Видеотека: Рецензија на првиот долгометражен филм на режисерот Томас Винтерберг

  • Филмот е истовремено и историски пресврт во европската кинематографија. Тој е првиот реализиран филм според принципите на Догме 95, манифестот што Винтерберг го формулира заедно со Ларс фон Трир, со цел радикално да се исчисти филмскиот израз од техничка гламурозност, жанровски трикови и манипулативни емоционални ефекти. Но „Забавата“ е важен не само затоа што ги почитува овие правила туку и затоа што покажува зошто тие се нужни: за да се стигне поблиску до човечката вистина, без посредници и олеснителни околности

Постојат филмови што не се обидуваат да нè освојат, туку да нè соочат. Филмови што не нудат визуелно задоволство, туку емотивна нелагодност поттикната од суровоста на вистината, и токму во тоа ја пронаоѓаат својата вистинска сила. „Забавата“ („Festen“) од 1998 година, дебитантскиот долгометражен филм на данскиот режисер Томас Винтерберг, е едно такво дело – филм што влегува во срцето на семејната интимност не за да ја романтизира, туку за да ја разоткрие како простор на молк и манипулации, соучесништво и систематско потиснување на вистината. Гледањето на „Забавата“ не е лесно искуство, но е искуство што останува, како сеќавање што не можете лесно да го оттурнете од вашето сеќавање.
Филмот е истовремено и историски пресврт во европската кинематографија. Тој е првиот реализиран филм според принципите на Догме 95, манифестот што Винтерберг го формулира заедно со Ларс фон Трир, со цел радикално да се исчисти филмскиот израз од техничка гламурозност, жанровски трикови и манипулативни емоционални ефекти. Но „Забавата“ е важен не само затоа што ги почитува овие правила туку и затоа што покажува зошто тие се нужни: за да се стигне поблиску до човечката вистина, без посредници и олеснителни околности.
Во поширокиот контекст на кариерата на Томас Винтерберг, „Забавата“ може да се чита како темел на неговата авторска преокупација. Подоцна, во филмови како „Лов“ и „Уште една рунда“, режисерот повторно ќе се навраќа на темите на колективната осуда, моралната хистерија, кревкоста на заедницата и тенката линија меѓу слободата и контролата. Освојувањето на „Оскар“ за „Уште една рунда“ и признанијата од најважните европски фестивали само го потврдија неговиот статус како автор што умее да комбинира длабока општествена анализа со силна емотивна резонанца. Сепак, „Забавата“ останува неговиот најрадикален филм – најнепосреден, најбезмилосен и најмалку заинтересиран да биде „прифатлив“.
Содржината на филмот е едноставна до степен на баналност: богато данско семејство се собира во семејниот хотел за да го прослави шеесеттиот роденден на таткото, Хелге (Хенинг Морицен). Атмосферата е онаа на уредена буржоаска хармонија, со чести наздравувања, насмевки и внимателно одржуван ред. Сè изгледа како совршено организирана прослава, сè додека најстариот син, Кристијан (Урлих Томсен), не го земе зборот. Наместо очекувана честитка, тој изнесува обвинување за долгогодишно сексуално малтретирање од страна на таткото, зло што го делел со неговата сестра близначка, која неодамна извршила самоубиство.

Од тој момент „Забавата“ престанува да биде приказна за едно нормално семејство и станува студија за реакцијата на заедницата кон вистината. Винтерберг не се задржува на шокот, ниту на експлицитноста, туку на механизмите на негирање. Највознемирувачкиот аспект на филмот не е самиот чин на насилство, туку фактот дека забавата продолжува. Гостите пијат, јадат, се смеат и се обидуваат да го вратат редот, како да станува збор за непристоен говор, а не за морална катастрофа.
Тука лежи суштинската анализа на филмот: семејството не е прикажано како засолниште, туку како институција за прикривање. Секој лик, свесно или несвесно, учествува во одржувањето на колективната лага. Мајката молчи, роднините релативизираат, а домаќинот ја користи својата позиција на авторитет за да ја неутрализира вистината. Кристијан, пак, не е класичен драмски бунтовник. Тој е тивок, речиси рамнодушен, но неговата упорност да ја повторува вистината ја разјадува структурата на лагата. Винтерберг јасно покажува дека вистината ретко победува со еден херојски чин – таа мора да се изговори повеќепати, затоа што системот е дизајниран да не ја слушне од првпат.
Стилски, „Забавата“ функционира како напад врз комфорот на гледачот. Рачната камера, нестабилните кадри, природното осветлување и отсуството на музика создаваат чувство на документарна присутност. Камерата не суди, не ублажува и не се повлекува. Таа е наметлива, понекогаш дури и непријатна, како несакан сведок што одбива да си замине. Техничката „несовршеност“ не е слабост, туку морална позиција: реалноста е валкана, хаотична и без јасна композиција, и филмот одбива да ја разубави.

Сценариото, напишано од Винтерберг и Могенс Руков, е исклучително прецизно во својата воздржаност. Наместо големи објаснувања, тука доминираат паузи, погледи и незгодни тишини. Дијалогот често е банален, но токму таа баналност ја открива длабочината на проблемот: злото не се крие зад патетични говори, туку зад секојдневни реченици и учтиви гестови. Режијата не нуди класична катарза; правдата не доаѓа како спектакл, туку како тивко поместување на рамнотежата, доволно за системот да почне да пука.
На крајот, „Забавата“ останува филм што не простува и не утешува. Тој не нуди лесен морален заклучок, туку поставува прашања што продолжуваат да одекнуваат и по завршувањето. Што правиме кога вистината го загрозува нашиот комфор? Колку сме подготвени да жртвуваме за да продолжи славењето? Со овој филм, Томас Винтерберг не само што ја редефинираше формата туку создаде дело што функционира како морално огледало. „Забавата“ нè потсетува дека најголемите скандали не се оние што се случуваат зад затворени врати, туку оние што колективно ќе бидат премолчени.