супстанција“ наиде и на одреден отпор кај дел од филмската јавност. Имено, филмската критика педантно успеа да најде празнини во овој концепт, етикетирајќи го како површно истражена тема, филувана во бизарен колоритет. Прво, во однос на Елизабет Спаркл, која ја игра фасцинантната Деми Мур, нејзиниот лик немаше апсолутно никаков развој на карактерот од самиот почеток до крајот. Буквално многу малку успеавме да дознаеме за неа, иако беше во центарот на случувањата. Освен дека е опседната да ја задржи својата младост, режисерката речиси и не ни даде некоја позначајна информација за неа и нејзиниот живот. Освен тоа, таа е целосно лишена од сѐ што личи на личност. Нема хумор. Нема конкретни манири. Нема ништо што ѝ дава трошка незаборавност. Потоа доаѓа нејзиното помладо алтер его Сју (ја игра Маргарет Квали), на која еднакво и недостига личност, надвор од бескрајното самозадоволство од нејзиниот младешки изглед и сексапил. Секој лик во овој филм се чувствува како наративен уред, а не како поединец што рационално дејствува во светот што го создале филмаџиите.
Второ, непростливите празнини во сценариото на моменти дејствуваат фрапантно и неверојатно аматерски во однос на целиот преостанат труд. Како на пример тоа дека најнапредното медицинско остварување за антистареење на денешницата, кое е достапно само за богатите, навидум бесплатно, сепак се дистрибуира во мала валкана уличка во некое ќоше од големата врева. Потоа, иако главната премиса на филмот е дека ликот на Мур се подели на две тела, таа сепак е со еден ум и една цел. Тоа е единствената причина за да го жртвува здравјето на своето старо тело и да може повторно да го доживее животот како атрактивна млада жена.
Но, како што тече приказната, станува очигледно дека тие всушност не ги доживуваат животите една со друга на ист начин или барем драстично се разликуваат нивните гледишта за животот, иако станува збор за една личност. Што значи дека постарото јас на Мур има апсолутно нула добивка од користењето на супстанцијата, и во социјалниот статус и во личното искуство. Напротив, таа назадува повеќе отколку кога не би го користела производот. Сепак, овој податок оди во прилог на приказната и наративот на режисерката, па донекаде се простува.
Но, како што матицата (Елизабет Спаркл) постепено станува сѐ поснеможена, таа буквално мора да ползи за да стигне од едно до друго место, за во наредната сцена магично да добие сила и да води исцрпувачка борба гради во гради со младата и полна со живот и енергија Сју.
И можеби најголемиот гаф во сценариото, направен намерно или ненамерно, како е можно никој да не го забележи максимално деформираното суштество (третата верзија – еден од најгрозните прикази досега прикажани во историјата на филмот), додека поминува низ мноштво луѓе задолжени за редот? Па, парадоксот оди дотаму што дури еден од нив ѝ отвора врата и ѝ се обраќа со зборовите „Те чекавме“, па сѐ до моментот на појавувањето на бината.
Дали можеби Корали Фаргит претера со настојувањето за холивудски крај? Дали можеби крајот ќе беше многу поефективен доколку овој филм завршеше дваесетина минути порано? Или мораше да се финишира со брутален крај, кој потсетува на култниот „Кери“ на Брајан де Палма? Мислењата ќе останат поделени, а полемиките ќе продолжат понатаму. Едно е јасно, „Супстанција“ е филм што крена многу прашина и ја размрда мамурната хорор-публика.
Заклучокот од сето тоа е дека „Супстанција“ длабоко се покорува и им се додворува на младоста и сексапилот, ставајќи го на пиедестал, наспроти стареењето, кон кое покажува дрска одбивност и гадење. Овој филм успеа да ја постигне целта (се надеваме дека била таа), а тоа е да биде крајно одвратен и шокантен (во неговата втора половина), во што огромен удел има аниматроничкиот тим, тимот за протетска шминка и одделот за специјални ефекти и звук. Тие, секако, ја постигнаа својата цел.