Во неговиот најнов филм, кој е насловен „Црна торба“, Содерберг се обидува да ни претстави една модерна шпионска мистериозна драма, во која улогите ги толкуваат ни помалку ни повеќе туку едни од најактуелните актерски имиња, меѓу кои главниот лик го толкува Мајкл Фасбендер, глумејќи го заводливиот таен агент Џорџ Вудхаус. Тука е и прекрасната Кејт Бланшет. Но наместо возбудлив шпионски трилер со многу акција, Содерберг создавал еден од оние филмови во кои најпрво е тешко да се влезе, но штом ќе стигнете на половина пат веќе не сте сигурни дали сакате да продолжите да го трошите своето време. „Црна торба“ е како мистерија за убиство, без убиство. По правило, филм во кој тајни агенти водат меѓусебни битки би требало да изобилува со акција, но овде нема да ја најдете. Сѐ што ќе најдете во овој филм се бескрајни разговори за кои нема да ви биде гајле

Осврт на најновиот филм на Стивен Содерберг, „Црна торба“ (2025)

Пред само две седмици се осврнавме на еден од последните филмови на режисерот Стивен Содерберг, насловен „Присуство“, а веќе во ова издание на „Кинонома“, можеби неочекувано, но повторно издвојуваме простор за неговиот најнов филм. Содерберг повторно е актуелен, овој пат со неговиот филмски хит „Црна торба“, кој својата премиера ја имаше на 14 март годинава. Многумина би се прашале зошто за толку кратко време двапати се осврнуваме на еден режисер, имајќи предвид дека неговиот претходен мистериозен трилер-хорор доби поделени критики од јавноста.
Мотивот е сличен како и за претходниот хит. За жал, Содерберг во последно време изгледа како да се навикна на правење лоши филмови. Но за некого можеби и тоа е еден вид уметност.
Во неговиот најнов филм, кој е насловен „Црна торба“, Содерберг се обидува да ни претстави една модерна шпионска мистериозна драма, во која улогите ги толкуваат ни помалку ни повеќе туку едни од најактуелните актерски имиња, меѓу кои главниот лик го толкува Мајкл Фасбендер, глумејќи го заводливиот таен агент Џорџ Вудхаус. Тука се и прекрасната Кејт Бланшет (која во овој филм, Фасбендер се погрижил да не изгледа толку прекрасно), потоа Густав Скарсгард, Наоми Харис и легендарниот Пирс Броснан. Имајќи ги предвид овие актерски имиња, но и буџетот од дури 50 милиони долари со кој беше снимен овој филм, многумина мислеа дека добивме уште еден епски блокбастер, кој ќе биде конкурент за најдобар филм на претстојните филмски фестивали. Но дали овие фактори се доволни за да ги дадат очекуваните резултати? Очигледно не. Наместо тоа, „Црна торба“ од своето појавување на филмските платна беше преплавен со лавина негативни критики, кои одеа и до исмевање. Овој филм лесно може да се најде и меѓу најлошите филмови годинава.
Во сижето, кое е исклучително тешко да се следи и кое доколку некој воопшто се заинтересира да го следи, разузнавачката агентка Кетрин Вудхаус (Кејт Бланшет) е осомничена дека ја предала нацијата. Нејзиниот сопруг Џорџ Вудхаус (Мајкл Фасбендер), исто така таен агент, се соочува со крајниот тест дали да биде лојален на својот брак или на својата земја. И сѐ ќе беше добро и интргинантно доколку оваа приказна останеше доследна на нејзиниот заплет. Но режисерот очигледно имал други (само нему јасни) планови за текот на сценариото.

