Режисерот Фатих Акин одлично соработувал со актерите за да создаде чувство на автентичност и топлина во нивната авантура. Тој успева добро да го искористи тој непријатен период на адолесценција, при што ниту Маик ниту Цик навистина не се сигурни кои се или што сакаат од својот живот

Рецензија за филмот „Збогум Берлин“ („Цик“)

Зборувајќи за филмови во кои главна тема е преминувањето од тинејџерски години во полнолетство, можеме да се присетиме на многу филмови што со задоволство сме ги гледале во детството. Овие филмови многу влијаеле врз развојот на многу тинејџери. Како временски период што е многу суптилен и чувствителен за секој млад човек, овие филмови се трудат на најприроден и отворен начин да предочат одредени проблеми со кои се соочува секоја млада личност. Многумина ќе се присетат на некои легендарни наслови што нѐ следеле низ нашата младост, како на пример, „Рајски суштества“, „Друштво на мртвите поети“, „Приказни од западната страна“, „Џуно“ и многу други. Но верувам дека малкумина ќе се сетат на „Збогум Берлин“, заборавениот бисер на култниот германски режисер со турско потекло, Фатих Акин.
Во богатиот филмски опус на Акин, многумина ќе ги препознаат насловите како што се „Со главата низ ѕид“, „Избледување“, „Кујна на душата“, „Работ на рајот“ и многу други безвременски филмски хитови за кои Акин има добиено голем број номинации на најреномираните филмски фестивали, како и голем број награди и признанија низ годините.
Сепак филмот „Збогум Берлин“ (или со работен наслов, едноставно „Цик“) од 2016 година помина незабележано од публиката и може да се каже дека неоправдано беше изоставен и потценет.
Адаптиран од најпродаваниот роман „Зошто ја украдовме колата“, „Збогум Берлин“ е чудна, но многу топла и искрена германска комедија за полнолетството.
Оваа тинејџерска авантура во режија на Фатих Акин навидум е како и секој тематски филм за созревањето. „Збогум Берлин“ навидум по ништо не се разликува од другите холивудски филмови посветени на овој временски период, но во овој филм е претставена таа култура од една сосема друга перспектива. Имено, европската и, пред сѐ, германската култура кај младиот човек во голем дел се разликуваат од онаа американската, па така, тоа е она што овој филм на Акин го прави уникатен и единствен.
Оригиналниот наслов „Цик“, всушност, е името на еден од главните ликови во филмот. Но ако се погледне приказната, во фокусот е сосема друга личност, односно младиот Маик (Тристан Гобел), додека Цик (Ананд Батбилег Чулуунбатар) всушност е споредна главна улога. На овие двајца јунаци во нивните авантури подоцна им се приклучува и Иса (Мерцедес Мулер).

Маик Клингенберг е младо момче од Берлин, кое во својата околина е мошне незабележително и срамежливо. Неговата мајка е алкохоличарка, а неговиот татко, кој е посветен на работата, не е заинтересиран за својата фамилија. Тој се чувствува прегазен од своите врсници. Капката што ја прелеа чашата беше моментот кога тој не доби покана од Татјани (Анија Вендел) за нејзината голема летна роденденска прослава. Маик се чувствуваше очајно и отфрлено. Во тој момент, во неговото училиште се појавува мистериозно ново момче од Русија. Неговите родители се како и тие на Маик, преокупирани со сопствените проблеми (едниот на рехабилитација, другиот во голем бизнис). Една случка во училишниот двор го изненади Маик. Имено, како и секое училиште така и ова на Маик имаше свој локален насилник. Тој без размислување, со својата придружба, му се нафрли на новото момче, кое изгледаше крупно и силно, но сепак неговиот изглед не влеваше голема надеж. Тој беше запуштен, неговата облека беше стара и безимена. Исто така имаше и многу лоша фризура. Но пресвртот беше многу неочекуван. Наместо да подлегне на притисокот на локалниот насилник, Цик многу лесно ги совлада и стана херој во очите на Маик, кој со години трпеше тортура.
Веќе во наредната сцена, Маик и Цик со украдената „лада нива“ тргнуваат на авантура што ги води надвор од Берлин. Оваа нивна заедничка авантура ќе ги научи многу важни животни лекции, а на тој пат тие двајцата ќе станат вистински пријатели.
Оваа забавна и слатко-кисела авантура, која се одвива низ германските околни села на Берлин, ја пресликува целата хемија помеѓу двете деца. Тие имаат лесен однос, кој се гради додека се врзуваат за нивните нефункционални домашни животи и тешкотии да се вклопат каде и да се. Ништо големо не се случува, освен неколку средби со локалната полиција и селско семејство, кое ги кани на нивната фарма на ручек и импровизиран квиз, во кој тие не можат да одговорат на многу прашања. Сценариото оди по линија на формула, иако има доволно комедија за да се задржи свежо.

Авантуристичкиот пристап беше само концепт, но приказните создадени околу него беа многу убави. Како дел од многу мини-епизоди, секогаш кога ќе се сретнат со новите луѓе, новите места. На половина пат беше претставен третиот лик. Тоа беше моментот кога „Збогум Берлин“ го доживува својот врв. Иса (Мерцедес Мулер) е млада парталава девојка со прекрасни сини очи, која собира пари за да се врати во Прага. Помагајќи им да украдат бензин, таа со својот слободен и полетен дух веднаш се вклопува во нивното друштво. Иса, иако малку постара од нив, им се приклучува во нивните урнебесни авантури и станува дел од друштвото. Во тие неколку дена надвор од дома кај Маик се развиваат искрени чувства кон Наталија.
Режисерот Фатих Акин одлично соработувал со актерите за да создаде чувство на автентичност и топлина во нивната авантура. Тој успева добро да го искористи тој непријатен период на адолесценција, при што ниту Маик ниту Цик навистина не се сигурни кои се или што сакаат од својот живот. Пресметката на Маик со Иса (Мерцедес Мулер), девојка во потрага по сопственото јас, е пријатна по тоа што го потсетува на неговиот интерес за спротивниот пол, иако е љубопитно недоволно развиен. За жал, Мулер не дозволи можност да остави голем впечаток. Двајцата актери, сепак, се повеќе од способни млади ѕвезди. Гобел добро го носи филмот, а Батбилег е доволно неумешен за да ја додаде севкупната мистериозна природа на неговиот лик, чија мината историја е оставена да лебди во воздухот, не оставајќи доволно впечаток кај Маик за да го промени на суптилен начин.
„Збогум Берлин“ има тенденција да ги прикаже особините на полнолетството такви какви што навистина се. Комедијата во филмот е толку срдечна и оригинална што на крајот сакате овој филм и нивната авантура никогаш да не завршат. Оваа адаптација на книга нема намера ниту да се допадне ниту да восхити. Таа е прекрасна каква што е, ненаметлива и тивка.