Кон филмот „По Лусиа“ од 2023 г. на Мишел Франко
Септември е месец во кој учениците се враќаат во клупите и започнуваат нивните училишни обврски. За многу ученици овој ден е радосен. Но не се сите среќни кога ќе го чујат училишното ѕвоно. Врсничкото насилство како тема сѐ повеќе зазема простор во современиот живот, а многу од децата не се способни да се справат со овој „феномен“. Можеби единствената позитивна работа кога станува збор за оваа негативна појава е тоа што во последно време сѐ повеќе гласно се зборува на оваа болна тема кај младите, се користат сите медиуми, како што се филмот, уметноста и музиката за да се допре до свеста на тие што можеби некогаш и несвесни за своите постапки, ги доведуваат до агонија своите врсници.
Тешко е да се гледа „По Лусиа“, а да не ве погоди мешавина на чувства предизвикани од него, како што се болка, вина, омраза и сожалување. И ова се само неколку што ги почувствував кога го гледав филмот. Барем за мене, филмот беше мошне ефикасен, главно затоа што сум бил сведок на ситуации како што е прикажана во филмот. Верувам дека многу луѓе ќе се пронајдат во улогата на Лусија и овој филм ќе ги натера да доживеат реоживување на тие болни моменти од минатото. Со тоа ќе се поттикне свеста за да се работи повеќе на овој проблем.
Приказната ги следи тинејџерката Алехандра и нејзиниот татко Роберто, кои се преселуваат во нов град по смртта на насловниот лик, односно мајката на Алехандра и сопруга на Роберто. Нивното преселување се чини како добар обид да се оддалечат од трагедијата и загубата што ја оживеале. Да се справат со неа, но и да почнат нешто ново. Нешто што ќе им даде сила и волја да продолжат со нивните животи. Во овој нов град, тој започнува да работи како готвач додека Алехандра почнува да оди на училиште. Роберто почнува да работи во ресторан, но неговото депресивно расположение и ненадејната нетрпеливост го спречуваат да има плодна соработка со соработниците. Наеднаш се откажува, но тоа не решава ништо, а тој почнува да жали за оваа избрзана одлука. Сеќавањето на неговата загуба продолжува да го прогонува. Сепак, не се откажува од обидите да ги скрие неговите депресии и гнев од неговата ќерка борејќи се со нив како што би се борел секој совесен родител.
За разлика од Роберто, изгледа дека Алехандра добро се согласува со новите соученици и неверојатно брзо се интегрира. Тоа се врти кога на интернет ќе се објави филм на кој се гледа како таа е пијана и има секс за време на забава. Тоа предизвикува неверојатно количество малтретирање од страна на нејзините соученици, често до таква мера што желно сакате да го тргнете погледот. Но не можете, додека камерата е блиску до настанот.
Сè низ што поминува нејзиниот лик прави да се чувствуваме навистина лошо и немоќни, гледајќи го сето тоа и без капацитет да помогнеме. И тоа е дел од извонредната режија на Мишел Франко, која навистина го носи филмот. Ќе забележите дека речиси сите сцени имаат статична камера и целото дејство совршено се вклопува во кадарот. Ова ни дава моќни сцени, како онаа од патувањето во Веракруз, каде што можеме да видиме студенти како гласно викаат, други пушат марихуана, трети пијат алкохол и двајца момци зборуваат за нешто што еден од нив штотуку го направил во бањата. Дури и со сето ова што се случува на екранот, не можеме да престанеме да размислуваме за тоа што се случило надвор од него и тешко е да се каже што се случило во таа бања.
Камерата е секогаш далеку од актерите, обидувајќи се да нѐ оддалечи од нив. Со тоа ни оневозможува како гледачи да оствариме блискост со ликовите. Сепак, постои една сцена со крупен кадар во лицето на Алехандра, можеби за да се чувствуваме блиски со неа. Има само една сцена каде што се движи камерата, а тоа се случува кога Алехандра влегува во училницата и гледаме вртење од 180 степени, можеби во обид на Франко да ѝ каже на јавноста дека моментот кога девојката влегува таа соба, нејзиниот живот ќе добие сличен пресврт.