Стивен Содерберг успеал да создаде еден од оние филмови во кои најпрво е тешко да се влезе, но штом ќе стигнете на половина пат веќе не сте сигурни дали сакате да продолжите да го трошите своето време. „Црна торба“ е како мистерија за убиство, без убиство. По правило, филм во кој тајни агенти водат меѓусебни битки би требало да изобилува со акција, но овде нема да ја најдете. Сѐ што ќе најдете во овој филм се бескрајни разговори за кои нема да ви биде гајле.
Колку е лош овој филм говори фактот што има толку многу да се напише за тоа што не се знае од каде да се почне. Но да тргнеме од самиот почеток.
Филмот започнува бавно и тешко е да се разберат акцентите во сцената на воведната вечера. Типичен филм на Содерберг, со ритам на филм од типот на „Единаесеттемина на Оушн“, но со многу помалку комедија и минимални пресврти. Бланшет и Фасбендер имаат минимална хемија, но можеби тоа беше повеќе од недостигот од развој на карактерот во сценариото. Појавувањето на Пирс Броснан во овој филм звучи неверојатно и личи на обично губење време. „Трошењето“ на актер од таков калибар во една таква минорна улога е скандалозно.
Да, на почетокот сѐ наведува на модерен Џејмс Бонд.
Но ова е шпионски трилер без возбудувања. Без Џејмс Бонд, без бркотници со автомобили, без гаџети. Снимен на локација во Лондон и снимен главно во затворен простор, во куќа и во канцелариски блок. Неговото темпо е бавно и останува такво во текот на целиот филм.
Но, покрај Броснан, во овој филм не се прослави ниту Кеј Бланшет. Таа обично игра високи драмски улоги со комплексни пресврти, и го прави тоа многу добро. Но во овој филм тоа не е случај.
Овде, таа навистина се вклопува во сивилото секојпат кога ќе се обиде да блесне. Мајкл Фасбендер добро се снаоѓа и тивко ја носи својата улога на таен агент, но не и одлично. Филмот е екстремно бавен и на моменти толку го пренагласува тој „претенциозно модерен живот“ што не ви остава друг избор освен да „излезете“ од него.
Стивен Содерберг, преку својот нов филм ни ја предочува можеби новата реалност за шпионските филмови. А тоа е филм во кој ништо не е јасно, има многу бесмислени дијалози, кои не водат кон никаква мистерија. „Црна торба“ е совршен пример за ваков филм на славниот режисер, кој е доста претенциозен и неподносливо досаден. Самиот квалитет на неизвесноста е низок, а еднодимензионалноста на ликовите е што работат со сложена терминологија, преправајќи се дека се паметни и лукави.
Доста е тешко да се објасни зошто овој филм, со неколку мажи и жени што седат околу маса за вечера и постојано си дрдорат, би чинел 50 милиони долари за да се направи. Постојат филмови во кои само двајца актери седат еден спроти друг и разговараат од самиот почеток до крајот, но никогаш не го губите фокусот. Но дијалогот во овој филм, со повеќе луѓе што разговараат меѓу себе, е толку многу неразбирлив што на крајот буквално го губите интересот, правејќи го „Црна торба“ можеби еден од најздодевните и најбесмислени филмови во последниве години.
На крајот, сумираните заклучоци за „Црна торба“ на режисерот Стивен Содерберг се следни: Имавме големи очекувања. Но тие остануваат неисполнети. Овој филм е многу, многу, многу здодевен. Многу малку акција. Наеднаш завршува без објаснување, оставајќи ви чувство на неоправдана недоумица и фрустрација за загубеното време. Одлична актерска екипа, но каде е заплетот? Нема идеја. Немате поим што се случува бидејќи дијалогот е толку шифриран. Заплетот, крајно проѕирен. Иако е видлива амбицијата на режисерот да создаде филм за „паметни“, сепак е видливо и дека линијата на заплетот не е сложена. Едноставно, овој филм ја промашува целта. Конечно, можеби Содерберг сакал да направи еден од оние филмови што би ги „гледале“ во друштво, со грицки и пијачка, а тој само би одел во заднина.
Наспроти лошиот квалитет на овој филм во секој поглед, на порталите и филмските платформи ќе наидете на голем број коментари што се полни со пофалби и одобрување за него. Но не дозволувајте овие коментари да ве излажат. Впрочем, филмот е толку лош што буквално неговиот лош квалитет е всушност и мотивот да се напише овој осврт.
Оценката од 7,3 на популарната филмска платформа „Имдб“ е исто така хистерично нереална. Овој филм функционира единствено доколку имате проблеми со несоница, во тој случај овој филм би бил вистинскиот лек. Во спротивно, не трошете си го времето.