„Врати ја“ е филм со големи претензии, но без доволно кохезија за да ги исполни очекувањата од неговиот претходник. Иако има поединечни блесоци – особено во изведбата на Сали Хокинс и во некои визуелни сегменти – како целина изгледа незрело, хаотично и претенциозно. Наместо да биде следниот голем хорор-хит, филмот најверојатно ќе остане запаметен како амбициозно промашување

Рецензија

Еден од филмовите што предизвикаа најмногу внимание во тековнава година секако е филмот „Врати ја“, на режисерското дуо Дени и Мајкл Филипу. Љубителите на овој филмски жанр со нетрпение го очекуваа новиот филм на браќата Филипу, особено по нивниот впечатлив прв филм „Зборувај со мене“, кој наиде на многу позитивни критики кај филмските фанови. Браќата Филипу инсистираа дека нивниот нов филм ќе направи неколку чекори напред во однос на бруталноста и хорор-секвенците и дека ќе биде големо напредување во однос на нивниот претходен филм. Но дали тоа навистина е така? Што всушност се случи и дали нивниот најнов филм ги оправда овие нивни процени и, најважното, дали „Врати ја“ навистина успеа да ја шокира публиката?
Филмот дебитираше на 29 мај 2025 во Австралија и на 30 мај во САД, а вниманието низ светот го привлекол по оценките што ги доби од релевантни критички портали. На пример, „Врати ја“ ужива оценка од 89 отсто на „Ротен томатос“ врз основа на над 200 критики, со консензус дека овој филм е најдобар хорор-филм за 2025 година. На најреномираниот филмски портал „Имдб“ овој филм има релативно висока оцена од 7,2, а во коментарите од гледачите ќе наидете на голем број одобрувачки критики.
„Врати ја“ е хорор, чија атмосфера е многу поразлична од онаа на претходниот филм. Тоа, само по себе, не би влијаело неизбежно на целокупната перцепција, но во ова дело беа направени неколку навистина сериозни пропусти за новиот хорор да ги оправда очекувањата на оние што му дадоа висок рејтинг на првиот филм. Всушност, овој филм изгледа доста аматерски во однос на претходниот, и покрај фактот дека филмот е гледлив, го задржува вниманието и има некои навистина впечатливи жанровски морбидни сцени. Но додека „Зборувај со мене“ е јасно насочен кон тинејџерска хорор-емоција, овој филм нема јасно профилирана целна група, а тоа е сериозен пропуст, па така, со овој филм ниту тинејџерите се оние што ќе бидат среќни ниту постарите фанови на хоророт ќе бидат фасцинирани.
„Врати ја“ е австралиски надреален психолошки хорор од копродукциски проект на две австралиски продукциски куќи („Козавеј филм“ и „РакаРака“). Филмот го напишале Дени Филипоу и Бил Хинцман, а во главните улоги се Били Барати (Енду), Сора Вонг (Пепер), Џона Врен Филипс (Оливер) и Сали Хокинс (Лора).
Енди и Пајпер се полубрат и полусестра, чиј заеднички татко сега починал, па затоа се преселуваат во ново семејство, кај поранешната социјална работничка Сали Хокинс. Во меѓувреме, Енди (Били Барат) има проблематично малолетничко досие, додека Папер е тинејџерка со оштетен вид. Сали е апсолутно посветена жена, грижлива и внимателна на прв поглед. Но таа крие ужасна тајна – нејзината ќерка починала кога била на иста возраст како сега посвоената Папер. Покрај тоа, тука е и мистериозниот братучед Оливер, кој воопшто не зборува и се однесува чудно, па Сали мора да го држи претежно заклучен во собата. Односот меѓу протагонистите станува сè понапнат како што напредува филмот, на крајот ескалирајќи во морничавото сознание за намерата на Сали да ја врати во живот нејзината вистинска почината ќерка, со чуден и генерално необјаснет ритуал.

Вака раскажаниот заплет можеше да биде причина за интересно продолжение, доколку режисерите не инсистираа на апсолутно непотребни моменти, кои сами по себе се недостојни за сериозно сценарио. Така, покрај веќе споменатиот необјаснет морбиден ритуал на враќање на мртвите во живот, неколкупати сме сведоци и на тоа дека Сали гледа некои чудни видеокасети на кои се гледа како луѓе ужасно мачат други луѓе (жени), ги бесат и ги јадат, и сето тоа со титли на руски јазик, веројатно сугерирајќи дека Русите се виновни за сè и така сакајќи да ја сатанизираат оваа нација на еден смешен и недостоен начин. Улогата на момчето Оливер, со крваво црвени очи, кое во својата изменета свест ужива во гнасно самоосакатување, предизвикувајќи евтино емоционално гадење кај гледачот. Истото момче целосно полудува од болка кога Енди го влече преку кругот од вар што ја опкружува куќата каде што живеат сите, без да знаеме зошто кругот воопшто постои и каква функција воопшто има.

Освен овие епски пропусти, „Врати ја“ има дел од атмосферата потребна за успешен хорор. Но, едноставно кажано, наведените аномалии во приказната и инсистирањето на непотребни брутални сцени што немаат објаснување, целосно го уништуваат искуството, пред сè класифицирајќи го ова дело во потребата да се игра на првата топка со морничави сцени и целосно да се замаглат недоследностите во она што би можело да се нарече сериозно раскажување.
Филмот во некои моменти страда од преголема стилска амбиција на сметка на структурна јасност и емотивен развој. Тој е исклучителна визуелна и звучна летаргија – но ова може да го направи незадоволувачки за гледачи што бараат помирна или повеќе објаснета нарација.
Можеби ова е доволно за некого, но жално е што браќата Филипу не го искористија потенцијалот на сè што е замислено до максимум, туку направија брзоплет хорор-филм што е нецелосен. Oна што се очекуваше да биде еволуција на современиот хорор, на крајот се покажа како преголема амбиција што не е поддржана со јасна наративна структура. Очигледно е дека режисерите сакале да создадат филм што е и уметнички и комерцијален, па на крајот не успеале во тоа. Наместо фокусиран хорор, добивме хаотична мешавина: дел психолошки трилер, дел надреален арт-филм, дел телесен хорор. Резултатот е конфузен производ што не го задоволува ниту љубителот на забавен хорор ниту оној што бара интелектуално длабок филм.
„Врати ја“ е филм со големи претензии, но без доволно кохезија за да ги исполни очекувањата од неговиот претходник. Иако има поединечни блесоци – особено во изведбата на Сали Хокинс и во некои визуелни сегменти – како целина изгледа незрело, хаотично и претенциозно. Наместо да биде следниот голем хорор-хит, филмот најверојатно ќе остане запаметен како амбициозно промашување.