Режисерот, исто така, направил добар избор избирајќи ги Теса Иа и Хернан Мендоза за главните улоги. Кога се заедно, видлива е рамнодушноста што владее во нивната врска. Роберто секогаш се обидува да ги скрие своите маки од Алехандра, но кога е сам плаче и не поднесува да го вози автомобилот во кој почина неговата сопруга. Па дури и обидувајќи се да покаже љубов кон Алехандра, не успева во некои ситуации, како онаа кога ѝ го заборава роденденот, факт што не го пропуштаат нејзините таканаречени пријатели и ѝ приредуваат прослава и подарок, кој, за жал, никогаш нема да го заборави.
Да не беше крајот, кој ќе ги изиритира политички коректните, не би се двоумел во шоуто што таткото на Алехандра им го приреди за крај на некои студенти, обидувајќи се да ги натера да ја видат димензијата што може да ја достигне малтретирањето. Можеби многумина би ја обвиниле токму неа за сѐ што ѝ се случува, главно затоа што чинот што го започнува целото малтретирање е предизвикан од нејзината непромисленост. Но дури и знаејќи дека таа има одредена вина за сѐ што ѝ се случи, реакцијата што ја предизвика и одговорот што го доби беа крајно непропорционални.
Тешко е да се поверува дека сите млади актери се аматери без претходно искуство на сцена или филмски сет. Тие имаат значаен удел во постапката, било да е тоа колективно малтретирање на Алехандра или колективен молк кога наставниците ги испрашуваат за тоа што се случува. Момчињата и девојчињата играат еднакви улоги во малтретирањето. Тие покажуваат многу природен начин на однесување, дури и кога камерата е многу блиску до нив.
Колективниот начин на размислување, сите против еден, не е лесен за гледање. Ниту наставниците ниту родителите немаат идеја дека се случуваат загрижувачки работи. Се чувствувате сами со Алехандра. Бидејќи очигледно нема кој да ја спаси, сето тоа е многу вознемирувачко да се сведочи. Наставниците не се свесни, бидејќи овие ученици се доволно возрасни за да имаат потреба од постојан надзор и имаат многу простор да го пополнат своето време. Родителот (Роберто) не е свесен дека нешто лошо се случува со Алехандра. Како вљубена ќерка, таа ги презема сите напори да го заштити својот татко од какви било лоши вести, набљудувајќи го неговото депресивно расположение. Вклучувањето на наставниците и родителите во приказната се чини дека е задоцнето. Работите се толку излезени надвор од контрола што е речиси невозможно да се вратат во ред.
Неколку сегменти остануваат необјаснети и нелогични, можеби само за да се покажат депресивното расположение и расеаноста на Роберто и ништо друго. Најдобар пример е тоа што на почетокот на филмот гледаме дека тој дозволил целосно да го реставрира автомобилот на неговата сопруга по несреќата, за последователно да го остави некаде со клучевите внатре за да го продолжи своето патување пеш. На половина од филмот го гледаме истиот автомобил повторно уништен. Слични недоследности има и со работата на Роберто во ресторанот каде што тој прво работи, а потоа дава отказ, а подоцна продолжува да работи без логично објаснувања. Со оглед на сите работи, ова се ситни детали, кои не само што не пречат туку и му даваат на карактерот дополнителна тежина и го дооформуваат неговиот лик.
„По Лусиа“ е исклучително сурова драма. Ситуацијата од минута на минута станува од лоша до грда и без никој што може да понуди помош. Многу силна карактеристика на овој филм е тоа што на гледачот му дозволува да гледа што се случува од многу блиску. Се вклучуваш, сакајќи или не. Можеби најголем доказ за суровоста на оваа драма, која шокира со својата хиперреалност е фактот што при неговото прикажување многу од гледачите не дочекале да го догледаат неговиот крај и ги напуштиле салите предвреме. „По Лусиа“ е филм што долго нема да успеете да го заборавите.
Средствата со кои се служи Франко за да ги шокира гледачите ги оправдува целта, а таа е да нѐ поттикне да сочувствуваме, да работиме и да не бидеме неми сведоци на вакви настани. Во својот брутално реалистички стил Мишел Франко многу потсетува на легендарниот австриски режисер Михаел Ханеке. Тој навлегува длабоко во сржта на проблемот и директно, без обланда ѝ го сервира на својата публика. Освен овој филм, Франко e автор и на многу други филмови од кои „Зајдисонце“ од 2021 г. и „Меморија“ од 2023 година беа добитници на голем број награди и нoминации.